Број 1749 понеделник, 11 април 2005


   

 

Слики во времето
Фудбалскиот клуб Охрид е еден од најстарите во Македонија формиран во далечната 1921 година

Миодраг МицковиЌ
Фудбалскиот клуб Охрид е еден од најстарите клубови во Македонија, формиран во далечната 1921 година. Од неговите редови потекнуваат повеќе одлични фудбалери и репрезентативци на поранешна Југославија и Македонија. Здравко Точко играше за младинската репрезентација на Југославија, Џевдет Шаиновски, голманот Данчо Целевски за Македонија. Еден од најдобрите фудбалери на Охрид беше и Кире Заров, кој играше за загрепска Локомотива, потоа Војо Спасовски. Од Охрид потекнува и репрезентативецот Александар Митревски кој денес игра во Швајцарија, потоа поранешниот голгетер на Напредок, денес член на Работнички Кометал, Гоце Толевски.
Да не го заборавиме и Јоаким Бакулевски, потоа Ристо Глигоровски, роден во блиското охридско село Косел.
Фудбалерите на Охрид во изминатиот период го тренираа повеќе познати тренери: Зоран Мишиќ, Кирил Дојчиновски, Ванчо Балевски, Никола Илиевски-Џиџи, Блажевски, Драган Бочевски, Кире Заров, Војо Спасовски...
За првпат во Македонската лига Охрид настапи 1948 година, кога го освои осмото место. Во 1950 година беше седми, една година подоцна, во сезоната 1951 година - го освои шестото место.
Во Првата лига во самостојна Македонија фудбалерите на Охрид играа во сезоната 1994/95 година, пласирајќи се на осмото место, но веќе наредната сезона со пласманот на 13 место ја напуштија Првата лига во која повеќе не се вратија.
Сў до пред две години Охрид настапуваше во Втората лига на Македонија, кога поради скратувањето на лигата и големите финансиски проблеми мораше да го напушти второлигашкото друштво. Денес Охрид е член на Третата лига - запад под името Охрид 2004.
Во нашата денешна рубрика "Слики во времето° ќе го претставиме тимот на Охрид од 1983 година, кога имаше мошне силен тим.
1. Наумче Ѓоршевски, поранешен играч на Охрид, негов долгогодишен капитен, подоцна и тренер. Денес е провлечен од фудбалот.
2. Гоце Јанчевски играше за Охрид и за Застава кога беше член на Втората македонска лига.
3. Никола Терзиевски, голман. Долги години бранеше за Охрид, на крајот на кариерата и за Вулкан од селото Косел, член на Охридската лига. ВО Охрид е познат како одличен касап.
4. Ламбе Арнаудов, еден од најпознатите охридски фудбалери. Голгетер на екипата. При крајот на кариерата две години играше во Торонто. Пред Харалампие Хаџиристевски, три години беше претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
5. Џели Шех, еден од најстандардните во одбрана на Охрид. При крајот на кариерата замина во странство каде и денес живее - во Швајцарија.
6. Драган Митревски настапуваше долго за Охрид, потоа за Застава. Денес е далеку од фудбалот.
7. Славчо Стрезовски, го носеше најпрвин дресот на Славеј од Мешеишта, потоа на Охрид.
8. Жарко Танковски беше стандарден првотимец на Охрид. По завршувањето на кариерата замина за Германија каде работи како автомеханичар.
9. Никола Илиевски-Џиџи, покрај за Охрид играше и за Работнички, Металург, Приштина, Тетекс, Раднички (Пирот), за грчкиот прволигаш Касторија. По завршувањето на фудбалската кариера беше успешен тренер, на словенечкиот Публикум, Победа, Беласица, селектор на младата и на А репрезентацијата на Македонија.
10. Науме Шапкаровски се прослави на оној историски меч во Охридската лига меѓу Илинден 93 и Младост (134:1), кој според резултатот влезе во книгата на Гинисовите рекорди. На тој натпревар, според записникот, Шапкаровски постигнал 58 гола за 90 минути. Тој тврдеше подоцна дека постигнал уште 18 гола кои не му се запишани. По едногодишна суспензија, продолжи да игра за Охрид.
11. Миле Нечовски ги бранеше боите на битолски Пелистер, играше и за скопски Вардар, беше и еден од најдобрите играчи на Охрид.
12. Бекија Скендер пред да дојде во Охрид играше за Воска од Охрид.


 


© 2001 Утрински Весник, сите права задржани