Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

Филипсовата и Фелпсовата крива
ВАНЧО УЗУНОВ

Дали кривите на нобеловците ќе ни помогнат ние еднаш веќе да си ја најдеме нашата „права линија"
Во последно време ни тргна со кривите, односно со неправите линии. Предминатата недела говоревме за кривата на учење на Македонија, а минатата недела, пак, за кривата на напредокот. И оваа недела следува дискусија за уште две криви, ама овој пат има и уште еден посебен повод - неодамна доделената Нобелова награда за економија за 2006 година на економистот Едмунд Фелпс, професор по економија на универзитетот „Колумбија" во Њу Јорк. Овој осврт е во негова чест, па денес ќе се осврнеме на неговата (Фелпсовата) крива. А бидејќи, пак, таа крива е тесно поврзана со Филипсовата крива, која е конструирана од економистот Филипс, најнапред ќе треба накусо и таа да се објасни. Добро, како и да е, написите за сите овие криви се со надеж дека тие ќе помогнат ние еднаш веќе да си ја најдеме нашата „права линија". Знаете како е, збирот на многу криви, веројатно, може да создаде една права. Ќе видиме.

Приказната започнува некаде во годините веднаш во Втората светска војна, односно од тогашната доминација на кејнзијанизмот во полето на макроекономијата. Имено, според Кејнз, во основа не постои конфликт меѓу целосната вработеност и ценовната стабилност. Или, доколку економијата се наоѓа во состојбата на нецелосна вработеност (т.е. во невработеност), тогаш инфлацијата не е под влијание на порастот на агрегатната побарувачка, кој (пораст) може да се постигне преку мерки на фискалната и/или монетарната политика. Всушност, од гледна точка на кејнзијанизмот, одржувањето на стабилизациската политика е многу лесно: сж што треба е да се одржи (т.е. поттикне) агрегатната побарувачка доволно високо за да се избегне невработеност, но не и превисоко за да се избегне преголема побарувачка на труд (превработеност) и инфлација. Камо светот навистина да беше денес таков.

Според Филипсовата крива, пак, односно според учењето на Филипс кое е создадено кон крајот на педесеттите години на 20 век, постои негативен однос меѓу инфлацијата и невработеноста. Тоа довело до ревидирање на стандардниот кејнзијански макроекономски модел, во смисла дека постои спротивставеност меѓу инфлацијата и невработеноста. Во таа смисла, иако може да се постигне пораст на вработеноста преку користење (поттикнување) на порастот на агрегатната побарувачка, тоа ќе се случува по цена на висока инфлација. Што е уште поинтересно, според Филипс, порастот на инфлацијата е еднократна промена од едно ниво на стабилност кон друго ниво. На тој начин, Филипсовата крива (која типично се црта претставувајќи ја инфлацијата на вертикалната, а невработеноста на хоризонталната оска), создава еден вид "мени" за политичарите – се чини дека тие имаат право на избор меѓу невработеност и инфлација по сопствена желба, буквално како избор на одредена точка во еден координатен систем. Камо уште повеќе светот да беше таков.

Сепак, и теоријата и реалноста потврдуваат дека постојат неколку недостатоци во Филипсовиот модел. Од теоретски аспект, забелешките на оваа теорија се: прво, дека таа всушност претставува едноставна статистичка корелација и воопшто не мора да биде резултанта токму (или само) на односот меѓу инфлацијата и невработеноста; второ, идејата дека повисока вработеност може да се постигнува трајно со трајно одржување повисока инфлација е сосема спротивна на тврдењето на класичарите дека долгорочните економски параметри се функција на реалните, а не на номиналните „сили" (што до денес се има потврдено како сосема точно); и трето, дека Филипсовиот модел не нуди никакво објаснение за разни видови невработеност кои, сепак, се појавуваат и при политиката на висока инфлација. А од практичен аспект, пак, најсилен демант на Филипсовиот модел е состојбата на стагфлацијата (која се појавила во седумдесеттите години на 20 век), односно појавата на стагнација и невработеност при висока инфлација, што е токму спротивно на тврдењето на Филипсовата крива.

Учењето и анализите на Фелпс, годинашниот лауреат на Нобеловата награда за економија, се појавуваат кон крајот на шеесеттите години на 20 век, и тие прават ревизија и дополнување на тврдењето на Филипс. Имено, според Фелпс, во анализата на релацијата меѓу инфлацијата и невработеноста мора да се земат предвид и, прво, однесувањето на фирмите при одредувањето на платите и цените; второ, очекувањата произлезени од „агенцискиот проблем", и трето, оттука произлезената разлика меѓу очекувана (или калкулирана) и неочекувана (некалкулирана) инфлација. Врз тие микроекономски основи Фелпс ја прави својата макроекономска разработка на односот инфалација/невработеност, со што ја конструира Фелпсовата крива, позната и како "со-очекувања-зголемена-Филипсова крива". Во наједноставна, но и најсуштинска смисла кажано, според Фелпс разликата меѓу вистинската (постојната) и очекуваната инфлација, а не инфлацијата сама по себе, е битниот однос кој е поврзан со невработеноста. Во таа смисла, според Фелпс, произлегува дека на долг рок, всушност, не постои спротивставеност меѓу инфлацијата и невработеноста, бидејќи не може да постои трајна разлика меѓу вистинската и очекуваната инфлација. Оттука, она што е мошне интересно, е фактот дека, иако исходот во моделот на Фелпс е идентичен со исходот на моделот на Кејнз, причините за тој еднаков исход се сосема различни. А во поглед, пак, на значењето и влијанието на моделот на Фелпс, факт е дека неговата хипотеза за вертикална долгорочна Филипсова крива при рамнотежна стапка на невработеност претставува една од највлијателните идеи во рамките на макроекономијата во последните педесетина години. Таа хипотеза денес е пресудна во дизајнирањето на монетарната политика, и денес централните банки во принцип ги носат своите одлуки за каматните стапки врз основа на процени базирани врз рамнотежната стапка на невработеност.

Тоа е, накратко, денешната приказна за Филипсовата и Фелпсовата крива. Во ред, годинашната Нобелова награда на Фелпс не му е доделена само заради наведениот придонес туку и за неколку други битни аспекти кои ги докажал, но за нив може евентуално да стане збор друг пат. За нас е битен заклучокот: долгорочно невработеноста не може да се лечи (само) преку повисока инфлација! Тоа е битно, бидејќи не ретко кај нас сме слушале изјави дека Македонија треба да престане да го слуша ММФ, да направи значително релаксирање на типичниот макроекономски микс на политики и, ако го одржи тоа, ќе го решава проблемот на невработеноста. Можеби, ако некој конструира така ревидирана Фелпсова крива, па за неа еден ден да добие и Нобелова награда. А дотогаш, да ја почитуваме ние постојната крива.

(Авторот е вонреден професор

на Правен факултет)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани