Број 2099 понеделник, 16 октомври 2006


  Едиторијал

   

 

Илинденски рани
Виктор Цветаноски

Илинден, најголемата македонска гордост и најболната историска рана деновиве, по повеќе од еден век силно ја бранува македонската јавност. Без разлика на тоа што сега, кога сите погледи се свртени кон демократска Европа и треба повеќе да говориме за иднината, непотребно одново мора да се враќаме кон минатото, за кое, очигледно, на Балканот има различни видувања.
Бугарскиот премиер Сергеј Станишев дојде во Скопје и, меѓу другото, побара заедничка прослава на Илинден, нешто што најверојатно треба да ~ донесе некакви нови поени на неговата држава пред  Европа сега кога се наоѓа на нејзиниот праг. Меѓутоа, тој за возврат не понуди ништо во духот на  современите европски процеси, не кажа барем еден добар збор за тамошните Македонци.
Пораката што му ја испрати Стразбур околу гревот што беше направен со забраната на ОМО „Илинден“ - ПИРИН ја префрли на судовите кои и натаму продолжуваат да спроведуваат политички директиви кон македонските партии. Станишев за Македонците во Бугарија остана на истиот тврд став што можевме да го слушнеме од  неговите претходници, нешто што не може да се протолкува поинаку, освен како нивно негирање. 
Станишев, ако ништо друго, можеше во името на бугарската држава да се извини за злосторството што го направија бугарските фашистички власти кон македонските Евреи кога ги испратија во Треблинка или, пак, да отиде да се поклони пред споменикот на убиените ваташки момчиња.
Ако една држава сака да биде почитувана од друга, таа мора да ги почитува нејзиниот национален идентитет и нејзиното минато. А тоа Станишев не го покажа во Скопје. Бугарија и овој пат ја испушти шансата да ~ покаже на Европа дека  размислува европски за надминување на недоразбирањата од минатото. Напротив, нејзиниот премиер уште еднаш ја отвори македонската рана Илинден.
Посебно е прашањето колку навистина бугарската држава има право да го слави Илинден. Историските факти се несоборливи и говорат дека востанието е чисто македонско, дигнато од рајата која живеела на македонските простори.
Во тоа време бугарското кнежевство ќе презема с` тоа да не успее. Македонската револуционерна организација до крај ќе опстојува на тоа востанието да биде дело на самите Македонци и ќе се бори против мешањето на Бугарија, зашто ќе биде свесна дека таа сака Македонија да ја присоедини кон неа. Така, ВМРО ќе биде присилена истовремено да води борба и со Турците и со врховистичките чети формирани од бугарската држава. Посебна приказна е однесувањето на тогашните први луѓе на кнежеството во деновите додека востаниците крвавеле и кога гореле македонските села. Тогашните хроничари ќе запишат дека кнезот Фердинанд организирал турнеја по Европа, а во државата се водела лута предизборна кампања за новиот парламент. Софија нема да испрати ниту една нота до турската држава, нема да организира ниту еден протест да ги осуди тортурите врз македонското население по поразот на востанието. Сигурно денес во Бугарија има многу луѓе што имаат право да го слават Илинден, зашто тој е и нивни ден. Тоа, пред с`, се однесува на потомците на тие што ги напуштиле разурнатите огништа и запалените македонски села и пребегнале преку граница, но не и бугарската држава.
Но, тоа не значи дека несогласувањата околу историјата треба да бидат причина двата народа да се мразат и да не воспостават уште подобри односи. Уште повеќе поради тоа што демократска Европа нема да ги толерира балканските предрасуди и да остави минатото и натаму да продуцира зла крв. Меѓутоа, ќе треба да помине многу време, да протечат многу води за да се надминат вековните заблуди. Тогаш и тоа што сега ни се случува околу Илинден нема да го доживуваме толку болно.
Премиерот Владо Бучковски очигледно сака да демонстрира демократски и европски манири кога се согласи за заедничка прослава на востанието. Меѓутоа, тоа мораше да го побара и од својот колега Станишев. Вака, премиерот Бучковски излезе политички наивен и не предвиде колку длабоки рани отвораат идеите за заедничко прославување на Илинден, без притоа Бугарија да го направи потегот што одамна го очекува македонската јавност. 
��оа на еден македонски премиер не треба да му се сличи.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани