Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Македонија

   

 

Во Бегниште 2 милиона килограми грозје ќе скапе на лозјата
Купувачи не можат да стасаат во селото поради лошиот и небезбеден пат

КАВАДАРЦИ - Жителите на тиквешкото село Бегниште се во паника. Стравуваат дека годинава грозјето ќе им остане на нива. Тие се жалат дека нема каде да го продадат. Купувачи во селото, и да сакаат, не можат да дојдат поради лошиот и небезбеден пат. Во овој дел од Тиквешијата најмасовно се застапени сортите „смедеревка", „ризлинг" и „стрношина", а вообичаено бербата започнува подоцна. Стручни лица велат дека од селата Бегниште, Дабниште и Ресава се бере најквалитетното грозје.

„Цената е ниска, нема да ги покриеме ниту основните производствени трошоци, а нема ниту каде да го продаваме грозјето. Како што стои работата, ќе немаме пари да ги прехраниме семејствата", се жалат жители од селото што егзистираат од лозарство. При нашата посета на откупниот пункт во селото неколку лозари со трактори чекаа да им се поделат гајби за да започнат да берат. Но, купувачи немаше. Според согледувањата, за берба се останати уште околу 2 милиона килограми грозје. Тие се плашат дека ако повторно започнат есенските дождови, тоа ќе им остане на нива.

Велат, грозјето го даваат и под просечната цена само да не го гледаат како скапува на нивите. Тие се гневни на тоа што големите визби започнаа со нова политика и им ги затворија вратите на помалите лозаропроизводители.

„Во потрага по купувачи на грозје потрошивме повеќе пари отколку што ќе земеме", велат лозарите од Бегниште и раскажуваат дека Центарот за унапредување на индивидуалното земјоделство во Кавадарци пред десетина години масовно им ја препорачувал за садење сортата „ризлинг", бидејќи била висококвалитетна, а сега никој не сака да ја купува. „Цената што ни ја плаќаат за килограм ’ризлинг‘ е еднаква со едно јајца или гума за џвакање", коментираат лозарите и се чувствуваат измамено. Жителите на Бегниште не гледаат дека ќе го решат проблемот ако започнат масовно да печат ракија бидејќи, како што велат тие, тешко се пласира и ракијата. „За да вариме ракија, ни требаат дрва. Еден кубик дрва е 2.000 денари. Не е воопшто исплатливо да вариме ракија", одговараат тие. (А.Д.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани