Кој да го одврзе енергетскиот јазол МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ
Македонските енергетичари се најдоа врзани во Гордиев јазол од кој не
знаат како да се извлечат. Фирмите-наследнички на некогашно „Електростопанство
на Македонија" толку многу се испреплеткаа со меѓусебните финансиски побарувања
што нивниот (во суштина интерен) проблем почна да ги засега сите во
државава.
За да биде парадоксот поголем, барем засега, најголема
загриженост покажуваат оние кои се најмалку виновни за парализата која му се
заканува на македонското електростопанство. А, тоа се граѓаните и фирмите кои
чесно и редовно си ги плаќаат сметките за потрошената електрична енергија, а кои
ни криви ни должни можат да се најдат во целосен мрак.
Оние што ја
подготвија должничката „чорба" ги нема никаде. Едните во процесот на
примопредавање на власта се обезглавени, другите мудро молчат, а третите
(најодговорните) се однесуваат како да не се од тука.
За што станува
збор?
Од компаниите кои произлегоа од ЕСМ деновиве алармираат дека на
Македонија ч се заканува енергетска катастрофа. Проблемот е што „Електрани на
Македонија", кои произведуваат повеќе од две третини од вкупните потреби за
електрична енергија, се наоѓаат пред банкрот кој, пак, се должи на енормно
нараснатиот долг што МЕПСО го има кон ЕЛЕМ.
Тој долг достигна
фантастични 52 милиона евра, или за само девет месеци речиси се удвои. Од ЕЛЕМ
алармираат дека поради тоа не можат да одговорат на обврските кон комитентите,
на стаклени нозе е тековното работење, платите на вработените сж повеќе доцнат,
па дури не можат да се набават и најосновите материјали за секојдневните ситни
потреби.
Во електроенергетскиот триаголник (меѓу ЕЛЕМ, МЕПСО и
приватизираната ЕСМ „Дистрибуција") се создадени такви должничко-доверителски
односи кои влијаат не само врз тековното работење на некои од компаниите, туку и
на опстојувањето на целиот енергетски систем во земјава.
Неволјата да
биде поголема, две од трите компании-наследнички на ЕСМ, кои се во државна
сопственост (ЕЛЕМ и МЕПСО), практично се без одговорни лица, бидејќи новата
власт во желбата да постави свои кадри, набрзина ги разреши старите директори.
Австријците, кои ја поседуваат „Дистрибуција", засега мудро молчат. Иако не се
исклучува можноста за проблемот да станало збор на средбата меѓу првите луѓе на
компанијата и на премиерот Никола Груевски, која случајно или не, се одржа
далеку од очите на медиумите во време кога во државава се празнуваше Денот на
независноста.
Државата, пак, односно третиот и веројатно најважниот
играч, по принципот „јас не сум од тука", како да порачува дека проблемот не е
генериран од сегашната власт.
Тоа навистина е така, бидејќи поделбата на
ЕСМ се случи за време на мандатот на претходната владејачка гарнитура,
приватизацијата на „Дистрибуција", исто така. Точно е и дека МЕПСО (државна
компанија) одамна требаше да ја формира банката за порамнување, клучниот елемент
преку кој треба да се извршуваат меѓусебните плаќања. И тоа беше обврска која
требаше да се заврши за време на претходната влада.
Сега е јасно дека
доколку се завршеа многу работи навреме, немаше да дојдеме во ситуација во која
стравуваме дали при следното вклучување на штекерите ќе засвети сијалицата.
Можеби сега на виделина излегуваат и низата нелогичности од поделбата на ЕСМ и
неговата приватизација, на кои укажуваа бројни експерти. Практично, од едно
финансиски моќно претпријатие какво што беше ЕСМ, сега имаме три компании, кои
поради нерешениот проблем со меѓусебните побарувања и долгови, можат да дојдат
во незавидна ситуација од која потоа тешко ќе можат да излезат. Да не зборуваме
дека оваа состојба е лош увод во претстојниот процес на приватизација на
електраните и дека ЕЛЕМ може толку да обезвредни што ќе се продаде за
бадијала.
Но, тоа најмалку значи дека проблемот кој постои ќе се реши сам
од себе. Би било идеално кога новите власти би можеле да ги ползуваат само
благодатите, а жешките костени да ги префрлаат во рацете на своите претходници.
За жал, тоа не е така. Што значи, без оглед на пропустите во минатото,
сегашните носители на власта треба поитно да се зафатат со решавање на
актуелните проблеми во ��екогашно ЕСМ, односно да обезбедат услови за такво
нешто.