Потресни сведоштва на проколнатите што го преживеаја информбировскиот пекол (6) Богоја Фотев во депресија се обидел да се самоубие На Голи Оток ќе бидат испратени сите најблиски на Богоја Фотев синот Јонче, братот Геро, шурата Илија
д фототеката на Петар Ставрев
Виктор Цветаноски
Богоја Фотев, не бил испратен на „превоспитување“ на Голи Оток, но
исто како да бил таму, зашто, всушност, тој е една од најголемите жртви на
информбировските години кога ќе доживее невидени трауми, а во еден момент дури и
ќе посегне по својот живот. Во озлогласениот логор ќе бидат испратени сите
негови најблиски - синот Јонче, братот Геро, шурата Илија Шмакевски, првиот
братучед Методија Стојчевски. Тогаш од Партијата биле исклучени неговата
сестра Вида и внукот од брат Никола. Според Виолета Ачкоска и Никола Жежов,
автори на книгата „Репресијата и репресираните“, Фотев спаѓа во плејадата
комунисти задоени со љубовта спрема Сталин, со вербата во меѓународната
пролетерска солидарност, со победата на светската револуција, чиј водечки одред
ја сметаа Советската комунистичка партија (СКП-б). Фотев, како и многумина
фанатични верници во комунизмот, не можел преку ноќ да се промени и да верува во
спротивното, да ги отфрли СССР и интернационализмот и да верува само во КПЈ и во
Тито. Тие денови кога бил на функцијата претседател на Президиумот на Народното
собрание се нашол на тешко искушение, а на Крсте Црвенковски, негов тогашен
секретар, му говорел за таа дилема: „Не знам на кого да му верувам – навечер,
слушајќи го Радио Москва, си велам тие се во право, утредента, читајќи ги
весниците и особено статиите од Моша Пијаде, доаѓам до заклучок дека Пијаде е во
право. Па не можам да се двоумам околу исправноста на еден толку добар комунист,
кого го запознав во затворот во Сремска Митровица“. И така Богоја Фотев западнал
во голема депресија. Околу судирот на КПЈ со советската партија самиот
Фотев вели: „По Резолуцијата, јас застанав на линија на нашата партија. Не се
обелодени веднаш сето она што беше причина за судирот, туку, главно, се
зборуваше за Резолуцијата. Во мавровските села ги објаснував причините за
нападот врз Југославија...“, истакнува тој, подвлекувајќи дека кога судирот веќе
почнал да се разгорува и стигнал дотаму да се каже дека СССР е најголемиот
непријател на југословенската револуција, тој не можел да го проголта тоа.
По затворањето на неговите најблиски, нивното испраќање на Голи Оток и по
испрашувањата што ги вршеле врз нив во Политбирото на ЦК КПМ, Богоја Фотев се
нашол под силен психички притисок поради „чувството на вина, бидејќи неговите
идеали за кои се борел во текот на целиот свој револуционерен живот паднале во
вода. Свесен за тоа што се случува околу него, целиот бил обземен од чувството
на страв од гонење“. Не можејќи да го издржи тоа, тој се обидел да посегне по
својот живот. Во момент на депресија се застрелал со пиштол во главата во
својот стан зад Женската гимназија во Скопје. Веднаш бил пренесен во болница и
врз него била извршена хируршка интервенција. За среќа, раната не била опасна за
неговиот живот. „Од истрелот, физички, останала само една лузна на неговиот
образ. Подлабоки биле внатрешните, духовни ��узни и, секако, успешното политичко
убиство. Тајната зошто го презел ваквиот чекор, јасно и децидно, Фотев не ја
искажал до крајот на својот живот. Неговото лично досие во архивата на
Централниот комитет е празно, веројатно испратено, според тогашната практика, во
сојузните архиви. Така ќе остане дилемата: дали станува збор за намерно или за
случајно самоубиство? Дали бил директно принуден да се самоубие, така што тоа би
било подобро решение отколку процесот и затворањето на Ченто, или, пак, со
обмислен психички притисок индиректно бил доведен до таква депресија и
дезориентација во која тој самиот ја гледал смртта како излезно решение?“,
пишуваат Ачкоска и Жежов. На седницата на Народното собрание на НРМ, одржана
на 3 јануари 1951 година, од Богоја Фотев било побарано да поднесе оставка од
функциите пратеник на Републичкото и на Сојузното собрание. Како што пишуваат
Аческа и Жежов, веста дека треба да поднесе оставки на двете функции му била
соопштена преку членот на Градскиот комитет на КПМ на град Скопје Живко
Брајковски, кој по директива на своите претпоставени требало да му ја издиктира
оставката, а Богоја само да ја потпише. Фотев не се согласувал со тоа и барал да
стои дека оставка поднесува „поради слабо здравје“. Наредниот ден бил прогласен
нов Президиум на Народното собрание. За претседател бил избран Видое
Смилевски-Бато, кој истовремено бил избран и за потпретседател на Владата на
НРМ. По с` што му се случило, Богоја Фотев расчистил со политиката и се
вратил на својот земјоделски имот во селото Бистрица. „Се фрли анатема врз мене
- вели Фотев - ме исклучија од Партија... што знам со какво образложение, јас
самиот се исклучив“. А потоа „ме шиканираа, чекаа да избувнам и да направам
беља. Старата куќа ми беше тесна, а често ни ставаа кираџии. Одеа, се
распрашуваа што работам. Само, јас сум добар работник, селанец, воденичар...
Имотот беше сосема пропаднат и еден сосед ми донесе десет кила брашно. Тоа беше
помошта. Потоа си работев, млад бев. Влегов и во задруга, така го ранев
семејството... Им служев за пример на сите како работник. Си останав комунист,
каков што бев и кога се умираше“. По смената на Лазар и доаѓањето на Црвенковски
на чело КПМ, Богоја Фотев добил боречка пензија. Кога неговиот син Јонче
излегол од Голи Оток, со семејството се вратил во с. Бистрица. Го пречекал
таткото Богоја. Не го прашал за Голи Оток, но му рекол: „Јоло, постапи како што
ти наредиле, со овие нема игра, ќе видиме до каде ќе ја дотераат. Само внимавај
да не се лизнеш. Уште ни претстојат црнила. Чувај си го здравјето. Многу си
ослабен. Не секирај се, татко ти ќе ја преболи и оваа чума што владее. Грев ми е
за мајка ти и за Тима, а ние сме калени, и варени, и печени, жените потешко ги
поднесуваат и ги преживуваат нашиве потреси“.