Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Македонија

   

 

Никол Кидман дојде и замина од Скопје

Никол Кидман
Никол Кидман во саботата слета на скопскиот аеродром и замина за Косово, каде што ја започна турнејата како амбасадор на добра волја на Обединетите нации. Во аеродромската зграда на скопскиот аеродром Кидман се задржа само петнаесетина минути,одби да контактира со новинари и не дозволи да биде фотографирана. Таа веднаш замина за Приштина каде што ќе престојува до денеска. Кидман допатува во Скопје по премиерата на нејзиниот филм „Фур" на филмскиот фестивал во Рим.

„Дојдов во Косово за да научам како да ч помоганам на вашата земја во овој критичен период и за да ги подобриме работите во иднина", изјави Кидман во Приштина.„Сакам да се запознаам со луѓето, да ги слушнам нивните приказни и да се едуцирам себеси. Би сакала да бидам ваш глас ако тоа ви е потребно".

Кидман беше пречекана од претставникот на ОН за Косово, Јоаким Рикер, од неколку локални водачи и од дипломати. Кидман со придружбата пешачеше од центарот на Приштина до нејзиниот хотел. Вчера таа ја посети и Ѓаковица.

Актерката беше назначена за амбасадор на добра волја на ОН во одделот за развој на жените 2006 година, а престојот во Косово е нејзина прва посета во таа улога. Добитничката на „Оскар" работи како дел од мисијата за поддршка на жените во различни региони на светот за да им помогне да ги решат проблемите со кои се соочуваат тие.



© 2001 Утрински Весник, сите права задржани