Број 1461 петок, 30 април 2004


   

 

Говрлево и неговата/нашата култура
Светот на тишината, светот на заборавената порака

Печатот од Говрлево
Никица Корубин

Кога зборовите го губат своето значење, или ние ја губиме нашата способност за нивно разбирање, останува само чистата појавност на нештата. Онака како што се поставени од самата природа и природата на постоење и долговечно функционирање. Нивната вечност е одредена од нивната симболичност, но и сетилност. Естетика на постоењето како вообичаеност на самата стварност. А, во неа живот пред илјадници години. Исполнет, отворен, речиси совршен. Совршен во својот уметнички израз. Во начинот на комуникација со своето опкружување. Блиско и лесно, секојдневно, барајќи ја и наоѓајќи ја својата цел. Цел на постоењето и цел на смртта. Целта на активноста и дејството да се биде тука за да се види сопствениот тек. Од страна, но и директно во средината на секоја куќа, и на секое свето место. На местото на Големата Мајка, на центарот на цел еден свет. Безгласен, а напати толку потребен.

Говрлево, денес е мало, напуштено село на јужната страна на Водно. Празно и потонато во својата тишина, руинирано и едвај видливо како и спомените за него и неговиот живот и животот на таа прекрасна, богата околина, заштитена од самото сонце. Тука каде се беше дарувано како самото совршенство на постоењето. Со сето она што му беше потребно на човекот за да успее да го бара и наоѓа секојдневното искушение. Да се биде човек во светот на боговите, оние кои живеат на околните мистични врвови, на блиските гори, кои луѓето од тука секојдневно ги гледаа и ги доживуваа на свој посебен начин. Со своето чувство за нивно восприемање, обликување и постојано пренесување на секој нареден кој требаше да го пренесе нивниот живот во вечниот круг на времето. Иако богатството на оваа древна цивилизација, стара преку седум илјади години, изобилуваше со многу аспекти кои од неа самата прават сложен и богат систем на постоење, сепак три нешта го одбележуваат нејзиниот тек, како чисти симболи кои говорат наместо својот живот, како одредници на заборавената порака.

Големата Мајка Божица-Магна Матер - Културата на Говрлево припаѓа, ако може да се одреди на овој начин нејзината припадност, во периодот на Неолитот, светски прифатена терминологија за т.н. Младо Камено Време. Тоа е т.н. време на матријархатот, во кругот на културите на Медитеранот, но и Истокот. Истиот тој матријархат, иако на тоа сугерира самото име, веројатно не означува владеење на жената како такво, што во себе би опфаќало пред се политичко практикување на власта, па продолжувајќи ги востановените чудно непроменливи теории, извршување на сите позначајни активности во секојдневниот живот; туку најверојатно ,,владеење,, на женски божества. Оние кои се дел од животот, но и оние кои се базираат на многу подлабоки принципи и разлики на примање на светот што постојат меѓу мажот и жената или жената и мажот како битија. Токму тоа е Големата Мајка, божицата која постои многу подолго од самиот неолит, а уште повеќе од самиот матријархат. Силата и моќта која и ги даваат луѓето или таа ним, не се женските принципи на власта, туку бесмртните принципи на времето и просторот, на времето кое не поминува, туку постои, на вечност која не се спознава. Таа е невообичаено мирна, убава како нештата кои не се разбираат, но се примаат кога секој има потреба за тоа, и е присутна секогаш во домот, во светоста на топлината и огништето. И самата уметничка изработка на оваа чудесна фигура е одговор на сите сомнежи за и околу нејзината улога во културата која безгласно ја раскажува својата приказна. Тука, во нејзиниот свет, на моќта да се биде власт и милост во исто време.

,,Адам од Говрлево" - Но, присутен е и тој. Неочекувано, небарано, па и невообичаено за тоа време каде тој ја имаше втората улога. Но, тој е тука и сигурно и бил секогаш, надвор од нашето знаење, кое и онака е премало за ширината бесконечна на тој свет од другата страна на Водно. ,,Адам,, од Говрлево е всушност, и за жал денес нецелосно сочувана фигуринка на маж кој очигледно се наоѓа во моментот на голема физичка и длабока метафичика активност. И доколку беше целиот сочуван, сепак ќе ни требаше многу време да го сфатиме неговиот поглед кон истите оние врвови, кои секогаш измамуваат потрага. Оние кои го чуваа неговото место каде што седеше и го бараше својот одговор. На тивките падини на Говрлево, близу до своето огниште и заштита, близу до Големата Божица која најчесто ги знаеше одговорите на тегобите на човекот кој всушност и не го познаваме. Ова врвно уметничко дело, прецизно изработено, вдахновено со дух кој не се појавува, е репрезент на цела една култура. Тој е богатството на таа култура. Не, затоа што е единствен во светот, туку затоа што е различен од сето она што мислевме дека го знаеме, и доволно вешто го толкуваме. Тој е најблагодарниот дар што можеше минатото да ни го прати. Дарот на нашето незнаење. Големо колку и потребата за сосема поинаков пристап кон нас и цивилизацијата на едно време.

Печатот од Говрлево - Секоја култура има свој тек на постоење. Условено од многу нешта, често пати неискжливи и незабележителни, а сепак крајно логични и сеприсутни. Тоа е она природно опкружување која ја прави посебна на свој начин, со сите искуства материјални и духовни, кои го градат нејзиниот континуитет. Но, одредени елементи ја прават нешто повеќе, барем ние сакаме да гледаме на сето нејзино постоење на тој начин. Затоа што духовноста и разумот го бираат начинот на кој се посматраат елементите на една култура. А, овој елемент од Говрлево прави вистинска цивилизација, на највискоко можно ниво. Керамички печат, со за нас, и за сега непознато писмо. Но, писмо кое говори за организација на живот на ниво кое ние можеме од врвот на нашата лажна супериорност да го проценуваме, но никако да го сфатиме. Како и нашиот живот, како и нашата поставена стварност. Доколку умно ги тргнеме на страна сите појавни нешта, кои можеби се чинат навидум различни од она што ние го практикуваме како секојдневност, ќе дојдеме до суштината на животот, која не признава привидни разлики. Суштина, која предизвикува немир, зарем животот во малото Говрлево навистина доаѓа од светот на тишината, и светот на напишаната порака. Онаа која се рабира полесно и од самиот говор на нашиот ум. Културата и цивилизацијата која го чека трпеливо нашиот момент на согледување на убавите горски врвови, од истата страна на падината, од истата страна на искуството.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани