Број 1989 понеделник, 16 октомври 2006


  Дневник

   

 

Косово во длабока тага за човекот кој пред 16 години ја поведе битката за независност
Илјадници луѓе се простуваа од починатиот претседател Ругова
Многу странски државници се очекуваат на погребот

Сопругата на починатиот претседател Ибрахим Ругова, Фанија, покрај ковчегот изложен во Собранието на Косово
Од наШиот известуваЧ
Димитар Чулев
ПриШтина - Илјадници луѓе вчера во Приштина чекаа со часови на главната приштинска улица "Мајка Тереза° да му оддадат почит на починатиот претседател Ибрахим Ругова чии посмртни останки беа изложени во косовскиот парламент. На температура пониска од минус 10 степени тишината во редицата долга повеќе до 500 метри ја прекинуваа само возилата на брза помош кои речиси на секој 10 минути пренесуваа луѓе кои, изнемоштени од долгото чекање, но и од студот, паѓаа во несвест.
"Изгубивме човек кој сакаше мир и ништо повеќе од она што го имаат другите околу Косово. Косово има луѓе кои ќе го наследат, но не и такви од калибар каков што беше Ругова°, вели 40-годишниот Риза Красниќи, правник од Приштина, кој беше еден од илјадниците во редицата.
Арбен Лапаштица, момче на 20-ина години, кој од 9 часот изутрина чекаше да се поклони пред одарот, рече дека Ругова почина во најкритичниот миг за Косово - останува вакуум на политичката сцена, но верувам дека има политичари, млади луѓе кои ќе го наследат неговото дело", вели Арбен.
Косовскиот претседател Ругова, кој почина во саботата три и пол месеци од кога на 5 септември минатата година објави јавно дека е болен од рак на белите дробови, ќе биде погребан денес на гробиштата на националните херои во Веланија - населба во Приштина во чија близина беше и семејната куќа на Ругова.
Еден час пред тоа, во 13 часот ќе му биде оддадена последна почит во големата спортска сала во рамките на студентскиот центар "1 Октомври°. Посебниот одбор надлежен за спроведување на погребот објави дека  од претседателот Ругова ќе се простат Сорен Јесен Петерсен, Неџат Даци, претседател на Собранието, Бајрам Косуми, премиер, Кољ Бериша во името на Демократскиот сојуз, чиј лидер беше Ругова, и еден член на семејството.
Од колеги-новинари дознаваме дека семејството се откажа од намерата Ругова да биде закопан во семејната гробница на градските гробишта  веднаш до гробот на неговата мајка и  надгробната плоча на неговиот татко, кој исчезна 1945 година. Целата одговорност и организација на погребот е во рацете на Косовскиот заштитен корпус - КЗК и погребот ќе има национален и државен карактер, без никакви религиски ритуали. Ругова, кој по вероисповед беше католик, никогаш јавно не се произнесол за својата вероисповед, ниту пак за исламот. До синоќа  дури 36 официјални делегации допатуваа во Приштина, од кои повеќето на претседателско и на премиерско ниво. Како што дознаваме, покрај најбројната делегација од Албанија, во Приштина ќе допатуваат претседателите на Македонија, Хрватска и на Црна Гора, а вечерта ден пред погребот  ќе дојде и Хавиер Солана.
Аеродромот во Приштина "Ријад" има слетувања речиси секоја минута и заради тие цели е ставен во функција и воениот аеродром "Ѓаково". Како што дознаваме, побарано е во пресрет, поради бројните делегации, во состојба на готовност да биде и скопскиот аеродром. Илјадници Албанци од дијаспората секојдневно на граничните премини или преку аеродромот доаѓаат во Приштина заради погребот. Телевизија Косово објави фотографија и разговор со еден Албанец, кој дојде дури од Америка и трпеливо чекаше во редот да стигне до одарот на Ругова. Наводно, туристичките агенции ги зголемија и цените на билетите поради огромната побарувачка.Така, повратен билет за оние што доаѓаат од Швајцарија е 700 евра. Не можевме да добиеме прецизен број, меѓутоа во Приштина има над 1.000 странски новинари  кои вчера со часови чекаа трпеливо пред канцелариите на УНМИК да добијат акредитив заради слободно движење низ градот и за денешниот погреб.
Останаа три празни места по смртта на Ругова, коментира колега-новинар, еден од многуте кои вчера со часови заедно со толпата стоеше на улицата "Мајка Тереза°. Ругова беше претседател на Косово, два пати избран легално и признат од меѓународната заедница, но и двапати претходно во 1992 и 1998 година. Тој беше 16 години лидер на Демократскиот сојуз на Косово, кое започна како движење и прерасна во најмоќна политичка партија на косовската сцена. Ругова требаше да го предводи косовскиот преговарачки тим на разговорите закажани за 25 јануари во Виена. Прогласена е 15- дневна жалост, што значи дека преговорите засега се одложуваат за непознат термин.
Исто така, ситуацијата ја компликува тоа што косовскиот парламент во рок од три месеци треба да избере нов претседател. Како најсериозни кандидати се спомнуваат тројца луѓе од партијата на Ругова: Сабри Хамити, шеф на парламентарната група, Љутви Хазири, актуелен министер за локална самоуправа, и Неџат Даци, кој сега ја врши функцијата привремен претседател на Косово до изборот на новиот претседател. Извесно е дека новиот шеф на Косово ќе биде од редовите на Демократскиот сојуз кој има најбројна пратеничка група и коалицира со Алијансата за иднината на Косово на поранешниот премиер Рамуш Харадинај.
Кругови во Приштина и познавачи на ситуацијата тврдат дека речиси е неизвесно дека функцијата претседател би можел да ја добие Адем Демаќи т.н. косовски Мендела, Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово и некогашен командант на ОВК, или Ветон Сурои, публицист и интелектуалец, кој веројатно најмногу Ј одговара на меѓународната заедница.
Не можевме да дознаеме дали претставници на косовските Срби вчера се поклонија пред одарот на Ругова и дали ќе испратат свој претставник на денешниот погреб. Весниците само ја потврдуваат веста дека од Белград нема да присуствува официјална делегација, а семејството на Ругова лично се спротивставило на предлогот на српскиот претседател Борис Тадиќ да дојде во Приштина. Приштинските кругови се навредени зошто во предлогот на Тадиќ, Ругова се третира како лидер на Албанците на една територија која Ј припаѓа на Србија.
Инаку, Белград вчера го заврши кругот на консултациите пред почетокот на преговорите, а странски агенции шпекулираат дека косовската страна сега, по заминувањето на Ругова, е неподготвена за преговори кои во првата фаза требаше да се однесуваат на децентрализацијата во оваа поранешна југословенска покраина. Во прилог на ова се спомнува дека и рокот од 15 дена жалост, во кој нема да има никакви спортски и културни активности, е намерно поставен заради купување време.
- Прашањето дали Косово ќе биде независно не е прашање, туку тоа ќе биде резултат на време, вели 50-годишен маж, кој сакаше да остане анонимен,  кој чекаше во редот да влезе во парламентот каде што беа изложени посмртните останки на Ругова. Луѓето со кои разговаравме во моментот воопшто не сакаат да мислат на преговорите меѓу Приштина и Белград, на кои инсистира меѓународната заедница, како почеток за разрешување на финалниот статус на Косово.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани