Број 1627 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

Корпоративна одговорност
Ванчо Узунов

Можеби е хендикеп, а можеби не, но просторот за реформирање на Македонија преку сменување на актерите, таков каков што имаат други држави, кај нас е речиси непостоен
Говориме за приближување на Македонија кон ЕУ, при што некои имаат скептицизам, а некои веруваат дека таа задача не е ниту невозможна, ниту толку несогледливо далечна - мислам дека знаете на која група и припаѓам - но она што е најбитно е да учиме од добрата (корисната) практика која постои во државите членки на Унијата во секој поглед. Токму во таа смисла, денешниот осврт се занимава со една тема која и во самата ЕУ е лансирана неодамна, но за која кај нас воопшто не се говори. Барем досега ништо не сум слушнал ниту прочитал. А ќе стане битна работа, верувајте, кога и да е.

Станува збор за одговорност, но за еден облик на одговорност кој не е поврзан со оние што се "одговорни во општеството" (власта, или пошироко и сите политички ангажирани луѓе), туку за оние што, особено по приватизацијата, како да се амнестирани од општествена одговорност. Да, станува збор токму за тоа што го помисливте, односно за одговорност кон општеството од страна на менаџерите и претприемачите. Со други зборови, тоа се нарекува корпоративна општествена одговорност. В ред, се согласувам, целосно се согласувам со тоа дека не треба да се враќаме кон социјализмот, што ќе рече дека претпријатијата (и мали и средни и големи) денес, по приватизацијата, начелно немаат, како порано, одговорност кон општественото опкружување во кое постојат. Првенствената одговорност на менаџерите и претприемачите е насочена кон нивните фирми, односно кон приватната сопственост која треба да ја оплодуваат, без разлика дали е таа нивна лична сопственост (како кај малите фирми), или им е доверена на чување и развивање (како кај поголемите акционерски друштва). Во таа смисла, значи, тука не станува збор за законски определена одговорност, туку пред сў за облик на морална, т.е. "доброволна одговорност". Можеби тоа има призвук на нешто чудно и далечно, многу многу далечно од нас. Да, но станува збор за објаснување на тоа дека суштината на одговорноста кон сопственоста и обезбедувањето нејзин пораст (профит), всушност, не е спротивставена на општествената одговорност. Напротив, тие се надополнуваат. Па ајде да видиме накусо како и зошто тоа функционира така.

Базата лежи во долгорочноста, поточно во одржливоста на бизнисот, што мислам дека и кај нас почнува да станува сў побитна работа за оние бизнисмени кои успеаја да преживеат. Гледајте ги само рекламите - расте бројот на оние фирми што се рекламираат во стилот "ние сме фирма формирана пред толку години"; "ние сме толку години успешни во дејноста" и слично. А тоа е добро. Тие бизнисмени имаат научено дека деловниот успех и создавањето добивка за сопствениците на капиталот не е можно исклучиво преку максимизирање на краткорочните, т.е. краткорочно остварливите профити, туку пред сў преку нешто друго. Токму тука лежи, пак, и одговорот на прашањето: а зошто некој би сакал да биде општествено одговорен бизнисмен? Директниот одговор гласи: заради долгорочна профитабилност (покрај опстанокот) на неговиот сопствен бизнис. Бидејќи долгорочната одржливост на еден бизнис, меѓу другото, бара и негова добра репутација, добри односи со доставувачите, респект од страна на потрошувачите, грижа за вработените, особено кога во нив се инвестирани средства во дополнителна обука и слично. Да се остане конкурентен на пазарот значи да се биде приспособлив кон промените во побарувачката, кои произлегуваат, пак, од промените во општествената средина во која егзистираат фирмите. Но, тоа бара постоење близина до тие промени, што ќе рече и вклученост во нив, еднакво како и нивно поттикнување. Да, а покрај сето тоа, тука не станува збор за некоја теоретска измислица, ниту за некоја убава идеја на хартија, тук�� за искуство од практиката на повеќе примери од други средини. Е, сега, таа одржливост на бизнисите треба да се прошири и на нивното окружение, нели?

Тоа е втората страна на концептот корпоратива општествена одговорност. Односно, тоа е одговорот на прашањето: што (треба да) прави општествено одговорниот менаџер и претприемач во практиката? Постојат повеќе детали, но и тука има една битна поента на овој осврт. Имено, кога ги гледаме примерите на оние бизниси што опстанале подолготрајно во Македонија, многу често, да не речам најчесто, видливо е дека тие "трошат пари околу себе". Било на реклами, а уште почесто на разни спонзорства и донации. В ред, трошењето пари во основа не е лоша работа, ама приказната за корпоративната општествена одговорност секако дека не завршува тука, односно дека не треба да завршува тука.

Туку, суштината е во тоа да се обезбеди деловен успех преку поврзување на работењето и операциите на едно претпријатие со општествените прашања, како и со прашањата за заштита на животната средина. Првиот дел - поврзување со општествените прашања - значи задоволување на потребите на потрошувачите, со едновремено пресретнување на очекувањата на другите луѓе, на пример вработените, доставувачите и преостанатата заедница околу претпријатието. А вториот дел - поврзување со заштитата на животната средина - значи да се постигне корист за општеството при едновремено пресретнување (намалување до степен на елиминирање) на евентуалното штетно влијание од работењето на едно претпријатие врз животната средина. И при тоа, таквото однесување ќе има директна корист врз бизнисот и долгорочното зачувување и надградување на неговата конкурентна способност. Кога се почнува, се разбира дека ваквите активности ќе бидат од помал опсег, односно треба да бидат фокусирани кон нешта кои се акутно битни за непосредната општествена средина на едно претпријатие. И тие активности треба да бидат и јасно видливи за околината за да го имаат својот целосен ефект.

Се разбира дека немам ниту намера ниту, пак, способност да ги опишувам сите конкретни можности за општествено корисно и одговорно корпоративно однесување кои произлегуваат од опишаните активности. Да бев толку способен, ќе бев успешен менаџер. Можностите кои постојат зависат од способноста на бизнисмените за имагинација, а бизнисмените, пак, по правило (треба да) имаат и добра способност за тоа. А колку за илустрација, може да се наведат само некои случаи, кои би вклучиле: инвестирање во дополнителна обука на вработените; ангажирање во доброволни активности; ангажирање во поддршка (не само финансиска) на проекти кои се од значење за локалната средина итн.

В ред, ајде сега да видиме неколку крајни заклучоци. Прво и самиот сум свесен дека има повеќемина кои, дури и ако не ги мрзело да го прочитаат овој текст до крај, потоа или слатко ќе се насмеат или, пак, ќе си помислат нешто е тука нелогично. Всушност, знам дека е рано за Македонија, премногу рано да се почне да се говори за вакви теми. Па, да, ние сў уште се занимаваме со "крупните теми", како на пример како да се зачува сопственоста преку независно и поефикасно работење на судовите или со што да се занимаваат претпријатијата во Македонија за да почнат барем малку повеќе да извозуваат итн., а не сега некоиси таму теми за некаква си корпоративна општествена одговорност. Но, колку и да е тоа точно, ако ги погледнеме работите малку поинаку, мислам дека јасно ќе ни се оцрта сознанието дека речиси нема друг начин за напредок во Македонија, освен да прифатиме дека сите ние треба (т.е. мора) постојано да се унапредуваме и надградуваме. Можеби е хендикеп, а можеби и не, но произлегува дека просторот за реформирање и унапредување на Македонија преку променување (сменување) на актерите, таков каков што имаат други поголеми држави, кај нас е речиси непостоен. Ова не е никакво барање алиби за кого било, напротив, туку јасна реалност. Се надевам дека така и ќе биде разбрано.

(Авторот е доцент на Правен факултет)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани