Број 2182 понеделник, 16 октомври 2006


  Личност на денот

   

 

Џиа Занг Ке
„Златниот лав" за младиот Џиа Занг Ке и неговиот филм „Стилл Лифе" предизвика бурни реакции на фестивалот во Венеција, каде што критиката го сметаше за аутсајдер. Но, претседателката на жирито, Кетрин Денев, на сето тоа изјави дека тие биле изненадени и одушевени од квалитетот на неговата приказна и од убавината на сценографијата. Во „Стилл Лифе" Занг Ке се фокусира на промените во Кина и на нивното влијание на секојдневниот живот на обичниот народ, а како што вели самиот, тоа е и неговата намера - да продолжи да снима филмови за најзагрозените делови во Кина. Ваквиот пристап и фокусот во неговите филмови во кои овој 36-годишен автор се занимава со современото окружение и реалниот живот го вброија Џиа Занг Ке во „шестата" генерација филмски работници во Кина. Тој заедно со Занг Јуан и Ванг Ксиаошуаи се претставници на помладата генерација, која за првпат почна да работи надвор од државниот систем и да снима независно. Тоа им даде многу поголема слобода од онаа што ја имаа најкарактеристичните припадници на „петтата" генерација, како Занг Јимоу и Чен Каиг. Како што вели Занг Ке, тие навистина променија многу, но во нивните филмови не може да го видите искуството од животот во Кина, додека неговиот начин на работа му овозможува да ја прикаже реалноста без искривување. (С.У.)

 
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани