Груевски прави коалиција за поделба на Македонија, обвини Ахмети Преговорите беа еднострано прекинати од Груевски. Оваа одлука е чин без
преседан, дволичност и
политичка незрелост
Оливера Војновска
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако
интегративците дефинитивно отпаднаа од игра за учество во новата Влада, викендов
го обвини мандатарот Никола Груевски дека сака да гради коалиција за поделба на
Македонија. Отворената врата за влез во Владата, што ја остави Груевски за
нивниот коалициски партнер - ПДП, за Ахмети е знак дека претседателот на
ВМРО-ДПМНЕ, има намера да внесе раздор меѓу Албанците.
Лидерот на ДУИ се
огласи по неколкучасовното заседание на партискиот врв во Мала Речица, од каде
уште најави дека како коалиција ќе ги искористат сите демократски средства за да
ги заштитат Албанците. По крахот на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ,
евродипломатот Ерван Фуере е убеден во политичката зрелост на партиите кои
независно дали се на власт или во опозиција ќе имаат капацитет да демонстрираат
одговорен однос кон државата
„Коалицијата ДУИ-ПДП со жалење констатира
дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за составување консензуална, легитимна и
репрезентативна влада во интерес на сите граѓани беа еднострано прекинати од
мандатарот Груевски. Оваа одлука е чин без преседан, дволичност и политичка
незрелост. За жал се гради коалиција за поделба на Македонија, на граѓаните,
етничките групи и верските заедници. Го повторуваме нашиот став дека легитимен
демократски претставник е и ќе остане оној што е мандатиран од неприкосновената
волја на избирачите.ДУИ-ПДП како легитимни претставници на Албанците ќе ги
искористат сите демократски средства и нема да дозволат да се гази врз
политичката вола на мнозинството Албанци"- истакна Ахмети на заедничка
прес-конференција со лидерот на ПДП Абдулади Вејсели, во партиското седиште во
Мала Речица. Одговарајќи на новинарско прашање, дали ДУИ ќе го признае Груевски
како премиер, Ахмети одговори:„ Груевски самиот ги доведе под прашање својата
легитимност како мандатар и легитимноста на Владата што ја формира без да ја
респектира волјата на мнозинството гласачи - Албанци".
Лидерот на ПДП,
Вејсели соопшти дека ПДП останува во коалицијата со ДУИ.„Остануваме во оваа
коалиција која имаше одлични резултати. Ќе ги употребиме сите демократски
механизми што ни стојат на располагање за да ги промовираме и да ги заштитиме
интересите на Албанците", потенцира Вејсели.
Амбасадорот Фуере, во
интервјуто за А1 телевизија рече дека дијалогот е единствениот начин за решавање
на сите предизвици со кои се соочува земјата.„Нашиот став уште од почетокот беше
многу јасен. А тоа е да ги охрабриме сите партии да се заложат за дијалог. Ова е
земја каде некои политички партии и политичари не зборуваат меѓу себе. Тоа не е
добро. Оваа идеја за дијалог која доследно ја поддржувавме и ќе продолжиме да ја
поддржуваме како најдоброто можно решение за земјава.Пред изборите имаше многу
малку контакт меѓу главната партија која победи и главната партија која победи
од албанска страна. Сега има дијалог, тоа е добро. Мислам дека овој дијалог мора
да се зајакне. Минатата недела видовме неколку негативни изјави од обете страни
и причината за ваквите изјави е тоа што немаше дијалог, лична поврзаност и клима
на доверба.Минатата недела не беше добра за македонските политичари", вели
Фуере. Тој во интервјуто за А1 уште изјави: „Верувам дека партиите се
подготвени, ако треба да ја прифатат улогата на опозиција, ќе го сторат тоа. Ќе
го прифатат предизвикот и ќе работат заедно со сите партии и ќе се осигураат
дека земјава ќе продолжи по патот кој самата си го постави".