Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

Елијас победник во Есторил, Роси нов лидер

Валентино Роси го презеде водството во генералниот пласман во Мото ГП со освојувањето на второто место во трката за Големата награда на Португалија во мотоциклизам, искористувајќи го откажувањето на досегашниот лидер Ники Хејден во петтиот круг. Италијанецот од Јамаха водеше до неколку метри пред целта, кога беше престигнат од Шпанецот Тони Елијас од Хонда, кој со само два илјадити дела од секундата ја забележа својата прва победа во кариерата во најсилната мотоциклистичка класа. Хејден испадна од трката по колизијата со својот тимски колега Дани Педроса во моментот кога Американецот беше трет, а Шпанецот четврти. Пред последната трка во Валенсија, Роси води во вкупниот поредок во Мото ГП со осум поени предност во однос на Хејден.

Италијанецот Андреа Довициозо победи во класата до 250 кубни сантиметри, со што прашањето за првакот во оваа класа остана отворено до финалето во Шпанија. Лидерот Хорхе Лоренцо од Шпанија беше само петти, па неговото водство во генералниот пласман од 27 се намали на 13 поени во однос на Довициозо.

Резултати, Мото ГП: Тони Елијас (Шпанија/Хонда) 46:08,739 мин., Валентино Роси (Италија/Јамаха) 46:08,741 мин., Кени Робертс (САД/КР211В) 46:08,915 мин.

До 250 ксм: Андреја Довициозо (Италија/Хонда) 44:30,727 мин., Хироши Аојама (Јапонија/КТМ) 44:30,742 мин., Алекс де Анџелис (Сан Марино/Априлија) 44:31,075 мин.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани