Број 1928 понеделник, 16 октомври 2006


  СТИЛ

   

 

Петрит Баута (70), еден од најдобрите фудбалери на Караорман и сојузен фудбалски судија
Поради црвениот картон се откажав од фудбалот

Миодраг МицковиЌ



Петрит Баута, еден од најголемите фудбалери на Караорман на сите времиња, сојузен судија по завршувањето на фудбалската кариера, човек кој триесетина години беше на зелениот терен и остави длабоки траги во фудбалот во градот на брегот на Охридското Езеро - Струга. Играше во една од најуспешните генерации на Караорман, со Томо Тутенковски, Јаковче Попоски, браќата Ѓоргонски, Хаџкев, Матовски, Башуроски, Лазар Дуноски-Чалди. Како сојузен судија судеше на белградската "Маракана", на "Максимир", "Пољуд", на стадионот на ЈНА, на "Кантрида", судеше заедно со Марјан Рауш, Дамир Матовиновиќ. Еуген Шоштариќ, Душан Максимовиќ, Бериша Шинаси, беше еден од судиите на финалниот натпревар за Купот на Маршал Тито меѓу Сараево и Динамо во поранешна Југославија, што беше во тоа време големо признание за секој судија.
Богата е фудбалската и судиската кариера на Петрит Баута, чиј син е Беким Баута, меѓународен судија, до неодамна на главната листа на Првата лига на Македонија, но се повлече поради старосната граница.
Спортското семејство Баута е едно од најпознатите, не само во Струга туку и во Македонија.
Беше навистина интересен разговорот со Петрит Баута, кој последниве години е постојано во фудбалските форуми на ФФМ, член на Управниот одбор, претседател на Судискиот одбор.
Зошто се определивте токму за фудбалот, Струга во Вашето време беше повеќе град на пливачите, кои беа и најуспешни рекордери во Македонија?
- Не знам, навистина тешко можам сега да одговорам на ова прашање. Некако моите другари од маалото повеќе го сакаа фудбалот и така и јас на 15 години почнав да тренирам во Караорман. Можеби на оваа моја одлука влијаеше и мојот постар брат, кој за време на првите денови по ослободувањето играше за Караорман.
Дали се сеќавате на Вашиот прв меч за Караорман?
- Имав 16 години, тогашниот тренер на Караорман, Наќо Тотовски, ме стави во првиот тим на мечот со Преспа во Ресен. Ги играв сите 90 минути, немаше тогаш замени како денес.
Кои беа тие фудбалери со кои игравте против Преспа во Ресен?
- Беа многу поискусни и попознати од мене: голманот Кувенџиески-Шишко, Јаковче Попоски, Емуш, Тутенкоски, Перо Ѓоргоноски, Дуноски-Чалди, играчи кои долго време играа во тимот заедно со мене.
Кој беше најголемиот успех на Караорман за тие 12 години, колку што го носевте неговиот дрес?
- Најголем и најтажен. Навистина е така. Како прваци на Битолскиот потсојуз во 1958 година одигравме два квалификациски меча со Беласица од Струмица за влегување во тогашната Втора лига на Југославија. Цела Струга живееше за тие два меча, такво интересирање градот не памети. Во првиот натпревар ја победивме Беласица со 2:0 во Струга. Јас бев стрелец на првиот гол. Во реваншот, следени од 1.000 наши навивачи, ја победивме Беласица и во Струмица со 2:1. Се сеќавам дека судеше еден од најдобрите македонски и југословенски судии - Трајан Ивановски. На враќање во Струга славевме до раните утрински часови со нашите навивачи. Цела Струга излезе на улица да нў пречека. Но, славењето наредниот ден се претвори во голема тага. Од ФСМ, потоа и од ФСЈ, бевме известени дека не ги исполнуваме тогашните услови за да играме во Втората лига - Струга немаше 10.000 жители, немавме стадион за 5.000 гледачи, соблекувални... Залудно се жалевме, наместо во Втората југословенска лига, директно влеговме во Македонската. Тогаш немавме наши луѓе во ФС на Македонија да ни помогнат.
Кој беше најдобриот натпревар што сте го одиграле во Македонската лига?
- Ги има повеќе. Мислам дека најдобра игра сум покажал против Гоце Делчев (денес Победа) во Прилеп кога победивме со 2:1, потоа со Пелистер, Брегалница, битолски Работник и, јасно, секогаш против нашиот традиционален ривал Охрид.
Зошто се определивте за одбранбен играч, дали поради Вашата височина?
- Не, играв постојано во одбраната, на еден меч дури бев и голман, двајцата наши голмани беа повредени. Сепак, најмногу ми одговараше да играм во средина на теренот, десен халф.
Со кои играчи во Македонската лига "војувавте° на теренот, кој беше најтежок за чување?
- Според мене, кавадарчанецот Ангел Кимов. Многу го почитував како фудбалер, знаеше да постигне гол од невозможни ситуации. Роден голгетер. Потоа и охриѓанецот Киро Заров, одличен играч.
Дали водевте евиденција колку голови сте постигнале за Караорман?
- Навистина денес ми е жал што не водев евиденција за моите настапи во дресот на Караорман и за постигнатите голови. Знам дека ги имаше многу во тандем со Томе Тутенковски, кој некако беше задолжен за голови. Можеби единствено би можел да пресметам, но мислам дека имам одиграно околу 600 натпревари за струшкиот тим. Не е тоа малку, многу време минав на зелениот терен трчајќи по топката.
Дали би сакале да ни го издиктирате најдобриот состав на Караорман во кој имате играно?
- Љубомир Ѓук, Перо Ѓоргоноски, Башуроски, Матоски, Емуш, Дуноски, Ефтимовски, Тутенкоски, Попоски, Паско, Ѓоргоноски, Хаџиев.
Според Вас, кој е најдобар фудбалер на Струга, поточно на Караорман, на сите времиња?
- Јас гласам за Лазар Дуноски-Чалди. Играч кој го имаше фудбалот во малото прсте.
Струга секогаш живееше за вечното езерско дерби меѓу Караорман и Охрид без оглед каде и да се играше?
- Тие натпревари беа ретко виден спектакл, преполни трибини, навивање, можеше цел филм да се сними за тие средби. Можевме од кој било да загубиме, навивачите ќе ни простеа, но пораз од Охрид - никако. Се сеќавам на една наша победа од 3:0 во 1962 година во Струга. Ги растуривме. За Охрид играа Киро Заров, Војо Спасовски, Здравко Точко, Ламбе Арнаудов. Победувавме, но и губевме од Охрид. Така е тоа во фудбалот.
Кога ја завршивте фудбалската кариера?
- По мечот со Пелистер во Битола, кога незаслужено добив црвен картон, тој ми беше прв и последен. Толку бев изнервиран бидејќи не го заслужив и решив, иако имав 28 години, да му кажам збогум на фудбалот. Залудно ме убедуваа другарите да продолжам да играм, мојата одлука беше цврста и по 12 години талкање по зелениот терен, го соблеков дресот на Караорман, но набргу го облеков црниот, судискиот дрес.
Не ни кажавте кој судија Ви покажал црвен картон?
- Подобро и да не му го спомнувам името. Било, поминало. Но, токму тој црвен картон и судиската неправда ме принудија да се определам за судискиот позив. Во мојата кариера ми суделе многу познати македонски судии, имаше многу тенденциозности кон Караорман, особено на гостувањата. Затоа и се определив да станам судија, не ме интересираше материјалната страна и тие судиски такси и дневници. Едноставно, не сакав сосема да се одделам од фудбалот, сакав да останам со него. Па, тој ми беше мојата најголема љубов, како и денес, членувајќи во разни фудбалски форуми.
Се сеќавате ли на тие Ваши почетоци како сојузен судија?
- Одамна беше тоа. Знам единствено дека првиот меч во сојузна конкуренција ми беше во Ниш, како помошник меѓу Раднички и Напредак од Крушевац.
Имавте тешки натпревари и во Македонската и во Првата сојузна лига на Југославија?
- Во Македонската лига најтешко ми беше на средбите: Тиквеш - Вардар (Неготино), меѓу Беласица и штипска Брегалница, Југококта - Слога и Скопје - Пелистер. Тие беа некој вид дерби-средби, борба не само за бодови туку и за престиж. Не беше лесно да се судат.
Сў до завршувањето на судиската кариера поради старосната граница бевте на помошната листа на Првата лига на Југославија?
- Најмногу судев во тандем со Предраг Димовски-Буцо од Тетово. Меѓутоа, тогаш немаше судиски тројки, туку судиите беа "мешани°. Имаше и тешки натпревари за судење во тогашната Прва лига на Југославија. Ги судев средбите меѓу Црвена звезда и Хајдук, Црвена звезда - Динамо, Динамо - Партизан, Железничар - Сараево... Сепак, за мене најголемото признание беше кога бев одреден за помошен судија заедно со Бериша Шинаси од Приштина на финалето на Купот на Југославија меѓу Динамо и Сараево во Белград. Судеше Делевиќ од Белград. Некој ќе рече дека бев помошен, а не главен судија. Но, јас секогаш кажувам дека головите најчесто паѓаат од крило. Зарем не е така? Некогаш е потешко да бидеш помошен судија отколку главен, бидејќи сум бил и главен судија во Македонската лига и знам како е тоа.
Кои беа најдобрите македонски судии во Ваше време?
- Македонија отсекогаш имала одлични судии кои спаѓаа во југословенската елита: Томе Манојловски, Перула Костовски, Трајче Маџоски, Бошко Ангеловски, Трајан Ивановски, Крсте Крстевски...
Кога судев, и во Југославија имаше одлични судии предводени од Марјан Рауш, според мене, еден од најдобрите, Матовиновиќ, Ребац, Максимовиќ, Шоштариќ, потоа од помладите: Зоран Петровиќ, Глажар, Стипе Главина, за малку ќе го заборавев Миливое Гугуловиќ од Ниш.
Кога се простивте од свирчето, кој беше Вашиот последен меч како судија?
- Поради старосната граница, морав да се повлечам. Последен пат мавтав со знаменцето на мечот Вардар - Железничар во Скопје. Тоа беше и моето конечно простување од зелениот терен, ми беше приредена пригодна свеченост од страна на управите на Вардар и Железничар, ФСМ, ФСЈ, беше тоа незаборавен ден.
Бевте фудбалер и судија, што беше потешко за Вас?
- Многу е потешко да се суди отколку да се игра фудбал. Одговорноста како судија е многу поголема, секоја одлука мораш да ја донесеш во дел од секундата, дали е офсајд, дали беше пенал, и концентрацијата кај судењето е многу поголема отколку како фудбалер. И на крајот, грешките на судиите подолго се паметат отколку на играчите.
Што беше фудбалот за Вас?
- Задоволство, афирмација за мојот клуб и град, стекнување голем број спортски пријатели, кои ги имам денес низ цела Македонија и поранешна Југославија. Судењето, пак, ми беше и задоволство и желба да придонесам за развојот на фудбалот во Македонија, според моите можности. Никогаш, ниту како фудбалер ниту како судија, не сум размислувал за материјалните придобивки од спортот. Бев професор, имав егзистенција, не живеев од фудбалот и од судењето.


 


© 2001 Утрински Весник, сите права задржани