Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  Дневник

   

 

Стоп за војната во Либан
Стоп на новата војна во Либан беше мотото под кое пред амбасадата на САД во Скопје мирно протестираа членовите на Македонско- арапското друштво и нивните пријатели. „Либан досега преживеа седум војни, по целосната обнова по последната војна не му се потребни нови жртви и уривања, а децата не смеат да бидат заложници на интересите на светските велесили", порачаа членови на Македонско-арапското друштво на протестот одржан во саботата.

БИТОЛА - Седумдесет и тригодишниот Атанас Аризанов, велешанец, по потекло од Егејска Македонија, беше еден од многубројните гости кои вчера првпат присуствуваа на 26. по ред Семакедонска средба што се одржа во потпелистерското село Трново. Сведок на егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, дедо Атанас и денеска копнее да се врати во родната грутка, во селото Мрсна, северна Грција. „Очите ми се пресушија од плачење. Немам веќе верба дека пред да заминам од овој свет ќе ја дочекам правдата за нас, Егејците. Ја изгубив надежта. Повеќе не верувам ниту во Европа, зашто и таа гледа низ прсти за нашиот простор. Европа знае дека таму ни останаа куќите, стоката, и дека нж избркаа само со парталите на нас", со треперлив глас рече дедо Атанас.

Организаторот на средбата- Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција со седиште во Битола, од Трново ја упати својата порака до идната влада. „Ќе ч оставиме аманет на владата да стави рака на нашата судбина и проблемот што нж измачува 60 години. Да го постави прашањето за враќање на прогонетите Македонци во Грција на меѓудржавно ниво, но и на меѓународно, пред Организацијата на обединетите нации за да можеме пред смртта да се вратиме на гробиштата на нашите и да им запалиме свеќи зашто е срамота Македонија да гради добрососедски односи со Грција врз нашата трагедија", рече Александар Поповски, потпретседател на Заедницата.

Мандатарот за состав на новата влада, Никола Груевски, кој ненајавено вчера дојде во Трново, на Егејците им вети дека по 16 години молк од страна на македонската држава ќе се обиде да го актуализира ова прашање пред Грција и меѓународниот фактор. „Нема ништо срамно една држава да отвори разговор и дијалог со друга држава за тоа. Друга е работата колку ќе се успее и колку е доцна, но барем да направиме обид. Тоа никој нема да ни го забележи, ниту Грција, ниту Европската унија. Што се однесува до нас, во наредниот период ќе го отвориме тоа прашање", рече Груевски, дополнувајќи дека новата влада ќе им излезе во пресрет и на сите други државјани на Република Македонија кои имаат каков било проблем со други соседни земји.

А токму на непочитување на правата на македонското малцинство се пожалија во соседните држави и Македонците од Бугарија и Албанија, кои вчера допатуваа во Трново. Иван Гаргавелов од градот Гоце Делчев, Пиринска Македонија, вели дека какао никогаш досега последните години тешко е да се биде Македонец во Бугарија. „Состојбите на Македонците во Бугарија се многу лоши зашто во оваа земја и денеска се шири една бесна националистичка кампања против нас, особено антимакедонска. Нема медиум да не плука по Македонците од пиринскиот дел во Македонија. Бугарија само декларативно е демократска земја. Ако јавно кажеш дека си Македонец, веднаш „леташ" од работа и ти и твоето семејство. Само не знаеме зошто македонската влада не реагира", вели Гаргавелов и со гнев нагласува дека Македонците од Пиринска Македонија имаат аргументи да докажат дека нема бугарска нација, а не обратно. „Тежок е животот и за македонското малцинство во Албанија. Не ги уживаме основните човекови права како образование на свој мајчин јазик. Само пет отсто од Македонците во Албанија имаат право да учат на својот јазик. Но, во Албанија не се игнорира само македонското малцинство туку и секое друго", рече Едмонд Темелко, претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија - Друштво „Преспа".

Дваесет и шестата по ред семакедонска средба ја отвори академик Иван Катарџиев. Присутните уживаа во богата културно-уметничка програма изведена од игроорци од Италија, Македонија, Бугарија, Албанија. Дворот на храмот „Св. Богородица" вчера беше светилиште за сите Македонци раселени низ светот. Прегрнати и со солзи радосници Македонците наздравуваа што повторно се заедно, со ветување в година здрави и живи пак да се сретнат на истото место, но и со надеж проблемот што ги измачува децении наназад конечно да биде решен. (Б.Т.)

© 2001 Утрински Весник, сите права ��адржани