Број 2098 понеделник, 16 октомври 2006


  Фељтон Голи Оток

   

 

Потресни сведоштва на проколнатите што го преживеаиа информбировскиот пекол (3)
Брашнаров почина на голиот камен, гробот не му се знае
Иако не беше коминтерновски комунист, Брашнаров стана парадигматична жртва на своите уверувања...

Изјаснувајќи се за Резолуцијата на ИБ, Панко Брашнаров веруваше дека им служи на интернационалните идеали на работничката класа: Брашнаров држи говор по повод ослободувањето на Велес
виктор цветаноски


Панко Брашнаров, потпретседател на Првото заседание на АСНОМ, човек кој со вдахновен говор го отвори историскиот собир кога беше  создадена македонската држава, многу не ~ се радуваше на слободата за која цел живот се бореше, зашто таа иста македонска држава по седум години го испрати на озлогласениот Голи Оток, каде што заврши неговиот живот.
Сакајќи да го „превоспита“, власта го упатува Брашнаров на „општествено“ полезна работа на Голи Оток во траење од 24 месеци. За време на патувањето се разболува и по пристигнувањето директно е однесен во болница каде што набрзо  умира.
Повеќемина заточеници се сеќаваат на деновите кога  пристигнал Брашнаров. Вевчанецот Светозар Чочоровски вели дека тој од бродот бил симнат на 3 јули 1951 година. „Панко имаше 68 години, но личеше како да има 90... Беше тотално исцрпен, не можеше да стои на нозе и не прозборе ни збор, туку само гледаше некаде далеку, во празно...“, раскажува Чочоровски.
Велешанецот Јордан Мецановски-Иванов вели: „Последен пат го видов Панко Брашнар, веројатно, неколку дена пред да почине пред санитарниот јазол. Кога излегов од него, кон клозетот идеше Панко. Наметнат (завиткан) со ќебе, гол. Го причекав да дојде да го прашам во кој павилјон е распореден. Ми рече дека е во павилјон број 6 и дека тој ден се пареле од дрвеници (тавтабити), наместо со прашок. „Како е?“, го прашав. „Не ме бидува, ме тепаа, ова не биле луѓе, ами ѕверови...“
Аче Ќучук вака ја опишува последната средба со Брашнаров: „Работејќи во мензата, го здогледав чичко Панко. Ја фрлив футата и се упатив кон него, кој одеше придржуван од двајца што го носеа под мишка. Сакав да го охрабрам. Безуспешно. Ми рече: ’Аче, мене не ме бидува веќе. Јас сум исцрпен. Немоќен. Се сврши со мене работата. Нема да се видиме веќе, да знаеш! И не го видов повеќе. По неколку дена слушнав дека умрел. Го плачев како татко“.
Јордан Лазаревски-Цвај, уште еден велешанец репресиран по линија на ИБ, вака раскажува за својот сограѓанин: „Беше 12 јули утрината кога одевме на работа. Одеднаш некои свикаа дека човек паднал од стројот. Гледав како некој ќе го чукне со нога, ќе измине и кога пред мене лежи чичко Панко. И покрај строгите наредби, се наведнав, го зедов врз себе и се упатив кон амбулантата што беше оддалечена над 200 метри. Носејќи го врз себе, чувствував како диши. Го однесов во амбулантата... Вечерта пред бараката ме изнесоа. Беше поставен строј. Ми рекоа дека сум направил грешка што сум го однел човекот во амбулантата. Ме натераа за казна неколку пати да поминам низ стројот. Ме тепаа...“
„Катарзата е АСНОМ 1944 година. Драмата почна во фаталната 1948 година. Епилогот е Голи Оток и симболот на бројките: 13 часот, 13 јули, кои како да ја носат во себе пораката: Од мене нема да умре с`“, рече д-р Вера Весковиќ-Вангели. Таа смета дека вистината за животот на скромниот учител и сензибилен револуционер останала замаглена до денешни дни. „Останаа неразврзани неговите дамарни јазли, плими и осеки, љубовта и сомневањето, неразрешените конфликти со Комунистичката партија на која ~ веруваше и ~ припаѓаше со целото свое битие. Во времето што е зад него партискиот ’критичен филтер‘ не им дозволи на фактите да ја обезбедат светлината на денот“, забележа Вангели. Според неа, таквото однесување спрема Брашнаров било под притисок на еднаш изречената квалификација во декемвриските денови од 1950 година - предавник на партијата/татковината, што отворило можност за натамошна дисквалификација и молк околу него. „И така се создаде мистерија, но и митологија околу Панко Брашнаров. Тие ја потврдуваа или отфрлаа до целосно игнорирање на неговата упорност на страстен борец за решавање на македонското национално прашање и не можеа да го најдат спојот со неговата идеолошка определеност кон комунистичкото движење“, рече Вангели.
Политичкото самоуништување на Брашнаров, всушност, настапило во часот на неговото изјаснување за Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, во екот на антиибеовската и антисоветска кампања во ФНРЈ и обратно. „Последната фаза од животот на Брашнаров ја носи сигнатурата - информбировец. Во моментот на експлозијата на Информбирото, од владејачката КПМ/КПЈ Брашнаров е жигосан како идеолошки еретик. Иако не беше коминтерновски комунист, тој стана парадигматична жртва на своите ’интернационалистички‘ и ’сепаратистички‘ уверувања... Така се случи големиот борец за национални права на македонскиот народ и еден од втемелувачите на македонската државност, во студените декемвриски денови на 1950 година, официјално да биде прогласен за ’државен непријател‘“, констатира д-р Вангели.
Академик Иван Катарџиев вели дека Брашнаров е стамена личност, со личен интегритет, свои принципи како околу прашањето за ослободителната борба на македонскиот народ така и за комунизмот како интернационално движење. „Панко Брашнаров е комунист, идеалист, но и македонски патриот. Неговиот опис на образот на Македонија во говорот при отворањето на Првото заседание на АСНОМ во манастирот ’Прохор Пчињски‘ во 1944 година е антологиски“, вели  Катарџиев, нагласувајќи дека со изјаснувањето за Резолуцијата на Информбирото, тој верувал дека верно им служи на интернационалните идеали на работничката класа и на пролетерската револуција кои одамна биле претворени во служба на империјалистичките цели на Сталиновата држава. Според него, Панковото изјаснување за ИБ било лично. „Тој целиот живот работеше како комунист и македонски револуционер. Каков парадокс. Умре токму поради своето учество во национално-ослободителното движење за својата македонска држава, на чие создавање го посветил целиот живот, без остаток“, заклучи академик Катарџиев.
Постојат многу нејаснотии околу тоа каде почиваат останките на Панко Брашнаров. Дали бил закопан во импровизираните голооточки гробишта или, пак, неговото тело е фрлено во водите на Јадранското Море со камен околу градите, како и на многумина починати заточеници на Голи Оток. Во полициските документи стои дека  не е познато местото каде е закопан. Јордан Лазаревски-Цвај  вели дека на 13 јули бил повикан во амбулантата каде што починал Брашнаров. „...Ни беше речено да го закопаме. Го зедовме телото на чичко Панко и го однесовме околу 160 метри над амбулантата. Таму му ископавме гроб. Во наредните денови, по наша иницијатива, направивме крст и го поставивме на гробот. По крстот се разликуваше од другите гробови... Кон ова место, кон гробот, погледнував и тогаш кога вторпат ме донесоа на Голи Оток. На гробот с` уште ги чувствував слабите отчукувања на неговото срце“.
Јонче Фотев, син на Богоја Фотев, во своите сеќавања вели дека еден ден кога шетал крај брегот на Голи Оток, во 1954 година, забележал некакви гробови со лимени кутии на кои биле испишани имиња на покојниците. „Беа мошне оштетени од солената вода, но, сепак, уште добро се читаа имињата. Се стресов кога на една од тие кутии го прочитав и името на Панко Брашнаров. Уште повеќе поради тоа што дотогаш не знаев дека тој бил затворен на Голи Оток...“ Меѓутоа, Тане Танески од охридското село Белчишта кажува друга верзија. Тој вели дека дента кога починал Брашнаров, го испратиле во болницата да го поправи рендгенот. Таму бил и Светозар Чочороски, со кого се познавал, кој му го покажал мртвот�� тело на Панко, покриено со чаршав. Танески вели дека неговото тело заедно со Чочороски го видел уште еднаш, на  бродот, но дали го однеле со бродот некаде да го погребат или го фрлиле в море, Танески не кажува во својата „Голооточка исповед“.
По смртта на Панко Брашнаров, неговата најблиска роднина Богда Брашнарова, која живеела заедно со него во Скопје, за смртта била известена по неколку месеци, дури на 12.11.1951 година. Веста стасала и во родниот Велес. Неговиот брат Милан, на семејните гробишта во црквата „Свети Пантелејмон“ поставил крст и фотографија на Панко облечен во англиска униформа. Велат дека фотографијата набрзо ја снемало. Три децении подоцна, на споменикот на Брашнарови е напишано и името на Панко.


© 2001 Утрински Весник, сите права задржани