Број 2173 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Од вчера стартуваше повисоката цена на струјата
Киловат-час скапа струја е 2,62 денари, наместо 2,4, а евтината ќе биде 1,31 денар, наместо 1,2 денари

Септемвриската сметка што ќе ја добијат граѓаните во октомври ќе биде со повисок износ
МАЈА ТОМИЌ



Од вчера ЕСМ „Дистрибуција" започна да ја пресметува новата цена на потрошен киловат-час електрична енергија. Така, септемвриската сметка што ќе ја добијат граѓаните во октомври ќе биде за некој процент со повисок износ. Според неодамна одобреното барање на ЕСМ „Дистрибуција" за зголемување на просечната цена на киловат-час за 9,14 отсто, домаќинствата во наредните месеци ќе плаќаат еден квч. скапа струја 2,62 денари, наместо 2,4 денари колку што изнесуваше пред поскапувањето. Додека квч. евтина струја, наместо 1,2 ќе чини 1,31 денар. Корисниците на еднотарифните броила, пак, ќе плаќаат по 2,1 денар за квч. струја. „Дистрибуција" не е задоволна од дозволеното зголемување на цената, бидејќи бараше речиси двојно повеќе - 19,7 отсто. Сепак, засега, како што велат во „Дистрибуција", нема наскоро повторно да се бара ново покачување, иако не е исклучено тоа да се стори на почетокот на идната година. И од Регулаторната комисија за енергетика не гарантираат до кога ќе се задржи оваа цена на струјата. Но, најверојатно, со практичната примена на новиот тарифник за пресметка на струјата, ќе дојде до повторно зголемување на цената на квч. бидејќи тековните тарифи на струјата не се усогласени со Законот за енергетика и не ги покриваат вкупните трошоци за дистрибуција и за снабдување на електричната енергија.

Одлуката за новата цена на струјата ја донесе Регулаторна на 18 август по барање на „Дистрибуција", а поради зголемените трошоци во работењето особено откако претходно РКЕ му одобри на МЕПСО зголемување на цената на испорачаната струја за 10,53 проценти. Со тоа неминовно пораснаа и трошоците на „Дистрибуција" за набавка на струјата и потребата за покривање на повисоките комерцијални загуби.

Според извршени анализи на „Дистрибуција" кон крајот на јули, новата просечна цена на електричната енергија за крајните потрошувачи би требало да изнесува 3,24 денари квч., со што постојните тарифи би пораснале за 14,8 отсто. Тој процент, според компанијата, беше утврден како апсолутен минимум, неопходен да обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија.

Зголемувањето на цената на струјата се најавува повеќе од две години и тоа не треба да се поврзува со продажбата на ЕСМ „Дистрибуција" на австриската ЕВН, ниту пак со промената на власта во државава, коментираат експертите. Годишните потреби за увоз на струја се сж поголеми, а постојано се зголемува и увозната цена на електричната енергија. Годинава таа е за 40 проценти повисока во споредба со минатогодишната. Во исто време, во значителна мера опадна и финансиската моќност на енергетскиот сектор, откако некогашно ЕСМ се подели на ЕЛЕМ, МЕПСО и на „Дистрибуција", бидејќи се поделија и заедничките средства. Сите три компании од почетокот на годинава се соочуваат со финансиски проблеми и имаат високи меѓусебни побарувања, односно секоја од нив ч должи пари на другата за услугите. Долгот на МЕПСО кон ЕЛЕМ за преземената, неплатена струја, неофицијално изнесува околу 40 милиони евра. МЕПСО, пак, во јули регистрира загуба од 600 милиони денари, поради што Регулаторна му дозволи повисока цена на струјата што ја продава. Од комисијата оценија дека е неопходно зголемување на цената на струјата на МЕПСО за да не се загрозат можностите на државата за увоз на струја и да не се доведеме во ситуација на принудни рестрикции.

Инаку, споредено со цените на електрична енергија од 25 европски и земји од регионот, каде што просечната цена е 14,5 евроценти, просечната цена на еден квч. електрична енергија во Македонија моментално изнесува 4,5 евроценти.



© 2001 Утрински Весник, сите права задржани