Гевгелиската царина ставена под капа на Силвана Бонева Од триесетина вработени цариници на преминот Стар Дојран се сменети
сите дојранци
Смената на цариниците се вршела под надзор на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева
ГЕВГЕЛИЈА - По кадровската смена во Царинската управа на Македонија, сите
цариници од граничните премини Богородица, Гевгелија и Стар Дојран се заменети
со цариници од Струмица! Едноставно, царинските служби на македонско-грчката
граница кај Гевгелија и Дојран се ставени под струмичка контрола, односно под
контрола на пратеничката од Струмица - Силвана Бонева, тврдат царински извори.
Имено, за помошник на управникот на Царинската управа во Гевгелија е
поставен Ѓорѓи Паљосков од Струмица, кој во изминатиот четиригодишен период
седеше во собраниските клупи заедно со Силвана Бонева. Именувањето на овој
експратеник за втор човек во гевгелиската царинарница уследи и покрај тоа што
има завршено Виша земјоделска школа, образование кое не соодветствува на
предвиденото со систематизацијата на работните места. Инаку, за управник на
Царинската управа во Гевгелија е именуван Васил Митев, струмичанец кој живее во
Гевгелија, а кој пред осум години, по смената од шеф на Царинската база, замина
на работа во државната Царина.
Струмичани ги заменија и сите други
цариници од граничните премини кај Богородица и кај Гевгелија, така што во овие
царински служби работните места ги задржаа одвај двајца-тројца гевгеличани.
Најголемиот број од стотината вработени во Царинската управа во Гевгелија се
преместени на работа во Кавадарци и во Струмица. За нов шеф на царинската
подружница на граничниот премин Стар Дојран е именуван Бошко Петров од Струмица,
додека досегашниот управник Ристо Русев, инаку од Гевгелија, префрлен е на
работа во Струмица. И сите други цариници на овој граничен премин се упатени на
работа во Струмица, додека нивните места се пополнети со цариници од
Струмица.
„Од 30-ина вработени цариници на преминот Стар Дојран сега нема
ниту еден дојранец, бидејќи сите се заменети со цариници од Струмица. Во исто
време нашите цариници се упатени на работа во Ново Село, па така секојдневно се
случува нашите цариници да заминуваат на работа во Струмица, а тамошните да
доаѓаат на работа во Дојран и во Гевгелија. Нејасно е што се добива со ваквата
замена, бидејќи ако цариникот добро и совесно си ја извршува својата работа, ќе
го прави тоа без разлика на која граница е распореден. По сж изгледа, станува
збор за некаква друга заднина и цел во царинските служби на македонско-грчката
граница кај Гевгелија и Стар Дојран да се инсталираат струмички цариници", велат
сменетите цариници од овие царински служби.
По смената на власта е
извршена и внатрешна организациска поделба во Царинската управа во Гевгелија.
Односно, седиштето на царинските подружници на преминот кај Стар Дојран и во
источна Македонија е префрлено во Струмица, додека во Гевгелија остануваат само
седиштата на царинските подружници кај Богородица и во Кавадарци. Паралелно со
ова, гевгелиската Царина е ставена под целосна капа на струмичките цариници,
операција која се одвивала под надзор на координаторот на пратеничката група на
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ, Силвана Бонева. (Р.П.)