Број 2028 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

Петар Анѓушев-Хорват (68), легенда на спортот во Кавадарци, играше за Вардар во финалето на Купот на Југославија
Игравме кошарка со фудбалска топка
Перо Анѓушев се сеќава на еден меч со Динамо во Загреб и дуелите со брзото крило на загрепчаните Зденко Кобешчак. - Беше мошне брз играч, двапати ми ја протна топката меѓу нозе, ме седна на теренот. Насмевнат, знаеше потоа да ми каже: Извини, не сум јас виновен што си толку висок. Молчев и чекав да му се реванширам. По еден старт, отидов на него малку поостро, речиси го исфрлив на атлетската патека. По овој старт ме погледна луто со зборовите: Човеку, што работиш. Тогаш јас му одговорив: Извини, не сум јас виновен што си малечок. По тој старт, избега на другата страна од теренот.

Една необјавена фотографија на Вардар од 1960 година
Миодраг МицковиЌ
Беше член на Вардар кога овој клуб го постигна најголемиот успех во својата богата историја, освојувајќи го Купот на Југославија во далечната 1961 година, победувајќи го во финалето на стадионот на ЈНА во Белград Вартекс од Вараждин со 2:1. Играше фудбал за Тиквеш кога кавадарчаните играа во Втората лига на Југославија, но тоа не е сў. Петар Анѓушев-Хорват беше член на првата генерација кошаркари од Кавадарци, играше ракомет за Тиквеш во времето кога овој клуб заедно со Работнички, Борец, Работник од Битола, Партизан од Гевгелија се бореше за титулата - првак на Македонија.
Дури играше и одбојка, голем ракомет, за Петар Анѓушев може слободно да се каже, тој е една од легендите на спортот во Кавадарци.
- Повеќе и не се сеќавам што сў сум играл, ја почна својата приказна Анѓушев, кој за својата богата спортска кариера може да напише цел роман за сето она што го има доживеано на спортските терени играјќи фудбал, ракомет, кошарка, одбојка...
Практично, кој беше Вашиот прв спорт?
- Кошарката. Висок сум 184 сантиметри, тамам за кошарка, како што ми кажа мојот прв тренер Диме Димовски, еден од најзаслужните за развојот на малите спортови во Кавадарци. Тогаш бевме секција на ДТВ "Партизан°, игравме кошарка на теренот во гимназијата, јасно надвор, немаше сала. Се сеќавам на моите први соиграчи: Васо Зарков, Драги Миленов, Перо Петров, Блашко Тентов... Кога ќе се присетам на тие денови кога трениравме и игравме кошарка со фудбалска топка, немавме кошаркарска, не можам да поверувам дека беше така.
Игравте и на традиционалниот кошаркарски турнир во Куманово.
- Беше тоа 1953 и 1954 година. На турнирот играа Работнички, Куманово, Раднички од Белград, Црвена звезда со Цветковиќ. Кога настапивме првата година, бевме по малку смешни, бидејќи првпат игравме со вистинска кошаркарска топка. Не можевме да дофрлиме до кошот. Поради мојата височина, немаше многу високи играчи во Македонија, двапати во Кавадарци доаѓаше тренерот на Работнички, Стефан Тодоровски-Цефи, за да ме убеди да дојдам во Работнички. За жал, не ме пуштаа од дома, татко ми се лутеше што играм кошарка, кога другарите ќе го видеа дека оди кон игралиштето, веднаш ми викаа: Хорват, бегај, еве го татко ти.
Како с�� случи од кошарката да се префрлите на ракометниот терен?
- За сў е виновен тренерот Лазар Лалков, татко на ракометот во Кавадарци, па и во Македонија. Одговарав и за ракомет, бев висок, имав и силен шут. Практично, тоа беше истата екипа која играше и кошарка. Малку по малку, ги научивме тогаш оние ракометни правила - три чекори и додај ја топката. Не како денес, кога можеш да ја "водиш° по целиот терен.
Се сеќавате ли на Вашите тогашни соиграчи во РК Тиквеш?
- Имавме силен тим за тоа време: Пане Малинков, Васо Зарков, Јован Ќурчиев, Љубомир Фишиќ, Боро Грозданов, Славчо Атанасов, Панче Јосифов, Ико Мукаетов, бранеше мојот брат Ристо Анѓушев, кој подоцна бранеше и фудбал за Тиквеш.
Тиквеш беше рамноправен со најсилните екипи во Македонија?
- Игравме во финалето на Купот на Македонија, загубивме од Работнички со 17:15, благодарение на судијата Драгољуб Лазов, бевме втори во Македонија, тогаш првенствата се играа турнирски. Се сеќавам колку бевме силни, го победивме Повардарие во Неготино со 44:12. Тогаш неготинчани не велеа со колку разлика загубиле, знаеја да кажат: на кавадарчаните им дадовме 12 гола.
До кога игравте ракомет?
- Некаде до крајот на 1956 година, кога почна мојата фудбалска кариера.
Од ракомет, на фудбал, малку чудно, нели?
- Нема да верувате, играв ракомет, тренирав и фудбал во подмладокот на Тиквеш. Тренер ми беше Ристо Јоцков-Попот. Набрзо, некаде во почетокот на 1956 година, бев прекомандуван во првиот тим. Играв десно крило, дебитирав против Борец од Велес. Играв и против Работник во квалификациите за влегување во тогаш новоформираната Четврта зона. Загубивме во Битола со 2:1. Што да ви кажам, тоа беше денот кога сакав да му кажам збогум на фудбалот. Судеше Живота Влаиќ од Белград, ни исклучи играч, досуди два пенала против нас. Тогаш првпат видов што значи судиска неправда.
Каква и која беше фудбалската генерација на Тиквеш со која почнавте да играте?
- Мошне силна. Играв со Вуко Каров, Блажо Малинков, Панче Грков, Атанас Трајковски, Раде Мајсторчев, Лазар Грозданов, Илија Грозданов, Данаилчо Каров, Драго Каров, Ристо Трифунов...
Почнавте во Тиквеш, фудбалското име го добивте во Вардар?
- Така е тоа. Бев стандарден првотимец на Тиквеш, игравме во Македонската лига, кога д-р Тевчев, кој беше еден од влијателните луѓе во клубот, ме повика да дојдам во Скопје и да играм за Вардар, кој во 1958 година беше првак на Втората лига и се врати во прволигашкото друштво. Првите шест месеци тренирав со играчите на Вардар, играв за Тиквеш, а конечно потпишав во 1959 година и дефинитивно се преселив во Скопје. Тогаш играв во одбраната.
Кога дебитиравте за Вардар во Првата лига?
- Против Вележ во Мостар, беше 0:0, пред последниот тренинг се повреди Илија Мојсов и Антал Лика, тогашниот тренер, ми рече: Перо, ти ќе играш во Мостар, иако некои постари играчи бараа да игра некој друг. Каде јас, селанче од Кавадарци, да играм со нив. Лика беше упорен, во Мостар го чував Мухамед Муиќ, подоцна репрезентативец на Југославија, за Вележ тогаш првпат бранеше Иван Ќурковиќ. Имав трема, но по првиот старт, таа исчезна. Потоа играв против Партизан, го чував Виславски и сў до крајот на моето играње во Вардар, до 1963 година, бев стандарден првотимец.
Игравте со повеќе познати фудбалери на Вардар во тие години?
- За Вардар за тие четири години имав одиграно 70 натпревари. Играв со Тоде Георгиевски, Коста Милошевски, со Јовановски-Диксон, Дацевски, Часлав Божиновски, Трајчевски, Мирко Илиевски, Дончевски, Стојан Велковски, Владо Николовски, со мојот добар пријател Петар Шулинчевски, Живко Поповски-Чик, Кирил Дојчиновски, со Бошалевски, Томе Јакимовски, со Сократ и Илија Мојсов, дури и со Владо Зеленика.
Со Вардар го освоивте Купот на Југославија во 1961 година по победата над Вартекс од Вараждин со 2:1?
- Тоа е мојот најголем успех во мојата кариера, не само фудбалски туку и спортски. Тој ден и таа победа не се забораваат. Бев член на таа генерација која влезе во историјата на клубот.
Што добивте за освоениот Куп, најскапоцениот трофеј во тогашниот југословенски фудбал?
- Тие подароци уште ги чувам, една голема кристална вазна и еден кристален пепелник. Тоа е сў, немаше некои пари во тоа време.
Тоа беше Вашиот најрадосен фудбалски ден, а најтажниот?
- Против Раднички од Ниш во Скопје, решавачки за пласман во Првата лига 1962/63. Во Ниш беше нерешено, во Скопје исто така 0:0, по изведувањето на пеналите Божиновски го промаши последниот, решавачки пенал, Илија Димоски, кој играше за Раднички постигна гол и Вардар остана во Втората лига.
Чувавте многу играчи во Првата лига, со кои Ви беше најтешко?
- Со Мелиќ од Црвена звезда, Кобешчак (Динамо) и Такач од Војводина. Мошне брзи, тешки за чување. Го чував и Пепец, З. Чебинац, Галиќ, во Југославија тогаш имаше вистински фудбалски мајстори предводени со Шекуларац, Владица Ковачевиќ, Вукас.
Навивачите, оние постарите, се сеќаваат на мечот со Хајдук во Скопје кога Вардар победи со 1:0 со голот на Шулинчевски?
- Не знам што се случуваше по тој гол, имаше некои расправии. Потоа дознав дека Дацевски и Николовски се договориле со Вукас да играме нерешено. Затоа и сплиќаните беа мошне лути на нас. Нў бркаа по теренот.
Од Вардар се вративте во 1963 година повторно во Тиквеш?
- Имаше некои причини поради кои се вратив во Кавадарци, за Тиквеш играв сў до 1970 година, играв и во Втората лига на Југославија.
За Тиквеш постигнавте 160 гола по Вашето враќање?
- Кога се вратив, играв во нападот, така од мене бараше тренерот Нако Тотовски. Бев голгетер заедно со Блаже Малинков и Ангел Кимов. Во Втората лига играа и Тотов, Милан Каров, Томе Хаџивасилев, Сеизов, Жиров, Тасев, Ѓоко Ицев, Пане Иванов, Петрунчев, Илија Грозданов. За Тиквеш бранеа Николовски и мојот брат Ристо Анѓушев.
Се играше добар фудбал во Македонската лига кога Вие настапувавте за Тиквеш до 1970 година?
- Водевме војна со Победа, Пелистер, Брегалница, па и со Вардар во Втората лига. Постарите љубители на фудбалот ги паметат Илија Игњатовски, Крстевски, Раде Цветковиќ, голманот Дражо Хаџивасилев од Победа, Наум Бутевски, Упалевски (Пелистер), Перо Каракашев, Чаршавски, да не говорам за Шулинчевски, Дончевски, Дојчиновски, Бошалевски, Сократ Мојсов, Мето Спасовски...
По завршувањето на активната фудбалска кариера, се посветивте на тренерската професија?
- Колку е тешко да се биде тренер, песна беше да се игра фудбал. Десет години бев тренер на младите играчи на Тиквеш, една сезона и прв тренер. Потоа тренер на Бор од Кавадарци кога играше во Втората лига на Македонија, на Габер од Ваташа, Вардар од Неготино, кога конечно решив сосема да се збогувам со фудбалот. Доста беше. Покрај тоа, тренерската професија е неблагодарна, често те менуваат луѓе кои немаат врска со фудбалот.
Денес ретко Ве гледаме на фудбалските натпревари?
- Во Кавадарци немам што да гледам, Тиквеш сега игра во Третата лига, катастрофа. Сега сум пензионер, повеќе месеци од годината минувам во викендичката на патот меѓу Виница и Берово, фудбал гледам само на телевизија. Јасно, странските првенства, што друго. И сами гледате каков е квалитетот на македонскиот фудбал. Го почитувам новиот селектор Среќко Катанец, но не сакам да сум во неговата кожа, ќе биде тешко да го среди македонскиот репрезентативен фудбал, многу тешко.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани