Челзи остана без двата голмана Петер Чех и Карло Кудичини Шампионот на Англија мечот во Ридинг ќе го памети по тоа што на крајот голот мораше да го брани Џон Тери
На самиот почеток на мечот во Ридинг од теренот беше изнесен првиот голман на Челзи, Петер Чех
Англискиот првак Челзи, саботното гостување кај Ридинг, ќе го памети по
тоа што и двата голмана му завршија во болница, но сепак, на крајот славеше со
1:0, со автоголот на Ингимарсон во 45 минута. Првиот голман Чех беше повреден
уште во петата минута, откако со главата налета на ногата на Хунт, додека Карло
Кудичини во бесознание беше изнесен од тревата пред крајот на мечот, по сударот
со Сонк. Во последните неколку минути голот го бранеше Џон Тери и тоа
успешно.
Инаку, Италијанецот по прегледот беше пуштен од болница, додека
Чех е задржан на дополнителна опсервација. Менаџерот, Жозе Мурињо смета дека Чех
по прекршокот на Хунт може да биде „среќен што остана жив", па не исклучува во
мечот со Барселона в среда во ЛШ на голот да го постави Португалецот Хиларио. „И
двајцата се во болница и двајцата се во бесознание и двајцата се нокаутирани",
го започна Мурињо својот извештај за „Скај Спорт", па се врати на првата минута.
„Брзината на голманот кој се лизга по тревата и потоа коленото кое доаѓа со сета
брзина во негова насока...Беше тоа срамен прекршок".
Исто како и Челзи и
Арсенал и Манчестер Ј. дојдоа до трите бода на свој терен против Ватфорд и на
гостувањето кај Виган. Арсенал повеќе од половина час го бараше патот до мрежата
на Ватфорд, а потоа гостите му ја олеснија работата давајќи си сами гол. Поточно
по слободниот удар на Саск Фабрегас топката ја удри Адебајор, но на патот и се
најде Стјуарт и ја прати во сопствената мрежа. Потоа беше полесно. Анри и
Адебајор ставија точка на победата од 3:0. Ватфорд и натаму е без победа во
Премиерлигата. Манчестер Ј., пак, и покрај негативата од 0:1 по првите 45 минута
(Баинес), во вториот дел се разигра и на крајот со головите на Немања Видиќ,
Саха и Солскјер дојде до три бода кои го вивнаа на врвот.
„Црвените" од
„Енфилд Роуд" сж уште се без победа во гости, а таквиот лош резултат го
компензираа барем со победите на својот стадион. Но, завчера тоа не им појде од
нога, па на крајот мораа да спасуваат бод против Блекбурн. Гостите одиграа многу
добар натпревар, без премногу респект, па во 17 минута поведоа со голот на Бени
Меккарти. Ливерпул успеа да израмни во 62 минута, а својот прв гол во новиот
клуб го постигна Крег Белами.