Број 2201 понеделник, 16 октомври 2006


  Култура

   

 

Адам од Македонија, соочување со фасцинантната естетика на неолитот
„Творецот како да сакал акцентот да го стави токму на папокот, на врската со раѓањето", посочува Ирена Колиштркоска-Настева

„Често треба да правиме вакви работи кои во Европа и светот се сосема вообичаени" - вели археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство
Катерина Богоева

Шест години од откривањето, керамичката скулптура од младото камено време наречена Адам, стара над шест илјади години поставена во Музејот на град Скопје, со ислучителен магнетизам го привлекува погледот на посетителите, фасцинирајќи со уметничката изведба, отворајќи поле за поставување на безброј прашања за нејзиното значење. Археологот Милош Билбија по откривањето на Адамот на неолитскиот локалитет Говрлево крај Скопје, го нарече откриениот артефакт милениумски, а локалитетот место од каде потекнува „изворот на мислата".Со вештина на уметнички израз, неолитскиот творец, од грутка земја успева да отелотвори суштество, чие истоветно создавање, но овој пат божествено, многу илјади години подоцна ќе го одбележи и Библијата. Творецот ќе вообличи човечка фигура не само како објект, туку неговата ингениозна рака, преку вообличувањето на абдоменалното вдишување и симболичкото претставување на плексус соларис и на папокот, го доловува битието, духот, проникнати со едноставноста на божествената природа" - вели Билбија.

Адамот на ваков начин сеуште не и е претставен на светската јавност, освен во стручно научните кругови на Меѓународен конгрес во Пула, Хрватска и во Љубљана, Словенија.

„Иако не е презентирана официјално пред македонските стручни лица, скулптурата не и беше недостапна на широката културна јавност која е запознаена за нејзиното постоење," вели археологот Ирена Колиштркоска Настева, претседател на Македонското археолошко научно друштво, истражувач на енеолитот и неолитот, која напоменува дека кога за првпат ја видела изложена во музејската витрина, најпрвин помислила на потребата од грижа на надлежните инстутуции за ваквите вредни примероци, која што во земјава за жал, не е на потребното ниво. „Пошироката јавност треба да се запознае со Адамот, тој да биде презентиран и во другите музеи во земјава каде има услови. Мошне интересен е целиот приказ на торзото, а кога ќе се види начинот на кој е аплициран папокот, се гледа дека тој само навидум е невешто поставен. Творецот како да сакал акцентот да го стави токму на папокот, на врската со раѓањето" - посочува Колиштркоска.Настева.

За скулпторот, академик Боро Митриќески презентацијата е добар начин на свртување на вниманието на ликовната уметност во земјава, која смета тој, не е доволно застапена."Скулптурата е добро презентирана, а нејзиното појавување значи многу за историјата на овој простор, за постоечките цивилизациски вредности, за естетиката од неолитот. Се гледа дека почвата сочувала многу вредности, таа е најдобар документ кој може да зборува"- потенцира Митриќески.

„Често треба да правиме вакви работи кои во Европа и светот се сосема вообичаени" - вели директорот на Управата за заштита на културното наследство, археологот Паско Кузман, кој имал прилика да го држи во рака вредниот артефакт, за кој смета дека е од исклучителна важност за неолитот, праисторијата и Македонија воопшто.

„Тој е единствен артефакт од тој период со сите анатомски специфичности. Би било добро кога понатаму така одвоен, би можел да се презентира со добар каталог во земјава и надвор , на пример, во Цанкарјевиот дом во Словенија, Франција, Германија и во други значајни центри.

Задоволен од посетата на публиката, директорот на Музејот на град Скопје, Јован Шурбановски пак смета дека Адамот треба да го добие најпрвин своето место во археологијата, да биде презентиран на значајни конгреси и собири, да биде публикуван во стручни списанија за да може во иднина да се согледа и посакуваниот интерес на светот.

„Тој е мошне атрактивен предмет и во иднина и од него планираме да направиме копии" - вели Шурбановски.

Милош Билбија досега три пати, во рамки на музејските програми, безуспешно аплицирал за добивање на финансиски средства за презентација на артефактот кај ресорното Министерство за култура, а неговото презентирање денес, е дел од минатонеделната градска манифестација „Бели ноќи".Во изминатите години, Билбија добиваше потврди за вредноста на Адамот од неколкумина колеги од странство, од Словенија и Хрватска, Франција, Унгарија и др, а скулптурата летово се најде и на познатата страница за вредностите на Македонија на веб -порталот на Јаху. И покрај тоа, поради недостиг од финансиски средства, археолошкиот локалитет Говрлево не се истражува од 2004 година, за што според Шурбановски, недостигаат поголеми средства од она што Музејот сега може да ги добие од градските власти. Во таа година Говрлево беше истражувано во рамките на македонско-словенечки проект кога беше издадена и соодветна монографија за селото, чие име веќе се врзува за малата, фасцинантна неолитска скулптура.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани