Комплексот киносали „Култура" им се враќа на сопствениците Со затворање на кината „Култура", „Манаки"
и „Парадизо" престануваат да постојат и „Градски кина"
СунЧица Уневска
Денеска комплексот на киносали „Култура"
поточно киносалите „Култура", „Манаки" и „Парадизо" заедно со земјиштето на кое
се наоѓаат ќе им биде вратен на неговите сопственици. Одлуката за враќање на
овие киносали беше подамна донесена, а киносалите и беа вратени на Агенцијата за
приватизација додека решението за денационализација да стане правосилно. Со
денешното предавање работата во овие киносали, која во последно време додека се
чекаше одлуката за нивно предавање, и онака беше повеќе формална, ќе престане
сосем. А тоа значи дека и постоењето на „Градски кина" веќе нема никаква
функција, па тоа што и претстои на оваа фирма е нејзиното згаснување. Моментно
во „Градски кина" има некаде околу 40 вработени кои, како што ни рече директорот
Драган Живковиќ, ќе одат или под Заводот за вработување или фирмата ќе оди во
стечај. Во секој случај тој ќе се обиде, како што ни објасни, преку
преостанатите простории и опрема што ги имаат „Градски кина" на вработените да
им се даде извесен надомест. Како и да е, факт е дека една историја е завршена.
А она другото чие прашање во овој момент, секако се наметнува, е
состојбата со киносалите во градот, прашање чие отворање се чини се повеќе ја
губи смислата. Не дека е непотребно или неважно, туку затоа што и покрај сите
апели, пишувања, и покрај сите укажувања на состојбата и преземање акции на
дистрибутерите, работите не само што останаа статус кво, туку се повеќе одат
надолу. Факт е дека со затворањето и на киносалите на комплексот „Култура" во
централното градско подрачје, состојбата уште повеќе станува алармантна.
Моментно преостануваат киното „Милениум" и двете помали киносали во трговскиот
центар „Рамстор" кои не работат рентабилно. Тука е и киносалата „Фросина", која
според досегашната работа повеќе е наменска и новоотвореното кинотечно кино во
Кинотеката на Македонија. Е сега, она што е интересно во сето ова се две работи,
првата е дека кај нас работата со пиратеријата и замирањето на киноприкажувањето
некако се повеќе се сфаќа и прифаќа здраво за готово, а од друга страна, тука е
појавата на кинотечното кино кое само за неколку дена покажува една сосем друга
состојба.
Но, прво да се осврнеме на фактот што состојбата со
пиратеријата и со се поевидентното уништување на киноприкажувањето, е состојба
која за жал како никого во државава да не го загрижува. Додека во другите земји
се прават анализи, се преземаат акции за спасување на кината, се говори за
националниот интерес во сето тоа, за враќањето во 19 век со тоталното отсуство
на свест за едно цивилизирано живеење во кое киноприкажувањето е нераскинлив
дел, кај нас никому не му е гајле за тоа. Во една неодамнешна анализа се вели
дека Србија која спаднала на 170 киносали е на последно место во Европа, тогаш
прашањето за Македонија, која нема ни десет киносали во целата земја, барем не
кои работат активно, е во која категорија спаѓаме ние. Во Хрватска сите можни
филмски здруженија (на сниматели, на продуценти, на филмски критичари, што кај
нас е непојмливо) се обединети во оваа борба со цел да ги спасат киносалите
токму како „наследство по кое се идентифицираме како цивилизирана, урбана и
европска средина". А што се случува кај нас? Ние донесовме Закон за филмски фонд
во кој се предвидува грижа за дистрибуцијата и киноприкажувачката состојба во
земјава, но она што е важно уште пред тој да почне со работа, е која партија кои
луѓе таму ќе ги постави. Во меѓувреме киноприкажувачката дејност згаснува,
пиратеријата сигурно достигнува некое ниво од 95 проценти и никому ништо. Важно
ние зборуваме за влегување во Европа, за исполнување некои услови додека црниот
пазар цвета, а се гасне единственото по што не препознаваат токму како
цивилизирана земја, културата поточно еден нејзин битен сегмент. Македонија
стана и членка на европскиот филмски фонд „Еуроимаж", киносалите „Фросина" и
„Манаки" добиваа дотации за прикажување европски филмови, македонското
Министерство за култура е покровител на доделувањето на европските филмски
награди, заборавајќи дека сите придобивки со ваквиот развој на настаните ќе
паднат во вода.
Она на што во овој момент сакавме да укажеме како на
противтежа на состојбите, е фактот како се одвиваат работите со новото кинотечно
кино. Интересно е дека оваа киносала и не е во централното градско подрачје, но
веќе покажува еден своевиден бум. Имено, во текот на овие неколку дена салата од
136 седишта се полни или половина за филмот „Мирно лето" или по една третина за
делата „Денови на искушение" или „Црвениот коњ" што покажува дека младите сакаат
добар филм, сакаат да го видат она што е вредно во филмската уметност и се чини
дека еден таков простор во кој има и галерија и филмска библиотека има голема
надеж да заживее и да проговори за еден поинаков однос кон филмот, но и за
дружење или поточно соцолошкиот момент кој преку него се создава. Со други
зборови, сето ова што се случува во нашата земја говори за лоша стратегија, за
потценување на сопствените капацитети и култура и за една генерална негрижа,
која не случајно не држи (и се повеќе не носи подолу) на ова место на кое во
генералната карта на Европа се наоѓаме.