Број 2182 понеделник, 16 октомври 2006


  Политика

   

 

Владата ја загрозува автономијата на Универзитетот, тврди Давитковски
Владината одлука за разрешување ќе падне на Уставниот суд

Борче Давитковски е лут на одлуката на Владата
„Владата ја загрозува автономијата на Универзитетот", тврди професорот на Правниот факултет Борче Давитковски откако во „Службен весник" од 12 септември е објавено решение за неговото разрешување од должноста член во Одборот за акредитација на високото образование. Во истата пакет-одлука за разрешување, покрај Давитковски, фигурираат и имињата на уште тројца професори од факултети во Скопје, Битола и во Тетово, Александар Димовски, Николче Ацевски и Аднан Јашари. Според Давитковски, Владата разрешила членови на разни стручни тела и управни одбори без да води сметка за посебните закони. Со тоа извршната власт го повредила Уставот и Законот за високото образование.

„Уставот е повреден во член 46, каде што е загарантирана автономијата на Универзитетот, но и во член 52, каде што се дефинира дека прописите стапуваат во сила по објавување во ’Службен весник‘, а не со денот на донесувањето. Најеклатантна повреда е направена во Законот за високо образование, во членот 25, каде што не само што е предвидено дека мандатот на членовите на Одборот за акредитација трае четири години туку и децидно се кажува дека е неможно нивно отповикување пред истекот на посочениот тајминг. Именувањата од Владата датираат од 2005, а мандатот завршува во 2009", објаснува професор Давитковски. Притоа додава дека Одборот за акредитација не управен, туку советодавен орган на министерот и на Министерството за образование, каде што се разработуваат исклучиво стручни работи.

Во ваква ситуација постои реална основа да се поведе постапка пред Уставниот суд во согласност со членот 110, каде што се наведени надлежностите на оваа институција.

„Ако се поведе иницијатива пред Уставниот суд, тогаш решението потпишано од претседателот на Владата, Никола Груевски, од 29 август 2006 ќе се прогласи за спротивно на Уставот. Тоа ќе биде уште една шлаканица за нашата млада демократија и на демократските процеси кои сакаме да ги отвораме", нагласува Давитковски и потенцира дека една од темелните вредности на уставниот поредок е владеењето на правото, а не кршење на принципот на уставност и законитост. Одборот за акредитација на високото образование бил принуден да ја одложи својата седница, затоа што четири члена се незаконски разрешени. Оттаму велат дека високото образование ќе трпи поради неработење на ова независно тело. (К.Ч.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани