Број 813 понеделник, 16 октомври 2006


  Култура

   

 

По најновото откритие на уште еден филм од Манаки
Архивски бисер од творештвото на Манаки

Кадар од филмот снимен на Француските гробишта во Битола
Кинотеката на Македонија во рамките на повеќегодишниот проект за целокупна реставрација и трајна заштита на делата на браќата Манаки неодамна успеа да развие еден филм снимен пред 80 години. Ова директорката на Кинотеката, Весна Масловариќ, и го обелодени на јавноста на 5 март, кога во Битола беше одбележана 38-годишнината од смртта на Милтон Манаки. Имено, нарекувајќи го "архивски бисер", госпоѓата Масловариќ не извести дека станува збор за сосема нов, непознат филмски материјал снимен од Милтон Манаки, кој еве истраал иако не бил развиен цели 80 години. Филмот, на кој се уште се истражува, е лоциран во раните 20-ти години според мотивот кој се наоѓа на овие филмски ленти долги 120-130 метри. Така, во траење од 5-6 минути на овој филм може да се види доаѓањето на француска делегација на Француските гробишта во Битола придружено со смотра на српските војници.

Овој филмски материјал во последниве неколку години е втор "архивски бисер" од творештвото на браќата Манаки кои го наоѓа Кинотеката на Македонија и со што секако се збогатува оваа ризница која во никој случај не е завршена. Првиот беше "Погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена" кој беше прикажан на Венецискиот фестивал пред две години во рамките на специјалната програма која тогаш ја најави големата ретроспекција на филмовите од Балканот одржана во Венеција следната година. Меѓутоа, за овој филм, како што ни кажа Весна Масловариќ се знаело, бидејќи за него кажал во своите мемоари Милтон Манаки, но се мислело дека тој е загубен, исчезнат. Токму затоа, ни рече директорката, тоа било навистина пријатно откритие. Додека за филмот на Француските гробишта не се знаело, а и тој е дел од онаа ризница која како заоставштина Милтон Манаки ја депонирал во Државниот архив на Македонија. Бидејќи се работеше за неразвиен материјал беше доста специфично, вели таа, па затоа претходно еден од колегите во Кинотеката за време на летната школа на ФИАФ која се одржува во Рочестер понел едно парче заради истражување. Инаку, филмот е развиен во студиото "Бојана филм" во Софија.

Што се однесува до творештвото на браќата Манаки и до оние севкупни истражувања за кои говоревме, со госпоѓата Масловариќ зборувавме и за сознанијата за филмот од 1903 кои содржи повеќе наслови. Нагласувајќи ја онаа постојана надеж која сите архивисти ја носат - дека ќе се најде уште нешто, таа зборуваше за специфичноста на еден од насловите од овие филмови за кои се уште се очекува дека ќе може целосно да се открие. Станува збор за "Масакрите во Македонија", кој историчарите го категоризираат во еден од првите т.н факет филмови односно инсценирани филмови (имено овој филм е снимен во студио) во светот.

А кога веќе зборуваме за реставрацијата и истражувањата што се всушност редовна работа која опфаќа 2/3 од целокупната активност на Кинотеката, ќе го спомнеме и оној голем реставраторски проект кој Кинотеката хронолошки го започна опфаќајќи ги самите почетоци на организираната кинематографија во Македонија, така што работата се одвива во неколку фази. На прашањето до каде е овој проект, директорката на Кинотеката ни рече дека е реставрирано целокупното творештво до 1960 година. А тоа значи дека завршивме со материјалот снимен на запалива лента односно т.н. нитратен филм кое се одвиваше во "Бојана филм" во Софија. А ова е податок, рече Весна Масловариќ, со кој и на нивото на ФИАФ (Меѓународна асоцијација на филмски архиви во која Кинотеката на Македонија е членка) може да се пофалиме, бидејќи тоа само малубројни Кинотеки во светот го имаат завршено. Досега во овој проект се реставрирани и заштитени речиси 200 наслови од македонската продукција, во што велгуваат документарните и играните филмови, кратки и долгометражни.

Со оглед на тоа што Кинотеката нема своја сала во која би можела да прави редовна презентација на филмските дела и материјали кои ги има во своите депоа, споменатиот филм на Француските гробишта во Битола веројатно ќе биде прикажан во рамките на некоја презентација на творештвото на браќата Манаки или на некои понови реставрирани филмови. А она што најскоро публиката ќе може да го види тоа е програмата на документарни филмови специјално подготвена за Петтиот скопски фестивал кој ќе се одржи од 15 до 24 март. Како што ни кажа Весна Масловариќ оваа програма ќе се одржува во текот на девет дена, поделено на девет тематски целини, во чии рамки ќе бидат прикажани 50 македонски документарни филмови.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани