Новото училиште изградено, децата не можат да влезат
Училиштето во Моноспитово
СТРУМИЦА -Три влади, неколку министри и две локални власти се сменија, а
нашите деца од Моноспитово и Бориево никако да го пречекорат прагот на новата
училишна зграда, велат жителите на овие две струмички села. Училиштето „Свети
Кирил и Методиј" се гради неколку години со странски донации и средства од
буџетот, а последното ветување дека на 8 Септември ќе биде готово училиштето -
не е исполнето. Причината овој пат е во неисполнувањето на градежните норми,
односно два носечки столба не биле изградени според прописите.
Училиштето
е веќе изградено, но има нешто спорно кај двата носечки столба. Со испитувањето
од страна на надзорната комисија било утврдено дека не се користени потребните
градежни материјали и никој не може да даде дозвола да се користи училишната
зграда. Секој ден чекаме да се санираат столбовите и, конечно, нашите деца ќе се
приберат во Моноспитово, ни изјави Ѓорѓе Христов од Советот на МЗ
„Моноспитово".
Околу триста ученици од прво до осмо одделение од
Моноспитово и од Бориево секој ден патуваат и настава посетуваат во училиштата
во Турново и во Муртино.
И во локалната самоуправа на Босилово ја
потврдија причината за непредавањето во употреба на новата училишна зграда,
односно потребата од санирање на два носечки столба во училиштето.
Градоначалникот Ѓорѓе Манушев појаснува дека од инвеститорот - Јавното
претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор добиле известување
никако да не ги пуштат децата во новата училишна зграда сж додека не се санираат
двата носечки столба. Градоначалникот Манушев апелира до родителите и учениците
да бидат трпеливи и ветува дека во најскоро време ќе се реши проблемот и по две
години учениците и наставниците ќе ја продолжат наставата во современа училишна
зграда. (С.Т.)