Конзервната индустрија бара законско решение за сезонските работници Повеќето од оние што сакаат сезонска работа примаат социјална
помош, која ќе ја загубат ако бидат пријавени
Фирмите не сакаат да го изигруваат законот, но не сакаат ниту да останат покуси во реализација на планираното производство
ИВАН БОЈАЏИСКИ
ШТИП - Четириесетина фабрики од македонската
конзервна индустрија мака мачат на легален начин да обезбедат сезонска работна
рака. Сегашните прописи се мошне ограничувачки и затоа, преку својата Групација
при Стопанската комора на Македонија, побараа од актуелната власт да се донесе
прифатлива законска регулатива со која ќе се реши овој голем проблем кој не е
само нивен, туку и на сите други стопански субјекти што имаат потреба од
сезонски работници.
Борис Аксентиев, претседател на Групацијата и
директор на конзервната индустрија „Зора" од Гевгелија, вели дека во однос на
вклучувањето на сезонски работници македонската конзервна индустрија е помеѓу
чеканот и наковалната.
„Нашите фабрики имаат потреба од сезонско
вработување на околу 3.000 работници. Тие би биле вработувани на определено
време од два до пет месеци во годината. Нашиот сегашен проблем е во тоа што кога
фабриките распишуваат огласи за сезонско вработување, сакаат таквите вработувања
да бидат пријавени, што значи сакаат да го почитуваат законот. Но, поголем број
од оние што ќе се пријават за сезонска работа се лица кои примаат социјална
помош. Поради фактот дека ако бидат пријавени ќе ја загубат таквата помош, тие
одбиваат да бидат пријавени. Во такви услови се соочуваме со недостиг од работна
рака во текот на годината кога имаме најмногу работа", вели Аксентиев. Во оваа
групација при крај е програмата со предлози за решавање на нивниот горлив
проблем. Во овој документ е содржана и анализата за тоа колку сезонци во текот
на секоја година им се неопходни за работа. Во сегашнава ситуација оваа
индустрија е изложена на чести инспекциски посети, при што инспекторите трагаат
по непријавените сезонски работници. Казните ниту се ретки ниту мали. Директор
на една конзервна фабрика во источна Македонија, кој бара анонимност, ни изјави
дека во овој поглед нивните маки се големи.
„Сакаме сите сезонци да ги
пријавиме, но уживателите на социјална помош не го сакаат тоа. А, други
невработени не се пријавуваат. Став на нашата групација е да се бара донесување
закон со кој сезонска работа ќе им биде овозможена и на оние што живеат од
скромната социјална помош. Подготвени сме на решение кое ќе нж обврзе парите
наменети за исплата на социјалците - сезонски работници да ги уплаќаме на
посебна сметка при Министерството за труд и социјална политика или како ќе се
реши тоа со нов закон. Факт е дека со постојните законски решенија секоја година
ќе бидеме во дефицит со неопходната сезонска работна сила. Не сакаме законот да
биде изигран, но не го сакаме ниту тоа да останеме покуси во реализација на
планираното производство, со што штетите би биле поголеми", ни изјави овој
директор.