Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

Судството и медиумите можат да соработуваат
АНЕТА АРНАУДОВСКА

Одговорноста на новинарите за клевета и навреда треба да се реши со медијација на еснафот
Како да постапи судија кој е предмет на медиумски напад? Дали ако е прозван како неспособен или корумпиран во конкретен предмет може да дава изјави на новинарите, да свикува прес-конференции и гласно да извикува „јас сум чесен" или „јас го почитувам законот"! Дали тоа ќе го ескулпира од етикетите или уште повеќе во јавноста ќе предизвика негодување и потсмев? Заради презервација на непристрасноста, во речиси сите европски држави судијата е врзан со стандардот за воздржување и дискреција, па не може да „возврати на ударот" на медиумите кога коментарите се во врска со случајот што го води. Ова е разбирливо, бидејќи во дуелот со многу поискусните новинари, бранејќи се себеси, лесно може да биде испровоциран и да ја доведе во прашање објективноста на идната одлука. Од друга страна, таа „воздржаност" од реакција го доведува судијата во нерамноправна положба во однос на сите други субјекти во постапката, а во јавноста се толкува како премолчено согласување со изнесеното. Хрватска истакна дека судскиот систем од страна на печатот се смета за „топка за удирање". Таму како и во Словачка, Португалија, Белгија и други, државните судски совети и судиски асоцијации се одговорни за заштита на судиите од неоправдани напади во медиумите и го прават тоа преку написи во весници или на ТВ. Ова прашање во Македонија треба посериозно да се разработи, секако во согласност со изнесените стандарди.

Прашањето за влез на ТВ-камерите во судниците, освен кога јавноста е исклучена, е различно регулирано. Во Романија се дозволени, под услов странките да се согласат со снимањето, а во Италија таква согласност не се бара за судења од јавен интерес. Во Јапонија, ТВ-куќите може да снимаат две минути пред почнување на процесот. Во Кипар, Малта, Франција, новинарите може да фаќаат забелешки, но не и да снимаат или да ги фотографираат странките. Во Словенија, новинарите се должни да достават одобрение за снимање еден ден пред судењето. Во Луксембург, снимање е дозволено само во ходниците. Судиите неволно го прифаќаат ТВ-снимањето поради ризикот странките, а особено популарните адвокати да го искористат за себерекламирање кое често е на штета на угледот на судот, кој станува забава за масите. ТВ-камерите неизбежно ги ловат најтрогателните и највозбудливи моменти, на тој начин не може да се пренесе објективен впечаток за текот на процесот. Ми се допадна коментар во репортажа на Си-Ен-Ен лани, за судењето на Садам Хусеин кое требаше да почне. Имено, дека „Садам ќе ги користи ТВ-камерите за да се обраќа не на судечкиот совет, туку на ирачкиот народ". Тоа подоцна и се потврди кога Хусеин со својот агресивен настап предизвика судијата да ги загуби „уздите" на процедурата и да се повлече. Слично беше и со судењето на Милошевиќ. Се покажува дека судијата не може секогаш да го издржи притисокот од постојаното присуство на ТВ-камерите, т.е. на народот во судница. Да не зборуваме за опасноста од живите снимки врз безбедноста. Во случајот на Садам, беа убиени тројца адвокати, а неодамна објект на атентат беше семејството на ќерката на судечкиот судија, во кој загина неговиот зет. На ваквите опасности од ТВ-снимањето врз правилното одвивање на судењето треба особено да се внимава, особено ако дојде до одржување на главни претреси за хашките случаи во Македонија.

Во Република Македонија, ТВ-куќите се придржуваат на законските одредби, но ги предаваат дозволите за снимање дури пред почетокот на судењето, а се случува да почнат со снимање и пред тоа, па така ја „ловат" и затеченоста и реакцијата на судијата. Потребно е да се изработи детаљна регулатива за етичките стандарди при снимањето во соработка на судските и новинарските асоцијации.

Судиите и новинарите немаат друг избор освен да соработуваат. Потребите и очекувањата на двете групи се спротивставени, судиите сакаат известувањето од судница да биде точно, а новинарите се фокусираат на најжешките моменти. Судиите сакаат новинарите да користат прецизен правен речник, а новинарите им нудат на консументите секојдневен јазик. Новинарите би сакале неограничен пристап до информациите, а судиите мора да ги почитуваат процедуралните пречки за тоа. Судиите сакаат формално ригорозно одвивање на процесот, а новинарите целиот случај би го филмувале. Сето ова доведува до конфликти кои ќе се разрешат ако двете групи подобро се запознаат, почесто разменуваат искуства на заеднички семинари, работилници, тркалезни маси, за да ги почитуваат резоните и лимитите на секоја од професиите. Во Полска, во рамките на проект на Хелсиншкиот комитет и една приватна фондација, биле едуцирани судовите, судиите и новинарите од локалните медиуми за прашањата кои се појавуваат при известувањето за судството.

Оригинален е начинот на работа на воркшоповите. Првиот ден се дискутира за пречките во соработката, целите на двете групи, добрите и лоши практики и како сето тоа да се подобри. Вториот ден се одвива симулација на вистински судски случај, при што 15 судии и 15 новинари ги менуваат местата. Новинарите играат улоги на судии, обвинители, обвинети, носат одлуки, а судиите, на крајот, изготвуваат прес-извештај и тоа во вид на кратка нота, извештај за таблоид, кратка сторија, ТВ и радиоизвештај и слично. На крајот се оценува работата на двете групи, се дискутираат направените грешки.

Ваква размена на искуствата за меѓусебните ролји би било пожелно да се практикува и во Македонија, што бара ангажман на НВО, но и иницијатива на двете професионалните здруженија. Колегите од Белград наведоа дека изготвениот Водич за медиумите низ постапките значително го подобрил квалитетот на судските известувања и меѓусебните односи во секојдневната практика. Во таа смисла и мислењето ССЕС препорачува секоја професија да изготви кодекс за своите постапки во врска со известувањето и да се воведе независно тело кое ќе се справува со појавените проблеми. Во Норвешка, етичките правила и волонтерските жалбени постапки играат поголема улога во заштита на приватноста отколку судовите. Пресс цомплаинтс цоммиссион е составена од членови од новинари и претставници од јавноста. Во 2004 година се примени 267 жалби, а при одлучувањето се применува Етичкиот кодекс на новинарите, со што голем број случаи завршуваат без инволвирање на судот. Ова може да биде корисно и за Република Македонија со цел судовите да се растоварат од постапките за кривичните дела преку медиумите и одговорноста на новинарите да не се сведува само на државна реакција, во вид на кривичните и граѓанските санкции за клевета и навреда, туку случаите да се решат со медијација во рамките на еснафот, се разбира, без притоа да бидат обесправени лицата кои се предмет на написот или ТВ-емисијата.

(Авторката е судија

во Основниот суд Скопје 1)



© 2001 Утрински Весник, сите права задржани