Ширак и се извини на Турција за законот за геноцидот врз Ерменците Француското МНР соопшти дека не го поддржува нацрт -законот опишувајќи го како непотребен
Антифранцуски протести пред конзулатот на Франција во Истанбул
АНКАРА - Францускиот претседател Жак Ширак му порача на турскиот премиер
Таип Ердоган дека жали што француските законодавци одобриле нацрт-закон со кој
негирањето дека Ерменците претрпеле геноцид од страна на отоманските Турци
претставува кривично дело. Турски официјален претставник изјави вчера дека Ширак
телефонски му се јавил на Ердоган во саботата, за да го изрази своето длабоко
жалење поради тоа што Долниот дом усвоил нацрт-закон според кој негирањето дека
Ерменците претрпеле геноцид за време на Првата светска војна е кривично дело.
Турција негира каков било геноцид, истакнувајќи дека Ерменците се жртви на
партизанска војна во која, исто така, беа загубени многу животи на Турци.
Турција ги обвинува Ерменците дека извршиле масакри додека биле на страната со
окупаторските руски единици.
Ширак нагласи дека ги сфаќа и споделува
реакциите и чувствата на турската јавност која е вознемирена поради нацрт
законот. Кабинетот на францускиот претседател не коментираше кога контактираше
за повикот на Ширак до Ердоган. Но, веднаш по гласањето во четвртокот,
француското Министерство за надворешни работи соопшти дека не го поддржува нацрт
-законот на Долниот дом, опишувајќи го како „непотребен и неблаговремен" и
посочувајќи дека можеби никогаш нема да стане закон бидејќи треба да биде
ратификуван и од Горниот дом, Сенатот и од францускиот претседател". Многу Турци
исто така сметаат дека гласањето за геноцидот е начин на ЕУ да ја држи
муслиманска Турција надвор од Унијата, додека Анкара преговара за приклучување.
Европската комисија потсети дека признавањето на геноцидот не е
предуслов за влез на Турција во ЕУ. Меѓутоа Ширак и двајцата водечки кандидати
за негов заменик на изборите што треба да се одржат следниот мај - Николас
Саркози и Сеголен Ројал - истакнуваат дека Анкара мора да го прифати геноцидот
пред да се приклучи кон Унијата. Во Франција живее најголемата ерменска
дијаспора во Европа. Ердоган предупреди во петокот дека Турција размислува за
одмазднички мерки против Франција. (Ројтерс)