Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

Македонија Ѓ.П. со играч помалку му извади реми на Вардар
Вардар водеше со 2:0, згора на тоа во 55 мин. црвен картон доби Деспотовски, но ни тоа не му беше доволно на лидерот за победа

Дуел на Вандаир и Милосављевиќ
МИОДРАГ МИЦКОВИЌ



Имаше навистина многу возбудувања на Градскиот стадион на дерби средбата меѓу Вардар и Македонија, претендентите за титулата првак на Македонија. Иако, Вардар водеше со 2:0 имаше и две извонредни шанси во првото полувреме да го зголеми водството, а згора на тоа од 55 минута имаше дури и играч повеќе (Деспотовски поради втор жолт картон беше исклучен) на крајот не успеа да ја сочува предноста од 2:0. Фудбалерите на Македонија одлично се бранеа, добро ја контролираа играта не се предаваа и во моментите кога беа во негатива од два гола и во финишот на мечот со борбена игра и со играч помалку успеаја да извлечат бод во дерби мечот. Вардар мошне брзо дојде во предност, во десеттата минута поведе со 1:0 од пенал што го реализира Вандаир. По изведениот корнер Деспотовски несмасно играше со рака и судијата Крстевски покажа на белата точка. Петнаесетина минути подоцна нова грешка на играчите на Македонија. Овој пат погреши младиот голман Маџаровски кој по еден удар на Глигоров кусо ја одби топката на неа натрча Дејвисон и Вардар веќе имаше предност од два гола.

Кога се чинеше дека се уште лидерот на табелата ќе знае да ја искористи оваа предност бидејќи имаше уште неколку шанси неочекувано во 51 минута преку Ивановски Македонија намали на 2:1 и внесе доста нервоза во редовите на Вардар. Тоа се одрази во играта на црвено црните и во 72 минута по нова грешка на одбраната на Вардар Положани од непосредна близина израмни на 2:2. Залудни беа сите напори на играчите на Вардар да го постигнат победоносниот гол а малку требаше во последните минути од судиското продолжение Положани да ја казни играта на Вардар и да постигне гол но за негова несреќа а за среќа на голманот Здравковиќ топката мина пакрај голот.

Вардар - Македонија ЃП 2:2 (2:0)



Градски стадион. Гледачи 4.000. Судија Крстевски од Битола. Стрелци Вандаир во 10 и Деилсон во 26 за Вардар, Ивановски во 51 и Положани во 72 за Македонија.

Вардар: Кметовски (Здравковиќ), Марковски, Таневски,Бранковиќ, Брага, Деилсон, Ристевски, (Тричковски), Масев, (Ристовски), Глигоров, Наумов Вандаир.

Македонија: Маџаровски, Брњарчевски, (Шчепановиќ), Положани, Милошевиќ, Божиновски, Јовановски, Исмаили, Деспотовски, Димовски, (Илиќ), Милосавлевиќ, Ивановски.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани