Број 1627 понеделник, 16 октомври 2006


  Приказни-чар

   

 

Лошаци и добраци
Жарко Кујунџиски

"Отпишаните" е една од сериите во кои ликовите се строго поделени во две фракции од кои едните се етички етикетирани како добри, а другите како лоши. Така е и во бајките, потоа и во акционите или вестерн-филмовите. Однапред знаеме кој е неранимајко, кој ги прави сите лоши работи, кој има скриени, зли, изопачени мисли, кој е волкот. Од друга страна, со заврзани очи можеме да одредиме кои се "мечињата со добро срце", кој ги спасува потенцијалните жртви, овчички, кој ги открива и елиминира негативците, кој е бранител на правдата, законите, хуманоста, моралот.

Во оваа култна ЈУ-серија тие два спротивставени табора се отелотворени во партизани и Германци (т.е. фашистите од Втората светска војна). Кога ние седиме и ги гледаме епизодите (прв пат или кој знае кој пат) речиси и нема сомнение на која страна се приклонуваме, кои се во нашите очи "ослободителите на Скопје", а кои се сомнителните типови. Кога бев мал ги нарекував ваквите две класи на класично подредени книжевно-филмски ликови "лошаци и добраци".

Како некој кој отсекогаш зависел од седмата уметност, многу лесно се "убацував" во филмовите што ги гледаа мајка ми, братучед ми или сосетките. Бидејќи синеастичкиот избор на нашите телевизии редовно беше оскуден, стануваше збор главно за просечни продукции. Затоа доволно беше да прашам: "кој е лошиот" или "кој е добриот", мајка ми да ми одговори "тој со коњот" или "со големата шапка", и веќе сў ми беше јасно. Можев мирно да се повлечам во својата фотелја и да ги истрпам како гледач сите замрсени конци, сите перипетии и заплети, зашто знаев дека на крајот ќе триумфира или фраерот со големата шапка или типот со шмекерски очила за сонце.

Делата што поставуваат ваква шаблонска бинарност на ликовите најчесто не се со висока уметничка вредност, ги делат работите како боите на шаховска табла, а тоа е блиско на детскиот начин на размислување. Повеќето од нас, порано играле партизани и фашисти, каубои и Индијанци, Руси и Американци, добри и лоши. И, тогаш се знаеше. Иако не облекувавме униформи, иако со прстите не можевме да исфрламе куршуми, ниту постоеја вистински стрелачки водови, речиси сите сакаа да бидат партизани. Со каубоите и Индијанците беше малу потешко. Од една страна, она што го добивавме како снимен материјал ни кажуваше дека каубоите се умешни револверисти, ги добиваат убавите девојки и знаат да јаваат коњи. За едно машко дете што е поважно од тоа? Оружје, жени и коли!

Од друга страна, тука беа Индијанците. Тие немаат пушки, но имаат томахавки, сквоа, уште побесни коњи, раскошни перјаници, борбени бои, бешумни нозе... Дополнително се вклучуваше и димензијата која повеќе усно, колоквијално се пренесуваше меѓу нас, децата, и која велеше дека доселениците свирепо и масовно ги уништувале невините индијански племиња. Добро, велеа други, но Индијанците бездушно одземале скалпови. И така натаму. Сў се сведуваше на тоа да се избере меѓу некој полугол, исцртан маж со нож меѓу забите или Клинт Иствуд, т.е. Џон Вејн со мамузи, ресести панталони и пура која во еден потез на забите ја префрла од едниот до другиот крај на устата.

Фактички, во сите овие поделби, сосема е неможно да го гледаме светот апсолутистички црно-бело. Не можеме да кажеме дека постојат народи-лошаци и народи-добраци. Дека едните носат зло на Земјината топка, а други без престан се борат саде за светски мир, човекови права и добросостојба. А дали тоа значи дека денес ни е далеку потешко да пееме "црно-бјели свјет"?

Концептот на однапред ставање некого еднаш засекогаш во обична или во магарешка клупа многу почесто е условен од фактори кои коинцидираат со оној што поставува, отколку со оној што е поставуван. Само за да ни биде полесен животот како на куфери им лепиме амблеми на луѓето, групите, државите, малцинствата... И, сў се сведува на диоптрија. Да разгледаме неколку примери. Едни велат дека Американците се лоши зашто сакаат да градат амбасада на Кале. Други тврдат: Американците се добри зашто нў признаваат под уставното име. Или: Сталин е добар зашто беше дел од сојузничките војски. Сталин е лош зашто за неговото име се поврзуваат разноразни злосторства. Фискализацијата �� лоша зашто опаѓаат месечните приходи на стопанствениците. Фискализацијата е добра зашто државата конечно треба да има контрола на прометот, треба да ги држи конците во свои раце. Стојна е добра сопруга зашто отсекогаш се грижела совесно за децата. Стојна е лоша сопруга зашто го изневери Стојан...

Кога почнав веќе без ничија дозвола да се расфрлам со семејната биографија ќе го кажам и ова. Кога брат ми беше во рана предучилишна возраст, имаше свој негативен лик кој го нарекуваше Петр - тоа беше некое замислено дете кое ги правеше сите лошотилаци. Ако некој чкта со маркер по ѕидот - тоа е Петр. Ако некој истури сјај на тепихот - тоа е тој. Ако некој беснеел во градинка... Петр беше од една страна, негативен двојник на Златко, но од друга страна беше постојано претставуван како некој што доаѓа отстрана, како туѓинец, како некој со кого не може да се дискутира, зборува. Тој доаѓа од друг свет и прави бели.

Она што мене отсекогаш ми пречело е да се набљудуваат Другите, странците, западните сили, етникумите што живеат околу и со нас, како виновни за она што ни се случило или случува. Мислам дека тоа е најгубитничката, најпоразителната теорија. Тоа е како да велиме дека за распадот на еден брак не е виновен мажот или жената, туку младиот сосед кој гласно води љубов со својата љубовничка. Сў што однадвор ни се препорачува дека е корисно да правиме или не, не може да го земеме без расудување за добро или лошо. За злонамерно или добронамерно. Дури и оние на кои некогаш се милува да се повикуваме - револуционерите, идеолозите на околуилинденскиот период, велеле дека немало спас за Македонија кој ќе дојде од соседите или од друга светска страна. Дека со, и арно и зулум, потекнува од нас... Исто како и со замислениот Петр - тој е туѓинец, но истовремено составен дел од оној што "го напаѓа". Нема лошотилак и добрина што не е или не била дел од нас.

Не е воопшто лесно на некого да му го удриш печатот. Како порано што ги жигосувале говедата. Токму со поставувањето, контрапунктирањето, проверувањето, бичувањето, протерувањето на едното, а издигнувањето на различности, крајности, нивното менување, прифаќање, сослушување се состои смислата на односот спрема другите. Не с(м)е зададени еднаш за секогаш како светци или ѓаволи.

Она што ни се случува може да го илустрираме преку една кратка проза на Горан Стефановски: "Во театар се знае кој, што и како прави, кој, што и како кажува. Овде е мешаница и сите зборуваме прекутрупа." Граѓаните на "шарената" Македонија во таква ситуација треба да не се делат на доблесни и зли според етничка, верска, полова, социјална припадност, да сфатат дека тоа се чисто индивидуални и чисто етички категории. Не можеме да ги препознаеме добрите или лошите по тоа дали на глава носат шапка, кече или баретка, по тоа каков автомобил "јаваат", како изгледа нивната жен(ск)а или што пушат... Иако можеби многу личат на нив, нашата реалност не е баш како во добрите стари вестерни.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани