Број 1166 понеделник, 16 октомври 2006


  Писма

   

 

Писма

Големото МРО не е ВМРО!
(Повод: Премолчувањето на известувачите од МАНУ)
Спасе Шуплиновски


Гоцевата Македонска револуционерна организација (МРО) нема префикс Внатрешна (ВМРО). Таа при основањето во 1893 година се вика едноставно МРО. Во 1896 година е редефинирана во тајна и е проширена на територијата на Одринско (Едренско) и се вика ТМОРО. Две години по Илинденското востание организацијата доби име Внатрешна, т.е. ВМОРО. По балканските и Првата светска војна, Одринско (Едренско) потпадна под бугарска и грчка власт, а дел остана во Турција. Дури подоцна, во 1920 година организацијата стана ВМРО, по кое се разложи на Врховистичка (пробугарска) и Обединета (македонистичка). Во врска со прашањето на името на Гоцевата МРО се расправаше и на научниот симпозиум во МАНУ посветен на 100-годишнината на Илинден. Во вториот ден, на крајот на четвртата сесија, претседавачот д-р Михајло Миновски, предложи заклучок на МАНУ за враќање на вистинското име на МРО. Значи, сме имале фалшива претстава во свеста за ВМРО како историска.

Според мои сознанија, ВМРО е формирана на 17 јуни 1920 година од Тодор Александров. Токму на 70-годишнината од тој чин, на 17 јуни 1990 година, се одржа основачкиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, што не е случајно. Оваа партија го зеде за свој симбол знамето на врховистичката ВМРО на Ванчо Михајлов: црвено-црно со златен лав. Ванчо Михајлов во својот тестамент пред смртта напиша: "Македонска нација и македонски јазик не постојат, тоа се измислици на српските фантасти", а обединета Македонија ја вгради во рамките на Бугарија со преодна фаза автономна, самостојна. Коинциденција е што црвено-црн симбол има и ДПА на Арбен Џафери, коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Интересен и значаен факт е дека она што го соопшти МАНУ - оти историската организација на Гоце Делчев се викала МРО - го рече Јосип Броз Тито на свечената седница по повод 25-годишнината на АСНОМ на 2 август 1969 година, значи пред 33 години! Седницата се одржа во Универзалната сала во Скопје со учество на највидните македонски државни, политички и научни дејци. На неа Тито ја призна МРО, а подоцна го прогласи Гоце Делчев за великан.

Повод за реагирање е премолчувањето на многу .... од тридневниот научен симпозиум во МАНУ од страна на известувачите. Впрочем, ниеден новинар не го следеше симпозиумот како што треба, туку само прагматично, со навраќање во салата, или со потпрашување на поединци кои беа заинтересирани за пласирање на сопствените ставови.





Да се спасат центрите за детско творештво
Следуваат потписи


Ние, вработените во центрите за детско творештво - пионерски домови низ Македонија, апелираме до македонската јавност, до Владата, до Собранието, да се прекине атаката што врз нас го врши Министерството за образование и наука! Со писмено одобрување на тогашниот министер за образование и наука д-р Ненад Новковски и потсекретарот на ова Министерство Ѓорѓи Илиевски овие детски установи беа оставени без финансии, со тоа што беа избришани преку ноќ од списокот на буџетски корисници. Целта беше и е матна - дали се сакаше да се приватизираат објектите од страна на одделни структури, поединци или сў се сведуваше на моменталната комбинаторика. И кај нив место за центрите за детско творештво нема! Погледнато наназад, овие пионерски домови функционираа во "стариот" систем, каде што децата повеќе се почитуваа и им се посветуваше внимание и грижа. Слободното време на учениците беше организирано и по завршување на часовите во училиштата. На тој начин се влијаело на девијантните појави - како дрога, проституција, малолетничка деликвенција, тепачки, убиства, ранувања... Веројатно фактот што опстоиле и сў уште постојат како остаток (позитивен) од "стариот" систем, го разгневило ексминистерот Н. Новковски и неговиот потсекретар Ѓ. Илиевски, при нивната одлука да се ликвидираат центрите.

Од друга страна, имаме парадокс - голема маса на бирократскиот апарат во МО и наука која решавањето на меѓуетничката толеранција во образованието го стави на прв план, но освен пиење кафе низ канцелариите на Министерството, во Подрачните единици, Педагошкиот завод и Бирото за развој (на мозочните бразди) не стори ништо не само за образованието и децата, туку секојдневно придонесува да се напластуваат сў поголеми и позамрени проблеми. Уште поголем парадокс е човекот што не ја почитува Конвенцијата за права на детето, а во МО зема плата како координатор на комисијата за права на децата! Ова е незаменливиот господин Ѓорѓи Илиевски, кој дозволи да се газат правата на децата за образование, да изумираат центрите во тивка агонија, а децата да се најдат очи в очи со злото наречено - улица! За жал, тоа е вистината, бидејќи не постои ниту правен, образовен, ниту друг уставен механизам кој ќе се спротивстави на деструкцијата што ја вршеа и сў уште ја вршат група авантуристи и реформисти од Министерството за образование и наука.





Сегашното раководство го урниса ЕМО
(Повод: текстот под наслов: "Маските паднаа" објавен во "Утрински весник")
Штрајкувачки одбор при ЕМО-Охрид, претседател Драган Молковски


Сегашното раководство во АД ЕМО-Охрид беше донесено кога ВМРО ДПМНЕ дојде на власт во 1998 година. По преземањето на фирмата ова раководство стана продолжена рака на оваа партија и ја доведе фирмата во катастрофална состојба, без никаков извоз, без работа и без плата од декември 2002 година. Во спрега со владејачката партија раководството на фирмата во периодот од 1998 до 2002 година изврши противзаконска приватизација на ЕМО, со продажба на акциите во сопственост на Агенцијата за приватизација кои изнесуваа 36,16% од вкупниот број на акции со дисконт од 80%, иако фирмата никогаш во своето 30-годишно постоење не покажала загуби и има огромни ненаплатени побарувања од Ирак и од Сирија кој се движат над 10 милиони долари. Но, ЕМО требаше да стане партиска сопственост. Како награда за грабежот тогашниот генерален директор Драго Шајноски стана пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ.

Штрајкувачкиот Одбор штрајкот не го води против своите колеги, бидејќи штрајкот е поддржан од преку 80% од вработените, туку против Управниот и Надзорниот Одбор на ЕМО чијашто цел е да се отпуштат од работа преку 2.000 луѓе, а да останат на работа само поддржувачите на ова раководство. За да и стане јасно на јавноста кој е менаџерскиот тим на ЕМО ќе посочиме неколку примери.

Членовите на Надзорниот Одбор се: Воислав Шајноски кој е брат на сегашниот пратеник, а поранешен генерален директор Драго Шајноски, Зоран Арнаудов, еден од основачите на РАТКО и внук на поранешниот генерален директор на ЕСМ Љамбе Арнаудов, Томе Жилески директор на "Тутун"-Охрид, кој како докажан активист на ВМРО-ДПМНЕ беше повереник-застапник на акциите од Агенцијата за приватизација, а потоа со 5 акции од неговата сопруга која е вработена во ЕМО станува член на Надзорниот одбор. Во Управниот Одбор има член со средно образование Илија Бутлев, одговорен за машинството во фирмата. СМЕР го организира штрајкот исклучиво поради социјалните и синдикалните барања. Бидејќи фирмата е градена од сите и претставува една производствена и технолошка целина, а ова раководство треба да си замине поради неговата деловна политика која се спроведува како продолжена рака на одредена партија, а поради која без работа ќе останат преку 2.000 вработени во фабриките во ЕМО низ цела Македонија.

Со заминувањето на ова раководство, стручниот потенцијал ЕМО пак ќе го издигне на неговите вистински позиции и ќе обезбеди егзистенција за сите негови вработени.



© 2001 Утрински Весник, сите права задржани