Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Свет

   

 

Британците го поддржуваат воениот командант за повлекување од Ирак
Блер ги поддржува коментарите на Данат, но британската стратегија е војниците да се повлечат откако ќе биде завршена работата

Британски војник на задача во Ирак
ЛОНДОН - Повеќето Британци го поддржуваат воениот командант на земјата кој изјави дека британските војници треба наскоро да се повлечат од Ирак, бидејќи нивното присуство ја влошува безбедноста, покажаа резултатите од анкетата што беа објавени вчера. Началникот на Генералштабот Ричард Данат предизвика медиумска и политичка бура минатата недела кога го критикуваше поствоеното планирање за американската инвазија во 2003 година. Во интервјуто за „Дејли меил" Данат изјави дека британските војници треба да се повлечат „наскоро бидејќи нашето присуство ги влошува безбедносните проблеми" и во Ирак и за британските интереси во светот.

Во телефонската анкета на ИЦМ за весникот „Сандеј експрес" 74 проценти од анкетираните се согласиле со Данат. Неговите коментари беа невообичаени со оглед на тоа што потекнуваа од висок офицер и ги дополнија проблемите на премиерот Тони Блер околу ирачката војна. Во другите интервјуа Данат негираше какво било разидување со Блер. Блер изјави во петокот дека ги прочитал транскриптите од интервјуто на генералот и дека ги поддржува коментарите, додавајќи дека британската стратегија е војниците да се повлечат откако ќе биде завршена работата. „Она што тој го кажува, дека сака повлекување на британските сили од Ирак, е токму истото на што укажуваме сите", рече Блер. Портпаролот на Блер изјави дека премиерот има целосна доверба во неговиот генерал.

Коментаторите беа поделени дали коментарите на Данат се несоодветни за еден генерал и дали се против начелата на британскиот ненапишан устав, според кој воените офицери не се мешаат во политиката. Некои побараа да биде разрешен додека други го поздравија фактот дека тој проговори. „Тоа беше јасно уставно прекршување", изјави поранешниот пратеник за мирот во Босна Педи Ешдаун. „Тој со сигурност не требаше да го каже тоа", рече Ешдаун, исто така поранешен лидер на либералните демократи. Но, во анкетата на ИЦМ/Експрес, 71-отсто од Британците се изјаснија дека Данат не треба да се разреши. (Ројтерс)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани