Патувањето со автобусите на „Пролетер" кошмар за патниците Автобусите редовно доцнат, а возачите се арогантни спрема
патниците
СОСТОЈБИ Возачите своеволно одлучуваат каде ќе застанат, колку ќе стојат и колку патници ќе примат
СНЕЖАНА КАЛАБАКОВА
„Патувањето со автобусите на ’Пролетер‘
е вистински кошмар. Никогаш не тргнуваат навреме, редовно доцнат, а возачите
попатно застануваат да наполнат бензин, наместо да го сторат тоа пред тргнување.
Ако им приговорите дека нивното доцнење е и ваше доцнење, тогаш се подготвени и
физички да се пресметаат со вас". Вака се жалат најголем број од патниците кои
редовно имале лоши искуства со ова превозно претпријатие. Корисниците на
услугите на „Пролетер" велат дека возачите своеволно одлучуваат каде ќе
застанат, колку ќе стојат и колку патници ќе примат. Тие реагираат дека за
купените билети не добиваат фискални сметки како што се прави тоа на шалтерите.
Патниците појаснуваат дека, и покрај тоа што навреме ќе купат билет со цел да си
обезбедат седење понапред, никогаш не го добиваат седиштето со бројот што им е
означен на билетот. Возачите дрско ги испраќаат да седнат на кое било седиште.
На возачите од „Пролетер" се жалеле и од автобуските станици.
„Моето
последно патување до Струга беше со автобус на ’Пролетер‘. Пред селото Желино
возачот застана на бензинска пумпа да наполни гориво. Пет часа патував до Струга
со седуммина работници, затоа што возачот застануваше каде што сака за да собира
патници. Во Струга имав договорено да ме чека такси, кое требаше да нж превезе
до Албанија за да стигнеме на работа, на објект. Затоа што задоцнив, го платив
10 евра поскапо", раскажува Војо Миленковиќ од Скопје и додава дека тој со
градежниците годинава девет пати патувале со „Пролетер" до Струга, а потоа на
работа во Албанија. За билет плаќале по 400 денари, а кога му приговориле на
возачот, малку фалело за своите пари да добијат и ќотек.
На арогантниот
однос, доцнењето, попатното качување патници и неиздавањето фискални сметки,
односно нереалното прикажување на приходите, може да му се стави крај. Сето тоа
може да го санкционира Државниот инспекторат и тоа врз основа на Законот за
превоз во патниот сообраќај. Од „Пролетер" немаше кој да ги прокоментира
обвинувањата, но од Министерството за транспорт и врски тврдат дека постапуваат
по сите претставки што ги добиваат, а во врска со „Пролетер" било постапувано и
во текот на редовните акции. Покрај прекршочните казни, им биле одземани и
регистарските таблички.
„Државниот инспекторат за транспорт има
надлежност по записнички констатираната недоследност да поднесе барање за
поведување прекршочна постапка. Пропишаната казна изнесува од 15.000 до 150.000
денари за правното лице и од 3.000 до 30.000 денари за одговорното физичко лице.
Во драстични случаи, државните инспектори за патен сообраќај предлагаат мерки до
Министерството за бришење на постојните линии, или привремено одземање на
дозволениот превоз", објаснува Лидија Станчевска, портпаролка на Министерството
за транспорт и врски.