Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Владата го раскина договорот со „Делта"

Се изјаловија плановите на „Делта М" да изгради голем трговски центар во Скопје. Министерството за транспорт и врски вчера официјално соопшти дека го раскина договорот со српскиот холдинг за изградба на деловен центар во Карпош 3. Со тоа се потврдија најавите дека сегашната Влада нема да го прифати договорот кој беше постигнат со непосредна спогодба пред изборите помеѓу поранешниот премиер Владо Бучковски и првиот човек српската компанија, Миодраг Мишковиќ. Од Министерството наведуваат дека по донесувањето Детален урбанистички план од страна на Општина Карпош, земјиштето ќе биде понудено на јавна лицитација преку објавување меѓународен тендер.

Според соопштението до медиумите, ваква одлука е донесена поради тоа што постапката и договорот со „Делта М" не биле во согласност со законот. Една од причините е немањето акт за планирање изградба на објект со намена деловен центар или урбанистички проект, ниту други услови за градба. Покрај ова се наведува дека обврската за плаќање не била исполнета во рок, а исто така не постоел акт за усвојување инвестициска програма пред и за време на склучувањето на договорот.

Пред две недели првиот човек на српскиот холдинг, Мишковиќ, кој во Скопје долета со сопствен авион, имаше полутајна средба со актуелниот премиер Никола Груевски, на која, како што јавија медиумите тогаш, јасно му било ставено до знаење дека договорот не бил прифатлив. Најбогатиот човек во Југоисточна Европа, чие богатство се проценува на 1,4 милијарда евра, не успеа да го убеди Груевски да го прифати договорот, што го постигна тој со владата на Бучковски. „Делта", инаку, е една од регионалните лидери, чии дејности се производство, малопродажба, дистрибуција, застапување на странски фирми итн. Нејзините планови се во Македонија да отвори неколку супермаркети и еден дисконтен центар и да инвестира во преработка на овошје. (М.Ј.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани