Број 1627 понеделник, 16 октомври 2006


  Дневник

   

 

Петочната трагедија на „Матка 2" е уште еден доказ за стравотната небрежност на градилиштата
Сите немо гледаат како гинат работници на градилиштата
За десетината загинати лица на градилиштата на никого не му недостига влакно од главата

Само на „Матка 2" досега загинаа три лица, но никој од "Електростопанство" не сака да коментира за вината
Коста ПОПОВСКИ

Педесетгодишниот инженер Борко Величковски, вработен во "Електростопанство", загина во работно време откако врз возилото во кое бил со уште двајца работници, на патот за хидроцентралата во изградба "Матка 2", падна голема карпа во непосредна близина на браната. Двајцата работници што биле во истото возило се повредени и по несреќата во петокот се хоспитализирани. Се зборува дека по згмечувањето на возилато од тешкиот камен што се лизнал од ѕидот покрај патот, возилото се лизнало во бездна. Полицијата извршила увид. Од стручната екипа што излезе на местото на несреќата е констатирано дека страничните ѕидови на патот што води кон "Матка 2" воопшто не се заштитени и дека при најмал ветер или дожд постои опасност неочекувано да се лизне водена земја помешана со камење или некоја од огромните карпи како што се случи при загинувањето на инженерот Величковски.

Истрагата треба да утврди под какви се околности се случи трагедијата. Тоа треба да се почитува и да не се донесува прерана пресуда за тоа кој се е виновен за смртта на стручњакот и повредувањето на работниците. Едно е точно, патот кон "Матка 2" е опасен и критичен за употреба. Тој не е обезбеден со жичена ограда. Ваквите патишта задолжително се заштитуваат, бидејќи се користат од тешки товарни возила, кипери и камиони-контејнери, кои со тежината на товарот се предизвикувачи на потреси на патот или крајпатните ридови. Според тврдење на член на увидната екипа, во возилото не се најдени заштитни средства за работниците. Или воопшто ги немало или при урнувањето во бездната на возилото исчезнале.

На "Матка 2" загинаа уште двајца работници. Нашите намери да дојдеме до податоци за тоа кој е виновен за несреќата потврдија дека секој ги мие рацете од одговорноста. Во ЕСМ никој не беше расположен да го коментира случајот со образложение дека штотуку е почната истрагата. Во Министерството за транспорт и врски ни го рекоа истото. Во секоја од институциите одговорни да преземаат мерки за безбедност на работниците при вршење работни задачи ги мијат рацете од одговорноста.

На 5 ноември, во кругот на Клиничкиот центар во Скопје, при изведување градежни работи, кај Клиниката за гинекологија загинаа младите градежни работници Љупчо Манев и Бранко Димитровски, двајцата од Велес. Тие беа ангажирани од градежното приватно претпријатие "Делта пром" од Велес. При изведба на канал длабок седум метри, двајцата работници, без никакви заштитни средства и без заштита на страничните ѕидови, ги загубија животите откако врз нив се лизна водена земја тешка неколку тони и еден бетонски блок. По несреќата, на местото на трагедијата дојде полиција, дојдоа медицинари и работници на претпријатието кои се обидуваа да ги спасат затрупаните. Меѓу сите нив не ги забележавме само оние што треба да бидат одговорни за вакви трагедии: сопственикот на претпријатието, кој неколку дена се крие од јавноста да даде барем некаква изјава за големата трагедија. Немаше ни претставници на Републичкиот трудов инспекторат. Одговорните немо гледаат како гинат работници.

Истото се случи пред неколку месеци при ископување на канал во Нерези, во скопската населба Влае, кога загинаа двајца градежни работници, врз кои се урна водена земјена лава и ги задуши. Во Гостивар загина кранист. Уште тројца работници загинаа како последица на необезбеден објект. Трагичниот крај на еден 32-годишен електричар од Скопје пред два месеца е најсоблазен. Тој загина при отстранување дефект на високонапонска струја во Скопје. Се ширеа гласишта дека некој од неговите претпоставени погрешно го известил својот работник за тоа кој вод е исклучен за работа. Најблиските на загинатиот и денес одат од врата на врата да дознаат кој е виноевен за смртта.

Во сите случаи на трагично загинување на рабоитници се повторува истиот круг на неодговорност. Излегува дека одговорни се само тие што загинуваат и нивните најблиски. Се обидовме во Републичкото јавно обвинителство на Македонија и на обвинителствата во местата каде што се случуваат загинувања на работници да дознаеме дали некој од одговорните во изведбата на објектото каде што се случила несреќата е земен на одговорност. Ни беше речено подобро да не чепкаме во таа насока, и онака тие што се загинати не можат да бидат оживеани. ?Ние ќе се потрудиме да најдеме податоци кој е обвинет и ќе ви јавиме", ни беше речено оттаму.

Пример за тоа како треба да се заштитуваат објектите и работниците е изградбата на новиот Трговски центар во центарот на Скопје ?Рамстор" на турскиот сопстсвеник Рахми Коч. На ова огромно градилиште сў е заштитено според евриопски образец.

За сето ова се виновни и истражните органи кои не преземеаат мерки против оние што треба да обезбедат непречено работење.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани