Кога ќе отапи слухот за националната историја ТИТО ПЕТКОВСКИ
Бучковски покажа дека нема слух за сопсвената национална историја и идентитет
Во односите меѓу државите постои и едно непишано правило што ретко,
речиси воопшто не се прекршува, туку доследно се почитува, зашто се смета за дел
од цивилизираното, демократско меѓународно комуницирање. Доколку некоја држава
се наоѓа во предизборен период, вообичаено е да не се прават официјални и какви
било посети на највисоко ниво. И не само на највисоко, туку на секое ниво што
може да има политичка димензија, зашто таквите официјални посети најчесто се
(зло)употребуваат и се искористуваат на кој било начин во предизборната кампања,
се разбира, од страна на онаа партија што е на власт. Ваквите предизборни
контакти и посети на извесен начин можат да се протолкуваат и како инволвирање
на одредена земја во предизборната кампања на друга земја, а со тоа и најчесто
се смета како заземање јасна партиска, односно политичка страна, што воопшто не
е практика во меѓународните односи. Политичарите во демократски високоразвиените
земји избегнуваат, поточно не договараат официјални посети во земји каде што се
закажани избори дури повеќе месеци пред тие да се случат. Во тој поглед
имаме и свеж пример на односот на Европската унија со Република Македонија, која
е на прагот на кампањата за парламентарните избори. Сигурно се сеќавате дека
неодамна високиот европски функционер, Хавиер Солана, за да избегне какво било
негово манипулирање или вовлекување во предизборната кампања на владејачката
гарнитура кај нас, го одби нивниот предлог да дојде во Скопје и свечено да ја
прими титулата почесен доктор на Правниот факултет. Неговото образложение за
недоаѓањето во Скопје за мене беше сосема разбирливо. Солана има висока
политичка функција во Европската унија и политички сенс за тоа и јасно
стави до знаење дека не сака да се манипулира со неговото име во нашето
предизборно време и дека таквата церемонија може да причека до
септември. Но, сепак, кај нас на Балканот, почитувани
читатели, тоа може да биде и поинаку. Премиерот на Република Бугарија, Сергеј
Станишев, во неработен ден, минатата сабота, престојуваше во официјална
еднодневна посета на нашава земја по покана од неговиот македонски колега.
Посетата се реализира токму во период кога веќе забревтува изборната кампања,
кога партиите започнаа речиси секојдневно да си ги одмеруваат политичките
рејтинзи и сили. Некој можеби ќе помисли дека нема ништо тенденциозно и
наменски во реализирањето на таквата посета и средба и дека тоа оди на рака на
развојот на добрососедските односи. Недвосмислено се залагам за подобрување на
односите со соседните земји, зашто за тоа верувам дека има и волја и
можности и од наша страна и од страна на соседните земји. Подобрувањето и
развојот на односите со соседите во континуитет е приоритет во надворешната
политика нашава држава. Република Македонија и Република Бугарија негуваат
блиски, пријателски односи и имаат европска ориентација и сметам дека тие и
натаму треба да се развиваат во тој правец. Но, она што Станишев му го предложил
на Бучковски, а овој го прифатил и затоа веднаш го обелодени, на оваа посета ~
дава сосема друг белег и друга димензија. Ваквиот, најблаго речено,
непристоен предлог на Станишев и Бучковски за заедничко празнување на Илинден,
разбирливо, предизвика многу негативни реакции во јавноста. Историчарите,
интелектуалците, политичарите, новинарите, обичните граѓани...не можат да
поверуваат дека вакво нешто може да прифати премиер на македонска влада. Ќе се
согласите, станува збор за македонско востание како симбол на македонскиот
непокор. Со овој гест Бучковски покажа дека нема слух за
сопствената национална историја, за сопствениот идентитет и за сопствениот
ентитет. Во отпорот и на македонскиот народ и на бугарскиот народ против
османлиската окупација на овие простори и против настојувањата за туѓа
духовна доминација, сигурно дека може да се бараат заеднички моменти.
Меѓутоа, Илинденското востание во никој случај не би можело да се каже дека е
заедничко востание, заеднички празник. Како што е познато, борбата на Бугарија
против туѓата долговековна окупација немала ниту силен одглас кај македонскиот
народ, кој на своето Илинденско востание му дава свои специфики и своја
ориентација. Според историските податоци, со одлука на таканаречениот
Санстефански мир, потпишан 1878 година по поразот на Османлиската Империја во
војната со Русија, е создадена автономна бугарска држава во чии граници
влегле сосема мал дел од Србија, сосема мал дел од Албанија и цела
Македонија. Големите европски сили не биле согласни со ваквата одлука и со
пробивот на Русија на Балканот, па сакајќи да ги заштитат своите интереси во
регионот, истата година го одржаа Берлинскиот конгрес. На овој конгрес Бугарија
е разделена на автономно кнежевство Бугарија и Источна Румелија, а Македонија
била вратена под владеење на султанот. Бугарското кнежевство и бугарскиот народ
биле незадоволни со ваквата одлука, но продолжуваат со организирањето отпори,
движења и востанија против османлиската окупација. Истото тоа го прави и
македонскиот народ на својата територија, како и другите балкански народи што
биле под истата окупација. Во историјата е запишано дека поради ваквите
околности, на врховистите од Софија не им одговарала самостојноста на
македонското национално револуционерно движење, ниту пак независноста и
слободата на Македонија. Оттука, тие преземале акции за оневозможување на
самостојниот развој на македонското револуционерно движење, па дури имало силни
тенденции за неуспех на Илинденското востание. Еве зошто велам дека на
Бучковски му отапел слухот за сопствената национална историја кога
предлага заедничка прослава на Илинден со Бугарија. Очигледно, тој го чувствува
живиот песок под своите нозе во овој предизборен период, па ја губи сопствената
историска, географска и политичка ориентација. Затоа нема да ме зачуди
доколку од него слушнам и предлог за заедничка прослава на бугарскиот и на
македонскиот народ на денот кога е потпишан Санстефанскиот мир. Што би значеле
тие прослави за Република Македонија и за македонскиот народ, кажуваат
историските податоци. А јас ,после с`, не знам како да го разберам слоганот на
Бучковски за парламентарните избори. Навистина не знам кој ќе оди напред , а кој
назад. (Авторот е пратеник и претседател на НСДП)