Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Свет

   

 

ОН изгласаа санкции за Северна Кореја
Резолуцијата им овозможува на земјите да го стопираат товарот што оди кон и од Северна Кореја за да проверат дали има оружје

Телевизиска снимка од атомската проба на Северна Кореја
ТОКИО - Советот за безбедност на ОН едногласно гласаше за воведување финансиски санкции и санкции за оружје за Северна Кореја поради нејзините нуклеарни тестирања, со резолуција која пратеникот на Пјонгјанг брзо ја отфрли како „гангстерска". Јапонскиот премиер Шинзо Абе веднаш изјави дека Токио ќе размисли за натамошни казнени мерки против изолираната комунистичка држава, додека висок руски пратеник вчера требаше да пристигне на разговори во Сеул. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, исто така, треба да ги посети Јапонија, Јужна Кореја и Кина во текот на неделата, за да дискутира за спроведување на мерките од резолуцијата што ја донесоа ОН.

Резолуцијата, во која акцијата на Пјонгјанг се нарекува „јасна закана за меѓународниот мир и безбедност", им овозможува на земјите да го стопираат товарот што оди кон и од Северна Кореја за да проверат дали има оружје за масовно уништување или слична стока. Со резолуцијата се забранува трговија со опасно оружје со Северна Кореја. Исто така, се наметнува забрана за тешко конвенционално оружје и луксузни производи и се бара од земјите да ги замрзнат финансиските средства поврзани со програмите на Северна Кореја за неконвенционално оружје.

Амбасадорот на Северна Кореја во ОН, Пак Гил Јон замина од состанокот на Советот за безбедност откако ги обвини членките за „гангстерска" акција и предупреди дека Пјонгјанг го смета секој натамошен американски притисок за „декларација на војна". Северна Кореја упати слични соопштенија и порано, но овој пат тоа беше пред официјална публика.

Спроведувањето во голема мерка ќе зависи од тоа дали оние кои тргуваа со Северна Кореја ќе ја почитуваат забраната, која сега, исто така, има поддршка од Кина, најблискиот сојузник на Северна Кореја, како и од Русија. „Клучно ќе биде Кина да ги затвори своите граници за да спречи воени/нуклеарни испораки во која било насока", истакна Ралф Коса, претседател на истражувачкиот центар ЦСИС Пацифички форум со седиште на Хаваи, во коментарот испратен преку електронска пошта. Повеќето трговски патишта на Пјонгјанг минуваат низ Кина, која стравува од прилив на бегалци доколку падне владата на Пјонгјанг. Северна Кореја достигнува и меѓу границата на Кина и Јужна Кореја, каде што се стационирани 25.000 американски војници.

Кина ги предупреди 15-те членки на Советот за безбедност да не го провоцираат Пјонгјанг со „провокативни чекори", особено инспекции на карго испораки кон и од Северна Кореја заради проверка за оружје. (Ројтерс)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани