Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Скопје

   

 

Улиците и тротоарите диви стојалишта за такси
Градот ќе го решава проблемот со тендер за изработка на проект за нови стојалишта

Најдрастични примери се улицата „Васил Ѓоргов", особено пред Агенцијата за вработување, потегот од хотелот „Холидеј ин" до влезот во ГТЦ, строгиот центар на градот веднаш до столпчињата на улицата „Македонија"
Нерегулираните места за застанување на такси возилата ги претворија скопските улици во диви стојалишта за такси. Најдрастични примери се улицата „Васил Ѓоргов", особено пред Агенцијата за вработување, потегот од хотелот „Холидеј ин" до влезот во ГТЦ, строгиот центар на градот веднаш до столпчињата на улицата „Македонија", влезните улици кон паркиралиштата околу трговскиот центар „Бисер", булеварот „Партизански одреди" и други. Често на удар се и тротоарите, како примерот спроти Соборниот храм „Свети Климент Охридски". Поради недозволеното застанување на таксистите се создава хаос на улиците, застој во сообраќајот и нервоза кај пешаците кои не можат да се движат по тротоарите. Во хаосот многу често се вовлечени и автобусите на ЈСП, затоа што најчесто таксистите ја узурпираат третата коловозна лента, наменета токму за јавниот превоз.

Поради проблемот со нерегулираните такси стојалишта, незадоволни се и граѓаните и таксистите. Од Групацијата на таксисти велат дека многу пати досега, како еден од своите приоритети, овој проблем го поставувале пред градските власти. Оттаму засега добиваат само ветувања, без некои конкретни активности.

„На последната средба во Градот Скопје повторно беше отворено прашањето за уредувањето на такси стојалиштата. Според мислењето на Групацијата, треба да се направи елаборат за потребите на градот, каде треба да се прошират, а каде треба да се направат нови стојалишта. Градот се шири и повеќе не е актуелен само центарот. На стојалиштата мора да има информативни табли, подвижен тоалет и евентуално некоја урбана опрема како клупи или кошници за отпадоци и телефон. Сепак, засега нема иницијатива од Градот, бидејќи оттаму ни велат дека мора да го чекаме донесувањето на новиот закон за патен сообраќај", вели Марјан Спасовски, претседател на Групацијата.

Во Градот велат дека е во тек е распишување тендер за изработка на проект за нови стојалишта за такси и за преуредување на старите. Откако ќе се изработи проект, Градот ќе почне со уредувањето. (С.Н.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани