Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Прванов го поддржа Калфин за односот спрема Македонија
Бугарскиот претседател бара од Македонија да се почитува заедничката историја

Софија - Министерот Ивајло Калфин безусловно е во право, дека поддршката од Бугарија за Македонија треба да одговара на толерантноста во односот спрема историјата, да исклучува секаков негативизам и секаква агресивност, смета бугарскиот претседател Георги Прванов. Според него, фактите во овој спор со Македонија биле на страната на бугарската држава.

На прашањето на софиската агенција „Фокус" за тоа какви треба да се односите меѓу Бугарија и Македонија, исклучувајќи ја актуелната тензија, бугарскиот претседател повика на разум и на водење европска политика. „Треба да бидат односи кои одговараат на заедничката историја, на разумното читање на историјата", смета Прванов.

Бугарскиот претседател додава дека односите треба да одговараат и на европскиот карактер на политиката што ја води.

„Не треба да се заборави дека Бугарија прва ја призна Република Македонија, а бугарските институции ч даваа отворена и силна поддршка на Македонија", изјави Прванов.

Односите меѓу Скопје и Софија се наелектризираа по изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Ивајло Калфин, дека Бугарија нема безусловно да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Објаснувањето за ваквиот став на Калфин беше дека Македонија треба да престане да врши агресија врз бугарската историја и нација.

Македонското МНР испрати дипломатска нота до бугарската амбасада во Скопје, но одговор од Софија сж уште нема. Бугарските дипломати одбија да разговараат и со македонскиот амбасадор Абдурахман Алити, кој бараше објаснување за ставовите на Калфин.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани