ДУИ и ПДП порачуваат до Брисел - ситуацијата во Македонија е алармантна
Ермира Мехмети
ТЕТОВО - „ЕУ е еден од клучните гаранти за спроведување на Рамковниот
договор. Сега, поради прекршување на принципите на Охридскиот договор,
ситуацијата станува алармантна, ЕУ и другите меѓународни фактори што се
одговорни за прекршување на утврдените принципи ќе ги алармираме за сите
случувања и наши согледувања во постизборниот период". Ова го изјави
портпаролката Ермира Мехмети, непосредно по завршувањето на лидерската средба на
коалицијата ДУИ - ПДП, што заврши доцна вечерта во понеделникот во Мала Речица,
која финишираше со заклучок за согледувањата на двете партии писмено да се
извести Брисел.
Али Ахмети и Абдулади Вејсели зад затворени врати
останаа цели четири часа. Средбата ја започнаа со присуство на генералните
секретари, а подоцна биле вклучени и потпретседателите. Не е познато дали по
заземените ставови ќе се произнесуваат претседателствата, но портпаролката рече
дека е утврдено писмото до Брисел да биде испратено најдоцна до крајот на оваа
недела. Лидерите Ахмети и Вејсели не се појавија пред новинарите.
Според
Мехмети, во писменото обраќање до ЕУ и другите меѓународни фактори било наведено
дека во Македонија бил направен преседан и на сериозен начин бил погазен
принципот на инклузивитет. „Погазен е духот што се инсталираше во Македонија со
потпишувањето на Охридската спогодба. Настанат е многу чувствителен политички
момент во кој се оптоварени меѓуетничките односи како последица на непочитување
на волјата на Албанците. На сериозен начин е нарушена довербата меѓу Македонците
и Албанците, кои сега се многу кревки", констатираат ДУИ и ПДП, подвлекувајќи
дека со одлуката на ВМРО-ДПМНЕ се испушта шансата за „големото меѓуетничко
помирување меѓу Македонците и Албанците".
Портпаролката уште еднаш
нагласи дека коалицијата ДУИ-ПДП продолжува на здрави односи. Прашањето за
враќање на мандатите на пратениците не било предмет на расправа. Изјавата на
пратеникот Трајко Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ за избор и преземање места во
собраниските комисии, Мехмети ја оцени како ултимативен начин на обраќање до
коалицијата. „Изјавата е крајно арогантна. Ние не сме политички партии кои
одговараат на такви ултиматуми. Велјановски не е тој што може да упатува такви
ултиматуми и да одредува рокови за ДУИ-ПДП", рече Мехмети.