Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Култура

   

 

Канибалите јадат бронзени глави
Вандализам на кејот „Сергеј Есенин" во Струга

Александар Димовски


Откако пред една година започна невидениот грабеж на прекрасните и скапоцени бронзени светилници по кејот на реката Црн Дрим во Струга и го оставија тој дел од градот во потполн мрак, канибалите на урбаната култура го продолжија својот „крвав“ поход и на кејот „Сергеј Есенин“ што е распослан на еден од најатрактивните делови на Струга, и парче водоземје познато ширум светот преку Струшките вечери на поезијата - истекот на Реката од Охридското Езеро. Имено, „канибалите“ во својата бестијалност ги нападнаа и бистите на Ацо Шопов, Славко Јаневски и Анте Поповски, подигнувајќи ги за неколку сантиметри од постаментот и подготвувајќи ги да завршат во пламените јазици на пеколните топилници на бронза. За среќа, с? уште без видливи последици се бистите на Сергеј Есенин - еден од најголемите светски поети на XX век, чија биста, подарок од Руската федерација, беше поставена во не така далечната 1996 година и со тој чин започна убавата традиција - поставување споменици на културни дејци во градот на светската поезија, и на Адам Мицкјевич, голем полски поет-романтичар од XIX век, подарок на владата на Полска.
„Ни требаа повеќе од 5.000 години барем делумно да ја сфатиме природата и драмата на градот, а сигурно ќе ни треба и подолг период да ги исцрпиме неговите уште неостварени потенцијални можности“, вели Луис Мамфорд во предговорот на своето дело „Градот во историјата“. Рурбаните и канибалистички пустошења на ловците на бронзени глави во никој случај не придонесуваат ова да и’ се прогнозира и на Струга, град кој по дефиниција би требало да се грижи за културните вредности зашто претставува „светска престолнина“ на поезијата каде што секоја година се собираат десетици поети од целиот свет, секако, не заборавајќи ја неколкуилјадната историја на овој простор населен и активен уште од неолитот и град во кој е зачната македонската Преродба. Овие тројца наши велики литерати го продолжуваат она што пред 150 години го започнаа Миладиновци во Струга походејќи кон македонското национално себесознание и зрелост на духот, и секако, не заслужуваат ваков однос.


© 2001 Утрински Весник, сите права задржани