Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Политика

   

 

Македонските колонисти во Војводина луѓе со две татковини
Во селата Јабука, Качарево и Глогоњ Македонците го негуваат идентитетот, културата и јазикот

Вие, Македонците во Србија сте гарант на нашето добрососедство со Србија, вие сте наши вистински амбасадори, вие сте огледало на својата татковина, рече претседателот Црвенковски во Јабука
Од нашиот известувач
ДИМИТАР ЧУЛЕВ



ЈАБУКА -Јас сум првото бебе од македонските колонисти родено овде на 17 февруари 1946 година. Татко ми Петруш и мајка ми Стана дојдоа во селото Јабука еден месец пред тоа, од кривопаланечкото село Герман. Тука основаа свој дом и тука останавме, раскажува Љубица Јовиќ, една од многуте Македонки кој вчера во селото Јабука присуствуваше на малата свеченост за одбележување на 60-годишнината од преселувањето на македонските колонисти во Војводина. Стотина жители со помешани чувства и радост и тага, потсетувајќи се на минатото и говорејќи за сегашноста, со леб и сол го дочекаа македонскиот претседател Бранко Црвенковски, кој со српскиот претседател Тадиќ ја увеличаа свеченоста. Пред ОУ „Гоце Делчев" беше одржана мала културно-уметничка програма, а главниот дел од прославата се одвиваше во Домот на културата во Панчево.

-Татковината никогаш не може да ја напушти никој од нас . Сите ние сме дел од неа сж додека го зборуваме јазикот, додека ги чуваме сеќавањата, додека ја носиме во срцата. Вие, Македонците во Србија сте гарант на нашето добрососедство со Србија, вие сте наши вистински амбасадори, вие сте огледало на својата татковина, рече претседателот Црвенковски, обраќајќи им се на неколку стотици присутни Македонци. Борис Тадиќ во својот дел од обраќањето на Македонците, кои пред 60 години дојдоа и населија десетици села во Војводина, рече дека тие треба да инсистираат на својот идентитет, дека треба да ја заштитуваат својата култура, својот јазик. „Високо ја ценам приврзаноста на Македонците кон татковината Србија, но, исто така, високо ја ценам приврзаноста на Македонците кон својата татковина Македонија", рече Тадиќ. Тој рече дека како што некогаш Војводина беше голема надеж за многумина кои тука најдоа економска сигурност и денес една европска Србија може да ги гарантира нивните малцински права.

Срѓан Николиќ, градоначалник на Панчево, вчера на претставниците на Националниот совет на македонското национално малцинство во Војводина им ги предаде просториите и ги извести дека повел иницијатива за воведување двојазичност во селото Јабука.

Селото Јабука денес има околу 7.000 жители. Нема точни податоци, но се претпоставува дека 2.500 од нив се Македонци кои го говорат својот јазик. Во Војводина има шест официјални јазици кои се во службена употреба, но не и македонскиот. Иницијативата на градоначалникот Николиќ значи дека наскоро македонскиот јазик ќе влезе во употреба во селото Јабука покрај српскиот, унгарскиот, словачкиот, хрватскиот, романскиот и русинскиот јазик. Според последниот попис од 2002 година, бројот на луѓето кои се изјаснија како Македонци е 11.785 лица или 0,58 отсто од составот на вкупното население на Војводина. Меѓутоа, овие податоци не мора да се точни и бројката може да е барем двојно поголема. Македонците не се снајдоа најдобро во годините по распадот на СФРЈ, кога од официјално признаен народ во границите на заедничката држава одеднаш во Војводина добија статус на малцинство.

Во селото Јабука тоа имаше конкретни последици. Укината е наставата на македонски јазик, затворена е трафиката на „Нова Македонија" каде што жителите редовно можеа да купат дневен печат од Македонија. Едновремено, не знаејќи како ќе се одвиваат работите, многумина, особено од мешани бракови, одлучија да се изјаснат како Југословени . Во селата Јабука, Качарево и Глогоњ живеат 17 национални малцинства. Македонците се најбројни меѓу нив.

Нема точни податоци колку луѓе од Македонија во повоените години дојдоа како колонисти во Војводина. Според еден податок, дојденците биле од дури 209 населени места во Македонија. Петстотини семејства стигнале во селото Јабука. Во селата околу Вршац, како што се Гудурица, Велико Средиште и Пландиште, пристигнале 140 семејства со дури 1.085 Македонци. Вкупно се говори за бројка од околу 2.000 семејства и над 11.000 членови на тие семејства од Крива Паланка, Македонски Брод, Куманово, Струга, Велес, Кавадарци... Станко Стаменковски, роден 1922 година, во Јабука дошол меѓу првите и е еден од најстарите жители. Говори дека добро биле примени, добија куќи напуштени од Германците со кои, главно, беше населено селото Јабука. Се оженил со Германка Магдалена и имаат син. Неговата снаа е, исто така, Македонка по потекло од Кичевско. „Јас сум банатско дете", вели Дара Стаменковска, која сосема добро го говори македонскиот јазик. Вели дека во Јабука има многу пријатели со кои општат на македонски и дека никогаш немале проблем со тоа. Но помладите генерации заради образованието најчесто во Белград имаат помал интерес за јазикот од стариот крај.

Во деведесеттите години е укината радиопрограмата на Радио Панчево на македонски јазик и страницата на македонски јазик во неделникот „Панчевац". Сега Националниот совет прави обиди одново да се вратат програмите. Од јуни на телевизија Панчево оди полчасовна емисија под наслов „Банатско сонце", од 21 октомври на телевизија Нови Сад треба да почне емисија на македонски, а деновиве се очекува и излегувањето на првиот месечник на македонски јазик „Македонска виделина".

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани