Број 1914 четврток, 27 октомври 2005


   

 

Промовирана новата партија Сојузот на Титови леви сили
Се чека нов Тито за да го поведе народот

Од вчерашниот прес
Во сеќавање на маршалот Јосип Броз Тито, симпатизерите и членовите на Сојузот на Титови леви сили вчера го поздравија формирањето на новата партија, наздравувајќи со “чивас", омилениот Титов пијалак. Формирањето на партијата го најави Слободан Угриновски, претседател на Здружението на почитувачи на ликот и делото на Јосип Броз, кој на прес-конференцијата беше придружен од дваесетина члена од повеќе градови во државата. Угриновски рече дека сега зборува наместо новиот претседател на партијата, чие место вчера остана празно. “Го чекаме новиот Тито. Знаеме дека тој веќе е роден, но треба да се созреат општествено-политичките услови за да го поведе народот", рече Угриновски. Според него, партијата ќе биде левоориентирана за разлика од партиите кои досега се изјасниле како леви, а не се. “Денес партиите не се залагаат за работниците, студентите, граѓаните. Има партии кои во своето име содржат македонско национално единство, а ја рушат државата, оние, пак, што го носат називот социјал-демократија не се залагаат за социјалните права и демократијата, додека оние со назив социјалистичка соработуваат со крајната десница", рече Угриновски, кој најави дека нивната партија ќе се официјализира на 29 ноември.
Угриновски рече дека во партијата ќе нема криминалци, поединци со потрошен авторитет, луѓе вклучени во тонењето на државата и пишман-политичари кои прават пишман-партии, туку само чесни луѓе без сомнително потекло. Партијата ќе се залага, пред сў, за правата на работниците, а прво нешто со што ќе се зафатат со работа ќе бидат правата на пензионерите, кои сметаат дека се најзагрозена категорија, бидејќи сите ги користат во изборната машинерија. Сојузот ќе се залага и за бесплатно основно образование до трето дете, бесплатно здравство за одредени категории, секуларност, активна социјална политика и против зачленувањето во НАТО. 
“Не Ј се пријатели на Македонија оние што Ј нудат варијанти за името", изјави Угриновски, додавајќи дека е и против одвојувањето на Косово од СЦГ и побара поголеми права за Македонците во соседните држави. Тој ги повика сите професори со диплома од поранешна СФРЈ што го критикуваат тој систем да ги вратат дипломите и се спротивстави на критиките за омаловажување на времето на НОБ. Сојузот на Титови леви сили ќе настапи самостојно на претстојните избори, но е можно и да коалицира со левоориентираните партии.                (Ж.Ѓ.)
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани