Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Анализа

   

 

Плодоуживање
Анализа на БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Црвенковски може да бира меѓу две зла, но претседателот е тука да се бори за доброто и тогаш кога изборот е невозможен
Цела недела ме измачува една страшна дилема: ќе даде ли премиерот Груевски пет-шест милиони евра за плодоуживање во новинарството или седмата сила ќе треба да се (само)трансформира во земјоделска задруга ако сака да допре до (бес)смислата на лефтерното делење државни пари какво што на овие простори не е видено од славното раздавање на Цилевата милијарда пред парламентарните избори во 1998 година. Јас знам дека сите светиниколски пијаници ќе се пишат земјоделци за да ги освежат своите гранапски буџети со по три-четиристотини евра владини пари, што врз развојот на земјоделството во Овчеполието ќе се одрази така како што се одразува рециклирањето на пивото врз нивото на подземните води околу Мустафино. Ако се знае дека ние во новинарството имаме не мал број пивопии, а имаме и чисти селски менталитети на кои длабокото орање не им е подалечно отколку што им е на живописните плодоуживатели на наивноста или на демагогијата премиерска расеана низ рамницата под Богословец, не е јасно зошто нас од медиумите не нема во ребалансот на Буџетот и во списокот на оние што треба да ги спискаат парите од продажбата на ЕСМ потемелно и побргу отколку оние на кои им требаа цели две-три години за да ги смачкаат импулсивните 800 милиони марки од продажбата на „Телеком". Нормално, пристоен човек не може да дојде до друга инспирација кога на вака вулгарен начин се соочува со неподносливата леснотија на занимавањето со една од клучните теми на општите економско-социјални перспективи, со реформата, значи, на аграрот, каква што, мислам, демонстрира (леснотија, н.з.) младиот шеф на новата македонска Влада, делејќи на секој чекор некакви пари. Некои циници го убедуваат Груевски да ч го каже тој чудесно едноставен рецепт со спуштените даноци и со зголемените алиментации на госпоѓата која недоволно упатена во финесите на фискалните и буџетски политики ја малтретира Германија со сосема спротивни ориентации, но чуварите на идеолошкиот потир во владејачката партија инсистираат таа тема да се прескокне на средбата во Берлин да не би да се случило импресионираната Меркел да го фиксира датумот за почеток на преговорите меѓу Македонија и Унијата. Таа фиксација, сметаат оние што се задолжени да дуваат во жарчето на внатрешната македонска револуција, би била прешокирачка за строгата агенда на младата влада која, како што е познато, реши дека Македонија ќе влезе во преговори со Брисел тогаш кога ќе го достигнеме европското ниво. Ни порано ни подоцна. Ми се допаѓа таа супериорност која на еден фин начин ч соопштува на Европа дека во Унијата никогаш нема да имаат чест да седат на една маса со внуците на Гоце, Даме, Искендер и на другите славни јунаци од епицентарот, кој на половината од светот му ја дал слободата, писменоста и возвишеноста на (само)уништувачкиот гест. Освен, се разбира, ако не нж остават на раат да одработиме уште еден пораз.

Луѓето што се упатени во технологијата на транзициската политика можат да ги објаснат двете клучни пози со кои претседателот Црвенковски се обиде да го формулира својот став во случајот со амбасадорот Јордановски, а се покажа дека има и такви кои со мала доза на силно потиснат срам можат и да ги разберат (Шекеринска), но оние што знаат дека за перспективите на Македонија е исклучително важен радикалниот дисконтинуитет со принципите на таа византиска технологија, тврдат дека фамозниот ,,избор меѓу двете зла" и завештанието дека претседателот во иднина нема да дозволи владата или кој и да е друг да го доведуваат во ваква ситуација, се бесрамно алиби кое не може да помине ниту кај најкорумпираните иследници на македонската политичка стварност. Црвенковски може да бира меѓу две зла, но претседателот е тука да ги формулира, да ги пропагира и да се бори за повисоките морални принципи на правдата и на вистината, на доброто и тогаш кога изборот е невозможен. Да ги победува интересите кои водат во ситуации во кои изборот е злото и само злото независно од тоа дали е мало или е малку поголемо. Тој принцип не е само морална категорија, ниту е патоказ кон некаква откачена идеализација на стварноста во која првиот човек на државата непотребно би се изложувал на опасности и жртви, туку е еден од основните лостови на претседателската власт, на неговата моќ заедно со инструментите на уставните ингеренции и со важните релации со јавноста, не како популистички линк, туку како просветителска врска. Со ризикот и обврската да има визија и околу неа, а не околу опортунитетот на моментот и пресметаноста на блиската иднина од аспект на личните профити, да се гради себеси како општествена вертикала. Тој беше должен да побара од Владата барем една добра алтернатива, а не да капитулира пред помалото зло и да го верификува со својот потпис. Да се конформира со една неприфатлива ситуација која, следејќи ја својата внатрешна логика, можеше да го елиминира амбасадорот уште кога во централата на ВМРО-ДПМНЕ стигнаа првите извештаи дека Јордановски сомнително често носи сини чорапи. Маалските пијаници мислат дека се во истата дилема кога треба да решат дали е понеизбежно да ја дрмнат ратата од станбениот кредит или стипендијата на синот, а заканите упатени во насока на Владата личат на ставот на една полусилувана жена (каква формулација!) која на човекот кој ч ја одзема невиноста му вели дека никогаш повеќе нема да дозволи да ја дефлорира. Тука, значи, не станува збор за избор меѓу две зла туку за изборот како зло.

Во недостиг од политичка вообразба Црвенковски реши својата (само)репродукција од претседателската фотелја да ја врзе за СДСМ, а не за Македонија, но пропушти да забележи дека, борејќи се за контрола на ситуацијата во партијата, ја испушта од контрола ситуацијата во државата. Од неговиот претседателски кабинет се истркалаа главите на корифеите на модерните исчекори во македонската политика во најчувствителните сектори. Таа политичка декапитација, се разбира, е голема работа, но, можеби посилен впечаток остава фактот дека тој главосек е, без малку, единствениот производ на неговиот мандат ако за момент го занемариме политичкиот провев што дува од кабинетот речиси од денот на неговиот избор разнесувајќи ги сите надежи за какви било други државнички релевантности. Тие што ги извојуваа важните, да не речам историски победи против македонскиот национализам, реваншизам и примитивизам се поразени во еден парламентарен реванш и тука нема место за многу сентименталности, но за приказнава е важно да се каже дека околу тој реванш се случија ситуации врз кои шефот на државата многу активно работеше, арчејќи го времето ослободено од секакви други државнички имагинации.

Неговото десничарење не беше идеолошки мотивирано, туку беше израз на политичката перверзија која не можеше да го поднесе не поразот на Бучковски, туку неговата победа. Ако ја следи логиката на отповикувањето на Јордановски, ќе сфати дека елементите на политичкото самоубиство во тие процеси не произлегуваат само од општата закономерност за која говориме и од резоните на кои упати Бучковски туку и од фактот дека тој исполнува уште еден услов за квалитетен импичмент: овие што се на власт, имено, не ја симнале довербата од него само затоа што никогаш не ја имале. Претседателот би можел уште еднаш да го избере помалото зло: да остане и да ги оптоварува македонските перспективи во една со недоверба исполнета кохабитација или да замине и да ја остави комплетната власт на внатрешните револуционери кои кон тоа што го градеа неговите жртви се однесуваат како авганистанските Талибанци кон статуите на Буда. Кое зло е помало. А кое поголемо, претседателе. Суштината, како што гледате, е во спомениците, а не во колумните.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани