ШТИП - По двомесечни преговори и договори, Советот на Општина Штип успеа
да избере претседател. За прв меѓу 23-те еднакви советници, советничкото
мнозинство го избра Драги Илиев, кој стана советник од листата на
граѓани-почитувачи на ликот и делото на Јосип Броз Тито. Тој беше член на СДСМ
од каде што премина во Новата социјалдемократска партија. Со тоа се заврши
двомесечната криза во Совет на Општината која настана по изборот на м-р Илчо
Захариев за директор на Бирото за лекови, а кој, пред да дојде на оваа функција
беше претседател на Советот. Долго време советниците од ВМРО-НП, партија на која
ч припаѓа и Захариев, сметаа дека тие го поседуваат правото да продолжат да
раководат со Советот на Општината и за таа функција ја предлагаа Соња Петровска,
професорка на Педагошкиот факултет. На тоа се спротивставуваше советничката
група на ВМРО-ДПМНЕ, која имаше свој кандидат во советникот Влатко Соколов. Во
ситуација на познатата двајца се карат-третиот користи, работата се сврте во
полза на НСДП и Драги Илиев, кој за претседател е избран како компромисно
решение на двете вмровски партии. (И. Б.)