Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

И Загреб успеа да ги однесе бодовите од Скопје
Во првите 10 минути од вториот дел Металург не постигна ниту еден гол, а Загреб четири пати ја погодуваше мрежата на Дамјановиќ

„Загреб заслужено ги однесе бодовите од Скопје", изјави десниот бек на Металург, Олег Маљцев
САШКО Ѓ. ДИМОВСКИ



„Така блиску, а така далеку", беше првичниот коментар на тренерот на Металург Славко Новаковиќ на прес конференцијата по поразот на неговите момци од Загреб во СРЦ „Кале" со 22:18 во рамки на третото коло во групата Д во Лигата на шампионите.

Иако не така убедливи, сепак гостите од Хрватска ја оправдаа фаворитската улога со која допатуваа во Скопје. Во најголем дел од натпреварот ја имаа контролата врз играта и резултатот, а надмоќноста на противникот ја признаа и играчите на суперлигашот од Автокоманда.

„Загреб заслужено ги однесе бодовите од Скопје. Физички се поподготвени од нас, поискусни се и имаат многу силни меѓународни натпревари. Кај нас тоа не е случај", посочи десниот бек на Металург, Олег Маљцев по натпреварот.

Своја вечер во саботата имаа голманите Дамјановиќ и Шола кои заедно или поединечно одбранија повеќе удари одошто нивните колеги во нападот постигнаа голови. Дамјановиќ го заврши натпреварот со 21 одбрана, а Шола со фантастични 24.

„Одигравме меч со многу грешки. Тежок натпревар во кој на периоди сами си создававме проблеми. Среќа што имам далеку подолга клупа од мојот колега Новаковиќ. Валчиќ и Каписода одлично одговорија на задачите во второто полувреме", истакна тренерот на Загреб, Божидар Јовиќ и дополни:

"Сж уште не можам да кажам дека сме сигурни патници во наредната фаза во Лигата на шампионите. Тоа прашање и натаму останува отворено. На крајот може да завршиме на првото место, но можеме да завршиме и на третото".

Металург успеваше да одржува резултатски чекор со Загреб во првите 30 минути и на одмор да замине со нерешен исход (9:9). Меѓутоа кобни за нашиот шампион беа стартните 10 минути од второто полувреме.

За тој период металурзите не успеаа да постигнат ниту еден погодок, а противникот ја искористи заспаноста на домашните и со серија од 4:0 ја оствари првата поопиплива позитива на натпреварот што се покажа како решавачка за победникот на натпреварот. Во последните 10 минути Металург се доближи на минус еден, но тоа беше сж што можеше и имаше сили да стори десеткуваната чета на Новаковиќ кај која сепак е видлив напредок во играта.

„Заслужена победа на Загреб. Повеќе не можевме. Комплетната бековска линија не може да го даде максимумот. Згора Загреб го имаше Владо Шола кој успеа да одбрани околу 15 наши зицери и полуконтри", заврши Новаковиќ.

Металург - Загреб 18:22



Полувреме: 9:9. Сала: СРЦ „Кале" во Скопје. Гледачи: 1200. Судии: Пал и Чаба Кекеш од Унгарија. Седмерци: Металург - 3/5, Загреб - 1/1. Исклучувања: Металург - 8 мин., Загреб 12 мин. Технички грешки: Металург - 16, Загреб - 15.

Металург: Дамјановиќ (21 одбрана), Колев, Живковиќ 2 (2/2), Чоровиќ 1 (1/8), Наумовски (0/1), Ангеловски 2 (2/8), Миркуловски 2 (2/7), С. Стоилов, Ѓоргоновски, М. Стоилов, Маљцев 4 (4/12 од игра, 0/1 од 7 м.), Чантурија 1 (1/3), Макалоски 4 (1/2 од игра, 3/4 од 7 м.), Зарков 2 (2/3). Тренер: Славко Новаковиќ.

Загреб: Шола (23 одбрани, 1 седмерец), Удовиќ (1 одбрана), Калеб 1 (1/1), Кабенгеле 1 (1/2), Дувњак 1 (1/4), Валчиќ 2 (2/6), Лелиќ 5 (5/5), Тоскиќ 1 (1/2), Голиќ 1 (0/1 од игра, 1/1 од 7 м.), Анушиќ (0/1), Каписода 1 (1/2), Хорват 2 (2/4), Терзиќ (0/7), Јурца 7 (7/18). Тренер: Божидар Јовиќ.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани