МАКЕДОНСКИ БРОД - И покрај донесената декларација на Здружението на
граѓани „Поречки средби" со кое бара државата веднаш да почне да ја гради
делницата од осум километри, колку што недостигаат за да се поврзат Македонски
Брод и Самоков со Скопје, работата сж уште е статус кво. Спорните осум километри
кои ЕСМ ги потопи со изградбата на акумулацијата „Козјак" треба да ги поврзат
Брод, Самоков и педесетина села од Порече и повеќе од 6.000 жители со Скопје за
околу триесет минути. Сега им се потребни повеќе од три часа за да дојдат до
Скопје преку Кичево, Гостивар и Тетово или да патуваат преку Прилеп.
„Нашето трпение е при крај и ако надлежните и натаму се оглушуваат на
нашите барања и измислуваат приказни за да ја одложат одлуката за градење на
патот Здуње - „Јасен", ќе бидеме принудени да ги радикализираме нашите
активности, да организираме протести, па дури и блокади на патиштата", велат во
здруженијата „Порече" и „Поречки средби". Објаснувајќи дека потрошиле многу
нерви, време и труд додека ги обезбедиле сите дозволи и мислења и дека им е
доста од опструкции. Откако се изгради браната „Козјак" сега е редно да ни го
направат патот меѓу Здуње до пред Кулата и „Јасен", а оттаму до Скопје веќе има
пат.
„Очекуваме езерото да го измени животот, да излеземе од
сиромаштијата, да почнеме да живееме од туризам. Но, сега кога државата ја крена
црната железна рампа што пред шеесетина години ја монтираа кај „Јасен",
дирекцијата на „Јасен" дава отпор и со тоа ја гази одлуката на државата да се
изгради патот. Несфатливо е како може јавно претпријатие формирано од владата да
врши опструкција на владина одлука. Поради млаката или подобро речено никаква
реакција на досегашната влада, ни се потврдува сомневањето дека проблемот не
случајно само се одолжува со години. Очекуваме новата влада конечно да почне да
ја гради делницата. (В.Т.)