Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Регистарот неделава ќе пресече за новата гасоводна компанија
Поделеност околу законитоста на регистрацијата на друштвото со кое ќе управуваат државата и „Макпетрол"

Во изминатите денови во Регистарот се работеше на законската проверка на регистрираното друштво
МАЈА ТОМИЌ



Во текот на неделава Централниот регистар треба да го каже дефинитивниот став за тоа дали е незаконска регистрацијата на новото мешовито друштво „Гама" со кое ќе управуваат пола - пола државата и „Макпетрол". Изостана официјалното соопштение кое се најавуваше за четвртокот, со кое требаше да се поништи или да се потврди како исправна извршената регистрација на заедничкото друштво. Биле потребни дополнителни експертски консултации, бидејќи имало поделени мислења меѓу нив.

Неофицијално, според стручните анализи од изминатите десетина дена, регистрацијата не била во спротивност со законските норми и најверојатно на друштвото ќе му се даде можност да почне да работи.

Во изминатите денови во Регистарот се работеше на законската проверка на регистрирано друштво, за што се ангажираа домашни и странски експерти по трговско право, за да утврдат дали Владата ги прекршила сопствените законски правила. Беше најавено дека, доколку се утврди незаконитост, ќе се поништи веќе издаденото решение за регистрација.

Владата во заминување и „Макпетрол" кон средината на јули формираа заедничка фирма за управување со гасоводот и новата компанија ја запишаа во Централниот регистар. Притоа, она што е спорно е одредбата од Законот за енергетика, според која државата има природен монопол врз гасоводот и таа мора да има доминантно учество и во управувањето со него. Оттаму, регистрација на компанија која базира според принципот 50 - 50 е спротивна на овој Закон. Но, според првичните реакции од Регистарот, таа, пак е во согласност со Законот за јавни претпријатија и Законот за трговски друштва.

Инаку, Владата за извршен директор на гасоводното друштво го назначи Илија Хаџидаовски, а за раководител Ејуп Рустеми, пратеник од ДУИ. Досегашниот директор на ЈП „Гама", Владимир Петровски, ќе биде советник во новата компанија. Во фирмата треба да работат 45 лица од „Макпетрол" и 14 сегашни вработени во „Гама". Може речиси со сигурност да се очекува дека новата влада ќе изврши смена на нивните функции, со оглед на тоа дека станува збор за јавно претпријатие.

Новиот владин состав ќе биде трет во изминатите десетина години на кој во наследство му останува да го реши долгогодишниот спор меѓу државата и „Макпетрол" за докажување на правото на сопственост врз гасоводот. И државата и компанијата тврдат дека имаат вложено повеќе пари во системот и дека се мнозински сопственици. Во почетокот на јуни Владата во оставка му понуди на „Макпетрол" пола - пола управување со гасоводот, додека не биде донесена судската разврска за сопственоста, што беше прифатено од страна на компанијата. Оваа одредба била вградена и во статутот на новоформираната компанија.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани