Број 1362 среда, 31 декември 2003


   

 

Легендите за Дионис
Човекот Што стана бог, богот што го донесе животот
Никица Корубин

Дионис е најкомплексниот и најконтраверзниот бог, бог кој со својата крајно сложена суштина ги опфаќа сите аспекти на животот и смртта. Ставува збор за невообичаена појава единствено за времето во кое постои, од аспект на наша гледна точка и недоволна истраженост на еден од најблескавите периоди во историјата. Приказните и митовите за Дионис се разновидини, но во основа исти. Сказните за раѓањето на боговите се чудесни, прекрасни, но пишувани од луѓе, значи вистинити. Митовите произлегуваат од легендите, а легендите од вечните сеќавања. Способноста за помнење кај луѓето е огромно. За колективното паметење. Тоа е она што историјата ја прави сегашност. Тоа е она што традицијата ја прави апсолутно право на секој народ, во својата најчиста форма, највозвишен дар за секој оној што сака да прима. Или тоа го прави по сила на вредноста. Вредноста на создавањето. Исконското, древното.

Богот Дионис бил син на Зевс, најблескавата ѕвезда на небото, Сонцето, во подоцнежната поделба бог на небото; и Деметра која е божица на земјата, персонификација на прастариот култ на Божеството на Големата Мајка - Магна Матер. Него го одгледале нимфите во Ниса, магично место кое лежи позади границите на познатиот свет. "Познат" од аспект на зачуваните пишани историски податоци. Најчесто тоа се таинствени, прекрасни северни предели кои се провлекуваат и во некои други приказни, за некои други контраверзни божества. Северно од Олимп. Северните магични места, можеби и јужните сончеви гори и полиња на древна Македонија. Олимп во сфаќањата на старите народи и не се однесува толку на онаа планина која денес го носи тоа име, природната граница меѓу Тесалија и Македонија, туку повеќе на некое високо, небесно живеалиште на боговите. Како и да е Олимп е крајот на светот од каде што денес доаѓаат прераскажуваните приказни за вечните богови. Но, не и почетокот. Почетокот на боговите се уште никој не го знае, а само понекој го насетува. Хера, официјалната сопруга на Зевс која не ги сакала премногу сите Зевсови деца кои тој ги имал со други, најчесто смртни жени (а ги имал многу) нормално го мразела и Дионис. Токму затоа ги испратила Титаните, првата генерација на божества, за да го уништат младиот бог. Тие наишле кога тој си играл со своите играчки и тропкалки, како и секое дете. Некои кажуваат дека тогаш се претворил во јаре или во млад бик за да избега од Титаните, но тие сепак го фатиле. Својата мала, незаштитена жртва ја распарчиле, го зготвиле во казан детето Дионис и го изеле. Но, Деметра после тоа, според една од верзиите, ги собрала неговите остатоци и повторно ги вратила во живот. Впрочем, таа била една од најстарите божества која ја имала таа моќ, да дава живот. Обожавателите на Дионис ги сметале овие приказни за неговото раѓање, смртта и повторното враќање во животот, симбол на растењето во природата особено на виновата лоза, која што е негов дар. Виновата лоза расте од земјата - Деметра - и од дождот, кој е Зевсов дар. Како што Титаните го распарчиле Дионис така за време на бербата гроздовите се сечат од лозата. Виновата лоза повторно пораснува, како што и Дионис се вратил во животот. Титаните го распарчуваат неговото тело, ја испиваат неговата крв. "Лебот е моето тело, виното е мојата крв". Не постојат случајности во историјата. Постојат само субјективни истории. Старите вредности се вградуваат во новите приказни, и им даруваат живот, дух, вечност. Но, не исчезнуваат. Оние што сакаат да гледаат ќе бараат. За да го пронајдат духот кој живее во самите нас, духот на детето што остана безгрижно. Како и сите силни богови. За да ја зачува приказната за самиот себе. За своите луѓе.

Според други раскажувања Аполон собрал делови од телото на Дионис, и ги закопал онаму каде што самиот Дионис бил почитуван (обожуван) за време на зимските месеци. Станува збор за поврзаноста на овие два бога, и според нивниот начин на дејствување и улога што ја имале во широкиот систем на верувања, но уште побитно и нивното заедничко потекло кое го откриваме токму низ легендите и нивното зедничко владение во Делфи. Не случајно токму Дионис го заменува Аполон трите зимски месеци во Делфи, кога овој престојува во својата земја, митската Бореја, од онаму од каде што дува северниот ветер . Аполон духовниот брат на Дионис.

"Аполон и Дионис се браќа, но нивните царства се одделени. Аполон "знае сў" и кога зборува, зборува во името на својот татко. Дионис пак не знае ништо, но "тој е сў" и неговите дела зборуваат наместо него. Со својот живот и со својата смрт, Дионис ги открива тајните на Понорот". На непознатото.

Аполон е статичен бог на откровението; Дионис - динамичен бог на еволуцијата. И генијалниот Фридрих Ниче, ќе ја подари својата верба на контраверзниот Дионис, но никогаш нема да ја открие сопствената дилема за контраверзноста на народот кој може во исто време, на исто место да содржи во своите етички и културни вредности двајца толку различни, а сепак сродни божества. Префинетиот, занесниот Аполон; и дивиот и исконски Дионис. Лирата го прати првиот восхитувајќи ги боговите, дивите животни, па дури и камењата, слично како и првиот голем историски пејач од ова тло Орфеј; тапаните и кавалот го најавуваат вториот носејќи почит и исчекување, за слегување на земјата на Богот кој ги сака луѓето повеќе од својата гордост. Древноста на културата која твори ги спојува двајцата моќни божества. Хипербореецот Абарид, свештеникот на Аполон лебди насекаде по земјата, шета без потреба од храна, но со страст да ги пренесува преку својот учител пораките на боговите, на страшниот и помалку себичен Зевс.

Според друга верзија, многу поблиска до суштината на потеклото на Дионис, тој е син на богот Зевс и смртната жена Семела, ќерка на кралот Кадмо, крал на Енхелејците од околината на древниот Лихнид. Но, љубоморната Хера ја убедила Семела да побара од Зевс да и се прикаже во сиот негов сјај, не знаејќи за вистинските последици, бидејќи човекот не смее да го види богот во неговиот вистински лик. Но, и самиот Зевс занесен во својата заљубеност ја заборавил грижата за својата Семела. Во моментот на неговата појава таа е згромена од молњите на моќниот Зевс, и се пораѓа предвремено. Но тој успева во тој молскавичен момент да го земе Дионис и да го сошие во своето бедро, се до моментот на времето на неговото раѓање. Дионис - два пати родениот бог. Или човекот што станува бог.

Суштината на оваа приказна, и нејзината позадина е најкомплексниот момент во почетокот на разбирањето на божеството Дионис-Загреј, верувањата на еден народ, неговата историја и генијалноста на културата која создава апсолутно непоимлив бог кој со својата непредвидливост изненадува се до ден денес. П. Кретсцхмер се обидел името на Семела да го објасни со тракиско-фригискиот збор Семело (Земело) која ја означувала божицата на Земјата, Големата Мајка Богинка - Земело Земја. Таа теорија ја прифаќаат научници како што се Нилсон и Виламовиц. Етимологијата на имињата на целиот т.н. Олимписки Пантеон на божества е главниот проблем во разбирањето на еден цел систем на верувања. Од многу едноставна причина, имајќи предвид дека во текот на вековите и промените кои настануваат со наводното доаѓање на Хелените на територијата на старата Хелада, тие донесуваат со себе некои обичаи, но многу повеќе наоѓаат. Древни културни битија со свој сопствен развој, и нормално го прифаќаат и го прилагодуваат на сопствениот начин на живеење она што најповеќе одговара на нивните сфаќања. Токму во тој момент настануваат клучните промени во денешното сфаќање на Боговите од Хеленската религија, всушност религијата на тамошните староседелци, барем она што е сочувано во главните пишани податоци од тој и подоцнежниот период. Токму затоа едноставното тројство на поделба на владенијата: Зевс - сонцето е богот на небото, а не врховниот бог; Посејдон - богот на Земјата, а не на морињата; Хад - Адот богот на подземјето. Трите познати димензии Небо, Земја, Подземје. Сличностите никогаш не можат да бидат случајни. Дионис претходникот на Исус. Така веруваа оние што ја спознаа вистината. Гностиците првите вистински Христијани. Загреј детето станува Дионис богот, Човекот кој Воскреснува. Првиот човек во историјата кој станува бог. Бог на народот. Бог на занесот. На најтаинствените мистерии.

Тагуваа за неговата трагедија, или се смееја на сопственото незнаење? Го сакаат, го почитуваат, сакаат да бидат поблизу до него. Со солзи и насмевка.

Бидејќи тоа е Човекот кој стана Бог. Богот кој секогаш се враќа меѓу луѓето. Единствениот кој никогаш не го изневерува духот. Го создава, секогаш одново, со вкус на слатко вино, со мирис на топол леб, со лик на златен зрак. Зрак на надежта. Знак на сонцето. На човекот што никогаш не заборава. Божествениот човек.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани