Број 2099 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

КИЧ МИТОЛОГИИ
Simple table
ВЕНКО АНДОНОВСКИ

Не верувам дека демократија е да му кажеш на професорот дека е „тапа“
„Simple table” на англиски не значи ништо, иако и двата збора се англиски: „simple“ значи „прост”, „table” значи - маса. Синтагмата е бесмислена, создадена со буквален превод на македонскиот идиом „проста маса”. Ако ја изговорите пред англофон, ќе ве погледне како да не сте со сите. Примерот покажува дека не е доволно да го смениш рувото за да станеш умен. Може да ти се случи да бидеш ептен храбар и добар на зборови, ама бесмислен. Е, тоа се случи во последната емисија „Светла точка”.
Новинарите кажаа с` за таа несреќна емисија: „скандал”, „невоспитание”, „простотилак”, „ниско ниво на политичка култура”, „духовна беда”. Цинично смеење, дофрлање, вербален вандализам, препотентно однесување, насилничко спречување на соговорникот да одговори откако му е поставено прашање и слично. Лично јас, ја пишувам колумнава од многу посуптилни причини одошто да ги рангирам луѓето на „воспитани” и „невоспитани”, како што главно постапија медиумите. На ум ја имам опасноста демократијата да се преобрази во своја спротивност, доколку се продолжи така како онаа ноќ! Во фокусот ми е академското однесување меѓу луѓето со високо образование во политиката, но и воопшто. Ништо повеќе (никаква политизација!) и ништо помалку.
Цветан Тодоров, во книгата „Наслади и должности” говори токму за таквите заблуди по однос на демократијата. Во таа книга тој ја насетува гротескната можност некој да верува дека говори англиски со самото тоа што користи странски зборови, без да води сметка за смислата; да верува дека е демократ, а всушност да остане тоталитарец; да верува дека е благороднички културен, а всушност да остане – „simple table”. Тој таму говори за темната страна на студентските демонстрации во Париз, 1968 година, кога, нашки и повторно идиоматски кажано – „покрај сувото горело и суровото”. А имаше онаа вечер на „Светла точка” такво екстремистичко расположение да не му се признае на опонентот дури ни вредното, да му се запали и суровото покрај сувото! Да ве потсетам: во емисијата односот професор – студент (Бучковски - Ѓорчев) доби неподносливо мачна димензија кога студентот му рече на својот професор дека е „тапа за економија” и дека е „политички дилетант”. Не верувам дека демократијата е само „слобода” да му кажеш на својот професор дека е „тапа” и „дилетант”, или слобода да му влетуваш садистички на секој втор збор во зборот, со цел да го извадиш од кожа. Не верувам, затоа што сум го читал ова кај Тодоров:
„Таму, исто така, протестите беснееја под формата на една голема демагошка мисла што ја водеа личности кои немаа никаква научна и професионална заслуга, а кои се ставија на чело, во надеж да дојдат до некои потрајни привилегии во амбиентот на метеж. Генералните собранија се организираа по цел ден, а на нив се бараше самокритика од професорите! А кутриот мој Барт (светилникот на дваесетвековната теорија на литературата и тогашен професор на Тодоров – моја забелешка), кој навистина не беше мандарин, ни револуционер, беше мошне нерасположен пред тој наплив, тој жесток налет на жесток простаклак. Простаклак во галоп што освојуваше с`. Требаше да се преправа дека ги слуша сериозно тие будалести говори… Можеме ли да зборуваме за демократија кога таа би му ја доверила власта на незнаењето пред компетенцијата…? Тие (гневните студенти – моја забелешка) го критикуваа статусот професор, го ставаа под прашање самото постоење наставник во егалитарното начело на демократијата. Во тоа се состои демагогијата: демократијата убаво постава глобална правна рамка која подразбира дека сите граѓани имаат еднакви права, но тоа воопшто не ни допушта да се отстранат сите хиерархиски односи во општеството. Самото постоење на училиште почива врз таа нееднаквост: едни знаат, други не. Може да се расправа за модалитетите на таа хиерархија, но да се сака да се укине – тоа е интелектаулно дрдорење!” (Превод: Атанас Вангелов).
Според тоа: во знаењето, струките и занаетите нема демократија. И најголемиот демократ (да речеме дека по професија е математичар), нема да му дозволи на својот студент да верува дека во име на слободата е можно 2 + 2 да биде 5. Онаа вечер професорот и премиер сакаше да биде професор и премиер (да објасни), ама студентот брзаше да стане професор, можеби дури и премиер, па не му даде да дојде до збор (со тоа и нам, на гледачите, тоталитарно ни го одзеде правото да чуеме одговор!)
Важно е, најважно е во овој миг да се разбие заблудата дека сите сме еднакви. Е, не сме. И не треба да бидеме. Се откажувам од таа демократија која и мене и некој „simple table” н` става во ист кош. Па веројатно некој од нас е поумен: токму комунизмот ни тврдеше дека сите сме исти и во мислите! Луѓето ги делам само според умот. За крај, погледнете ја онаа реченица на Тодоров: “Демократијата убаво постава глобална правна рамка која подразбира дека сите граѓани имаат еднакви права…” Мислам дека реченицата не е целосна. Треба да се дополни, па да  гласи: „Демократијата убаво поставува глобална правна рамка која подразбира дека сите граѓани имаат еднакви права ДА БИДАТ ЕДНАКВИ”. Со други зборови, да имаат еднакви стартни услови да бидат еднакви. Сето друго е учење и зависи од индивидуалните способности, кои треба да н` разликуваат. Конечно, и воспитанието е знаење. Се учи како да се биде воспитан (иако и со тоа не треба да се претерува, признавам!)  Тоа, знаењето, недостигаше онаа вечер на „Светла точка”: знаењето и не е ништо друго освен свест за разликите и хирерахијата. Во која друга земја можеш така да го седнеш премиерот (не е важно името на премиерот, важна е функцијата), да бидеш на „ти” со него, да го извлечеш од кожа, речиси да го пцуеш и за тоа да не одговараш никому? Затоа и се случи таа антологија на нашиот, македонски срам, која јас ја насловувам со претенциозен, „англиски” наслов: SIMPLE TABLE.
Се случи тоа, како и сето грдо воопшто земено, од незнаење.
(Авторот е професор
на Филолошки факултет)
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани